Економија
Гејтс 20 години по ред е најбогатиот Американец
Основачот на технолошкиот гигант „Microsoft“ Бил Гејтс, веќе дваесет години по ред е најбогатиот Американец, а со вкупниот имот проценет н а72 милијарди американски долари оваа година ја врати и титулата најбогат човек на светот којашто му ја преземе мексиканскиот милијардер Карлос Слим, пишува магазинот Forbes во своето 32-ро рангирање на најбогатите луѓе во САД.
На второ место меѓу најбогатите американци е инвеститорот Ворен Бафет, како и минатата година, а забележал зголемување на своето богатство за дури 12,5 милијарди, на 58,5 милијарди долари. Тројката најбогати Американци останува непроменета од минатата година, зашто основачот и челникот на корпорацијата „Oracle“, Лари Елисон, чијашто вкупна сопственост е проценета на 41 милијарда долари.
Минатата година Гејтс располагал со 66 милијарди, Бафет со 46, а Елисон со 41 милијарда долари.
Основачот на социјалната мрежа Facebook, Марк Цукенберг, со имот во износ од 9,6 милијарди долари се врати годинава на списокот од дваесетте најбогати Американци.
Процентуално, најголемо зголемување на своето богатство имал основачот на компјутерската компанија „Workday“, Дејвид Дафилд, кој тројно го зголемил своето богатство на 6,4 милијарди долари.
Така, пет години по почетокот на финансиската криза којашто ги подјаде богатствата на многу Американци, сепак, групата најбогати го поврати сето она што претходните години го загуби.
Според споредбите од списокот на Forbes, 400-те најбогати Американци „тежат“ повеќе од два трилиона долари што одговара на бруто домашниот производ (БДП) на Русија. Богатството на првите 400 Американци изнесува пет милијарди долари, односно за 800 милиони долари повеќе отколку претходната 2012 година.
Најсиромашниот меѓу 400-те најбогати американци има „само“ 1,3 милијарди долари, а под оваа сума има уште 61 американски богаташ.
Девет од листата на 400 милијардери во САД се помлади од 40 години, а само 30 од сите изминатата година го намалиле своето богатство. Најмладиот е 29-годишниот Дастин Московиц соосновач на Facebook, со богатство од 5,3 милијарди долари, двојно повеќе од минатата година благодарејќи на порастот на акциите на социјалната мрежа.
Но, лидерите на листата Гејтс и Бафет се познати не само по своето богатство, туку исто така и по нивните големи и бројни хуманитарни донации. Во јуни 2011 година, тие започнаа хуманитарната кампања Giving Pledge, и веќе за неколку месеци собраа околу 40 милијардери од САД кои потпишаа „завет за дарувања“. Задолжителниот дел од приклучувањето на иницијативата е чинот на „јавното потврдување“ на своите намери, односно давање писмена обврска да донираат во добротворни цели повеќе од половината од личното богатство. Според „заветот за дарување“, донациите може да бидат дадени за време на животот на учесникот во иницијативата, а и по неговата смрт./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.