Економија
Извозот расте, но се очекува наоѓање нови пазари
Раст на извозот од 5 отсто во првите седум месеци и раст на европскиот извоз за 17,5 отсто придонесува зголемување на нарачки за македонски производи од западните земји, порача министерот за економија, Ваљон Сараќини на конференцијата на тема: „Како до поголем извоз“.
На конференцијата се дискутираше за активностите кои се преземаат за поддршка на извозот, но и за пристапот до финансии и промоција на извозот.
„Она што радува во последниов период е раздвижување на трговијата, а со тоа и на економијата, бидејќи според податоците состојбата на извозот драстично се менува во 2013 година, па можеме да забележиме дека имаме раст на извозот од 5% за седумте месеци од оваа година. Особено е значаен растот на извозот во ЕУ од 17,5 отсто. Покрај ова, растот на извозот, особено во 2013 година, во однос на растот на увозот, значително влијае на намалувањето на трговскиот дефицит“, рече Сараќини.
Оваа состојба, според него, е резултат на излезот од кризата, како и на владините мерки кои придонесоа на амортизација на негативните ефекти од светската економска криза.
„Благодарение на сето ова имаме зголемување на нарачките за наши производи од западните земји, ја продолжуваме поддршката на малите и средни претпријатија за подобрување на нивната конкурентност, обезбедивме ефтини кредити по поволни услови, креиравме мерки кои го најдоа своето место во Стратегијата за промоција и поддршка на извозот. За нас е значајно што 16 земји од Еврозоната бележат економски раст во првата половина на 2013, а главна е Германија, со најголем економски раст од 0,7 отсто во вториот квартал на 2013 година, земја која е воедно и наш главен извозен партнер. Но, овој раст не е доволен. Ние како Влада, очекуваме компаниите да играат клучна улога во потрагата по нови пазари, да ја подобрат конкурентноста, да бидат иновативни, да создаваат брендови со кои ќе ја промовираат Македонија во странство, што практично би значело интернационализација на економијата“, рече Сараќини пред бизнисмените.
Перспективите на економскиот развој, според него се во оживување на нашата индустрија, а еден од економските потенцијали, гледано на долг рок, за да се развие конкурентноста на приватниот сектор со цел да биде конкурентен на извозниот пазар, претставува развојот на вештини и комерцијализација на иновациите, поради што Владата подготви сеопфатна Стратегија за развој на иновациите за периодот 2012-2020, како и Закон за поттикнување на иновациите, со кој меѓу другото се предвидува формирање Фонд за иновации и технолошки развој, што значи се планира преку Фондот да се обезбедуваат средства за поттикнување на иновациската дејност во вид на: грантови за кофинансирање на новоосновани старт-ап и спин-офф компании, кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации, еквити инвестиции, кофинансирани грантови за трансфер на технологии и техничка помош. Со поддршката на овој Фонд, Република Македонија ќе може постепено да го исполни критериумот од Лисабонската стратегија на ЕУ, што значи 3 отсто од БДП да се обезбедат за инвестиции во истражување и развој. Имено, според статистиката европските земји учествуваат со 2 отсто, а Република Македонија со 0,4 отсто.
Освен Фондот, постојат поволни кредитни линии за компаниите преку Македонската Банка за поддршка на развојот, која пред бизнисмените ги претстави своите производи. Досега, од кредитните линии во претходните три фази, одобрени се средства во вкупен износ од 250 милиони евра, повлечени се вкупно 222 милиони евра или 88 отсто реализација за 761 проект и за отворање на нови 4.782 работни места, а набрзо се планира да започне со реализација четвртата кредитна линија во износ од нови 100 милиони евра, со што ќе продолжи поддршката на компаниите со квалитетни кредитни средства по поволни услови, со фиксна годишна стапка од 5,5 отсто и со рокови на отплата до осум години за инвестиции, и до три години за обртни средства.
Претставникот на Стопанската комора на Македонија, Антони Пешев, истакна дека најважно е окрупнување на нашата економија, здружување на помалите компании во поголеми и заеднички напори за наоѓање на поголеми инвеститори.
Претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Мендерес Кучи, појасни дека успешноста на една економија се мери по конкурентноста, дека нашите компании треба да инвестираат во знаење, да станат поконкурентни на пазарот, а воедно ја поздрави иницијативата на Министерството за економија за одржување на оваа конференција, бидејќи преку дијалог со компаниите ќе можат да се лоцираат проблемите со кои се соочуваат компаниите при извоз./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.