Економија
Најсилен раст на деловните активности во еврозоната од јуни 2011 година
Активностите на компаниите во производствениот и во услужниот сектор забележале во август најголем скок во изминатите повеќе од две години, благодарејќи на првиот раст на новите нарачки од средината на 2011 година, покажа конечниот извештај на лондонскиот институт Markit, кој сугерира благ раст на економиите во вториот квартал од 2013 година.
Збирниот индекс на менаџерите на набавката PMI кој го изработува лондонскиот истражувачки институт Markit а ги опфаќа производствениот и секторот на услугите во 17-члената еврозона, во август достигнал 51,5 поени, за разлика од јулските 50,5 поени. Тоа е неговото највисоко ниво од јуни 2011 година, иако е нешто пониско во споредба со првично проценетите 51,7 поени, се наведува во соопштението на институтот од средата.
Индексот на новите нарачки, притоа, е зголемен за 51 поен, со што првпат од јули 2011 година го надмина нивото од 50 поени коешто ги дели растот од падот. Тоа би можело да претставува добра вест за Европската централна банка (ECB) којашто во четврток на редовното месечно заседание ќе одлучува за чекорите што ќе ги презема во иднина во сферата на монетарната политика.
„Заздравувањето на еврозоната изгледа раширен на сé поширока основа, со излегување од рецесијата на сé поголем број сектори и земји. Иако сликата за ситуацијата се подобрува, новиот извештај и натаму сугерира само многу скромен раст на економијата“, вели главниот економист на Markit, Крис Вилијамсон.
Меѓу двете најголеми економии во еврозоната и натаму се забележуваат големи разлики. Така, збирниот индекс PMI за Германија скокна на 53,5 поени, највисокото ниво во изминатите седум месеци, додека францускиот PMI е намален на 48,8 поени, од јулските 49,1 поени, што значи дека активностите таму и натаму се во пад.
Вилијамсон додава дека збирниот индекс PMI за еврозоната, добиен на основа на резултатите од анкетите меѓу илјадници компании, сугерира дека економијата ќе порасне за 0,2 отсто во овој квартал.
Индексот PMI за секторот услуги скокна на 50,7 поени, од јулските, 49,8 поени, што е првпат да ја минува границата од 50 поени, од почетокот на 2012 година. Притоа, очекувањето на деловните челници за индиската достигнала највисоко ниво во последните 17 месеци.
Во врска со вработувањето на новите работници, компаниите во еврозоната сé уште се многу колебливи. Во август, така, бројот на вработените дополнително е намален, и до веќе дваесет месеци со ред, со дури и нешто поголемо темпо на откази отколку во јули.
„Продолженото губење на работните места сугерира дека клучниот фокус на ECB ќе биде на тоа да ги убеди пазарите дека каматните стапки нема да растат во догледна иднина“, заклучува Вилијамсон./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.