Економија
Богов: Процената на растот ќе биде ревидирана нагоре
За годинава нашата проекција сè уште е 2,2 процента, но по објавувањето на податоците за вториот квартал за БДП, веројатно ќе дојде до поместување нагоре. Сега ја започнуваме новата рунда проекции која ќе биде готова кон крајот на октомври, но за очекување е дека растот на Бруто домашниот производ оваа година веројатно ќе биде над 3 отсто, рече гувернерот на Народната банка, Димитар Богов во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Гувернерот, исто така, потсетува дека потребен е раст во континуитет. „Значи раст од 3,4, па и 5 проценти во континуитет од повеќе години за тоа позначително да се почувствува кај сите граѓани, кај сите слоеви и кај сите претпријатија“, вели Богов.
„Интересно е дека депозитите континуирано растат кај нас, дури и во најтешките моменти на глобалната финансиска криза почетокот на 2009 година ние имавме пораст на депозитите“, вели натаму во интервјуто Богов.
„Тешко е некогаш да се објасни од каде доаѓа тој прилив, меѓутоа укажува дека има во економијата извори што создаваат приходи, потенцијал за штедење. Значи штедењето, иако е можеби недоволно, сè уште е значително во нашата земја и тој раст на депозитите е нешто понизок од оние добри години, меѓутоа е позитивен и е во континуитет, што е охрабрувачки. Економски раст во секој случај би требало да предизвика и пораст на оваа стапка на раст на депозитите- ако оваа година тие растат со пет, шест отсто, очекуваме да се вратат на стапките од повеќе од 10 отсто“, коментира Гувернерот на централната банка на Македонија.
„Можеме да констатираме дека депозитниот раст е повисок од кредитниот раст во последните неколку години, но исто така растот на депозитите е рефлексија и на немањето доволно други алтернативи за инвестирање“, истакнува Богов.
Берзата е замрена, како што вели гувернерот, нема други финансиски пазари каде што оние граѓани кои имаат штедење може да го пласираат и поради тоа, оценува Богов.
„Секое штедење се пласира главно во депозити кај банките, така што тука е концентриран целиот оној потенцијал кој постои во македонската економија“, вели гувернерот Димитар Богов во интервјуто за Радио Слободна Европа./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.