Економија
Агрокомбинатот Џумајлија стартуваше со работа
Индиската компанија „Сахара Груп“ со рпавославни христијански и индиски обичаи за бериќетна работа официјално во вторникот ја започна реализацијата на проектот за реорганизација на агрокомбинатот „Џумајлија“, во Овче Поле, инвестиција проценета на попвеќе од 200 милиони евра.
Во следните три години, како што најавија инвеститорите, планирано е „Сахара Груп“ да изгради регионален млекопреработувачки капацитет со фабрика за добиточна храна и млекарница со фарма од 20 илјади грла говеда во која ќе се произведуваат 80 илјади литри млеко дневно.
За еден месец ќе започне изградбата на објектите за сместување добитокот, а за една година се очекува да биде пласирано првото млеко од оваа млекарница на македонскиот пазар.
Инвестицијата на „Сахара Груп“ ќе обезбеди вработување на околу две илјади работнции, а според надлежните со овој проект ќе се задоволат потребите на домашниот пазар со млеко и млечни производи и сточна храна.
„Проектот на ‘Сахара Груп’ за инвестирање во македонското земјоделство и посебно во млекопроизводството од денес станува реалност. Тоа е најголемиот проект, најголемата инвестиција во македонското земјоделство во последните 25 години. Оваа инвестиција на ‘Сахара Груп’ во Овчеполието ќе претставува препород за регионите на Лозово, Свети Николе, на целото Овчеполие. Во најдобрите денови на агрокомбинатот ‘Џумајлија’ имаше околу 500 вработувања креирани во земјоделството. Очекуваме врз основа на договорот којшто го потпишавме во вкупно три години да бидат реализирани околу две илјади директни вработувања, а секако ќе има индиректни ефекти, односно индиректни вработувања кои ќе ги донесе овој проект“, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Според Ставрески, оваа инвестиција, освен средства, ќе донесе и знаењеа коишто се неопходни за подигнување на конкурентноста на македонското земјоделство.
„Спојот на плодната македонска земја и квалитетот на производството што го нуди Индија во делот на земјоделството ќе придонесе македонските земјоделски производи да имаат поголема конкурентност и приносите да бидат поголеми за околу 30 отсто во однос на сегашните, како и да се произведува квалитетно млеко кое ќе биде нов извозен производ за Република Македонија“, додаде Ставрески.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски оцени дека проектот претставува потврда на заложбите на Владата во обезбедувањето услови за влез на странскиот капитал и сериозно инвестирање во регионите каде што тоа е најпотребно.
„Покрај ревитализацијата на најзначајните, но запустени производни капацитети на бившиот агрокомбинат ‘Џумајлија’, според договорот за закуп кој со одлука на Владата е склучен со Министерството за земјоделство, инвестицијата при постигнување на полниот капацитет во предвидениот период од три години треба да даде значителен придонес во развојот на млечниот сектор преку нови количини производство на млеко од 80 илјади литри на дневна основа и производство на сточна храна од 75 илјади тони годишно“, потенцираше Димовски.
Генералниот менаџер на „Сахара Груп“, А.П. Сина рече дека имаат капацитет да го реализираат проектот и да ги исполнат ветувањата дадени пред македонските граѓани и пред Владата.
„Сахара Груп“ го доби земјоделското земјиште во пропаднатиот агрокомбинат на концесија од 15 години со можност за продолжување, а закупот што треба да го плаќа годишно е 121.000 евра. „Џумајлија“ е вториот најголем агрокомбинат во Македонија. Поседува 6.000 хектари обработливо земјиште и 6.000 хектари пасишта. Пред да пропадне годишно произведуваше над 20.000 тони житни и фуражни култури./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.