Економија
Глобалните испораки на 'персоналци' паднаа на најниско ниво во пет години
Глобалните испораки на персонални компјутери (PC) паднале во третиот квартал од 2013 година на најниското ниво во последните пет години, според истражувањето на специјализираната компанија „Gartner“.
Во три месеца од крајот на јуни испорачани се во светот 80,3 милиони персонални компјутери, што претставува 8,6 отсто помалку отколку во истиот период минатата 2012 година, според истражувањето на „Gartner“.
Продажбата на персоналните компјутери паѓа веќе шести месец поп ред, поради се поголемата популарност на таблет компјутерите и смарт телефоните. Во компанијата толкуваа дека падот на цената на таблетите ја подјал продажбата на персоналните компјутери особен на пазарите во формирање.
„Бројот инсталирани персонални компјутери, како на развиените, така и на пазарите во формирање дополнително се намалил поради продолженото преминување на потрошувачите од персонални компјутери и на таблети кога станува збор се секојдневното консумирање на содржините„. Подостапните евтини Android таблети ги привлекоа потрошувачите на пазарите во формирање, како и оние на развиените пазари“, вели во соопштението Микако Китагава, главен аналитичар во „Gartner“.
Компанијата за истражување IDC, исто така, во четвртокот ги објави податоците кои покажуваат пад на испораките на персоналните компјутери ширум светот во третиот годинешен квартал. Но пресметките на оваа компанијата покажуваат дека овој пад изнесува 71, отсто, на 81,6 милиони, имајќи предвид дека користи поинаква методологија на пресметките. Во IDC, исто така, очекуваат дека моменталниот пад на продажбата на персоналните компјутери веројатно ќе продолжи и идната година.
„Без разлика дали кочница претставува слабата економија или се пребирливи кога вложуваат во технологиите, купувачите и натаму ги проценуваат можностите и ги одложуваат замените на персоналните компјутери“, вели Лорен Ловерде, потпретседател на компанијата „IDC Worldwide PC Trackers“.
Во јули годинава во IDC сé уште очекуваа одредено подобрување на продажбата во втората половина од 2013 година, меѓутоа со времето го променија мислењето.
„Третиот квартал беше доста близу прогнозите, што, за жал, не го одразува значителното подобрување на пазарот на персоналните компјутери, ниту потенцијалот за раст во краткорочен период“, додава Ловерде./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.