Економија
СЕАФ 2 фондот ќе започне со инвестиции за поддршка на македонските компании
СЕАФ 2 фондот е формиран и наскоро ќе започне со инвестиции во земјата, соопшти извршниот претседател и ко-основач на СЕАФ, Хуберт Ван дер Варт. Формирањето на фондот беше најавено лани на првиот Глобален инвестициски самит на „Македонија 2025“, а веќе кон крајот на годинава, оваа идеја ќе се реализира.
„Го имаме првиот договор и првите пари веќе стигнаа, ќе почнеме со инвестиции, имаме една интересна фирма и ќе помогнеме за од еден до два месеци да објавиме дека постои оваа инвестиција, СЕАФ 2 е дојден во Македонија, капиталот за ризични инвестиции е дојден и се надеваме дека со проширувањето на инвестициите ќе се проширува и фондот“, изјави Ван дер Варт.
Фондот досега ги собрал потребните средства за инвестиции, а има и приватни фирми и инстутиции кои дополнително ќе придонесат за собирање на средствата.
„Имаме доволно средства за она што ни е потребно за инвестициите, собравме околу 3 милиони евра а очекуваме од 10 до 15 милиони евра, ќе има и регионален фонд кој ќе придонесе, а има и приватни фирми и институции кои треба да придонесат во инвестирањето“, вели тој.
Според останатите учесници, резултатите од вториот Глобален инвестициски самит на „Македонија 2025“ се видливи и се однесува на размената на знаењата меѓу Македонците кои живеат во земјата, и оние од дијаспората.
„Успехот на самитот е доказ дека можеме да ги проширме овие патишта на размена на знаењата и комуникацијата меѓу луѓето што живеат во Македонија и во дијаспората и пријателите на нашата дијаспора, мислам дека сме на вистинскиот пат да изградиме посилна нација“, изјави Зоран Мартиновски, претседавач со Самитот и член на одборот на „Македонија 2025“.
Македонија има добра иднина и добри изгледи за успех во повеќе економски сектори, вели и Вера Ставроф, член на одборот на „Македонија 2025“.
„Иднината е блескава, имаме голема иднина во автомобилскиот сектор, информатичкиот сектор, но и во фармакологијата, а има и големи можности во земјоделството и текстилната индустрија“, изјави Ставроф.
Според претседателот на одборот на „Македонија 2025“, Мајк Зафировски, една од главните цели на самитот е да се постигнат конкретни цели за тоа како земјата ќе изгледа во 2025-та година.
„Луѓето зборуваат за промените во свтот, бидете промената што другите сакаат да бидат. Македонија треба да постигне напредок што ќе го движат поедници, но ќе бидат подготвени да работат во екипа, тука сум да помогнам да се изрази послна нација, почнавме со општи изјави, и се надеваме дека ќе помогнеме, и даваме насоки за тоа каква мислиме дека земјата ќе биде во 2025-та година“, изјави Зафировски.
Она од што Зафировски е особено задоволен, тоа што и Самитот успеал да донесе фидбек од присутните и од светските компании, и ова треба да биде стимул за подобрување на странските инвестиции.
На вториот глобален инвестицски самит на „Македонија 2025“ учествуваа повеќе од 350 гости од над 20 земји, а меѓу звучните компании чии претставници беа присутни беа и Microsoft, Bombardier, Telus, Nokia, Motorolla и Phillips./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.
Економија
Континуирана едукација и почитување на етичките и професионалните меѓународни стандарди се клучни за статусот и развојот на сметководството
Неопходни се одлучни чекори, јасна институционална поддршка и соработка помеѓу сите засегнати страни и партнери во процесот, како и искористување на искуствата на земјите од регионот, за да се овозможи натамошен развој на сметководствената дејност и унапредување на статусот на професионалните сметководители во нашата земја.
Ова се дел од препораките на учесниците на регионалната конференција посветена на трендовите, предизвиците, стандардите и перспективите на сметководството во регионот, која во организација на Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) за првпат се одржува во нашата земја.
„Главната цел на ИСОС е да постави нови повисоки стандарди во струката кои ќе гарантираат висок степен на интегритет и професионализам, ќе го зголемат угледот и позицијата на сметководството и сметководителите, како и нивната улога и важност, не само за бизнисот, туку воопшто за целото општество. За да го постигнеме тоа треба посветено да работиме и заеднички да ги поставиме темелите на развојот за следните генерации, кои во оваа дејност ќе гледаат атрактивна и просперитетна професија. Оваа конференција секако е еден од чекорите кон остварување на оваа цел“, рече претседателката на ИСОС Весна Прентоска во своето обраќање на отворањето на конференцијата.
На настанот што се одвива под мотото „Во бројките веруваме”, присуствуваат околу 300 сметководители, претставници на професионални организации на сметководители и финансиски работници од регионот, на институции, организации и компании од земјава, како и домашни, регионални и меѓународни експерти од областа.
„За краток временски период од почетокот на примената на новиот Закон за вршење на сметководствени работи постигнат е значителен прогрес во неговата примена. Завршен е официјалниот превод на Меѓународните стандарди за финансиско известување – процес кој неоправдано бил одолговлекуван во минатото. Следува периодот кога овие стандарди треба да почнат да се применуваат и во нашата земја, што ќе донесе значајни придобивки за домашните компании и државата. Воедно, нивната имплементација претставува и значаен исчекор кон отпочнување на постапката за членство во Меѓународната федерација на сметководители, процес кој Министерството за финансии силно го поддржува“, потенцираше во своето воведно обраќање министерот за финансии Фатмир Бесими.
Поздравувајќи го одржувањето на оваа прва регионална конференција на професионалните сметководители во нашата земја, претседателот на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија Горан Рафајловски, истакна: „Придобивките од функционирањето на едно развиено, модерно сметководство, кое работи по меѓународни стандарди, се големи и ќе ги почувствуваат сите, почнувајќи од самите сметководители на кои им се отвораат нови перспективи, преку компаниите кои добиваат функција која треба да ја зголеми нивната конкурентност и секако државата, која добива алатка за поефикасна наплата на даноците. Ваквите придобивки се доволен мотив да го забрзаме процесот на воведување на најсовремените стандарди и практики во оваа дејност“.
Дискусиите во рамки на конференцијата се организирани во три панели. Првата панел-дискусија беше посветена на патот до членство во Меѓународната федерација на сметководители (IFAC), како една од главните стратешки цели на ИСОС. „Приклучувањето кон IFAC им дава до знаење на организациите од јавниот и приватниот сектор на локално, регионално и меѓународно ниво дека вашиот Институт на професионални сметководители има кредибилитет, капацитет и релевантност – и фокус кон јавниот интерес.
Членовите на IFAC се обврзуваат да усвојат меѓународни сметководствени стандарди и да ја поддржат нивната имплементација, вклучувајќи ги и образовните стандарди за почетна обука, како и за континуиран професионален развој. Исполнувањето на овие барања на патот кон аплицирање за членство во IFAC покажува дека меѓународните образовни, етички и сметководствени стандарди постојано се применуваат овде во Северна Македонија. Ова е причината зошто приклучувањето кон IFAC е повеќегодишен процес којшто се состои од повеќе чекори и вклучува повеќе засегнати страни“, рече претставничката на IFAC Јелена Мисита, претседател на советодавната група за поддршка на организациите на професионални сметководители во IFAC.
Во вториот конференциски панел, претставниците на организациите на професионалните сметководители од регионот дискутираа за состојбите и предизвиците со кои се соочува сметководството во нивните земји. Во рамки на третиот панел, претставници на деловната заедница, сметководители и домашни и меѓународни експерти од областа планирано е да дебатираат за актуелната положба и перспективите за натамошен развој на сметководствената професија во РС Македонија.
Инаку, собирот во Скопје беше искористен и да се поттикне поголема соработка помеѓу организациите на сметководителите во регионот, при што беше договорено во наредниот период да се заокружи процесот на формализирање на рамката за меѓусебна соработка во делот на размена на најдобри практики и искуства, како и во реализацијата на заеднички проекти за континуирана едукација на професионалните сметководители.