Економија
Вредносни ваучери за младите претприемачи со најдобри бизнис идеи
Вистински момент за реализација на една идеја не постои, сами го создаваме, а ако и имаме решение за некој светски проблем, залудно е ако ништо не се преземе, порача министерот за економија, Ваљон Сараќини пред младите претприемачи на прогласувањето на најдобрите бизнис планови.
Проектот Натпревар за започнување на бизнис „Биди перспективен започни свој бизнис“ Министерството за економија го организираше за првпат и има за цел да го зголеми бројот и квалитетот на иновативните почетни бизниси, основани од студенти и млади претприемачи.
Проектот се спроведуваше во две фази, и тоа избор на најдобри „Бизнис идеи“ за студенти и млади потенцијални претприемачи на возраст од 18 до 30 години, за кој аплицираа 106 лица, а беа селектирани најдобрите 30 бизнис идеи и се спроведоа обуки согласно 13 модули дефинирани во акцискиот план на проектот.
За втората фаза од проектот за избор на најдобар „Бизнис план“ се пријавија млади претприемачи со вкупно 29 бизнис планови, но предмет на оценување од страна на комисијата беа 20 бизнис плана, кои ги исполнуваа сите критериуми и услови дефинирани на јавниот повик. Врз основа на оценката на бизнис плановите и оценката од презентацијата, беа селектирани три, односно четири најдобри бизнис планови кои денеска беа наградени.
Оттука, во рамки на проектот, Министерството за економија предвиде доделување на парични награди – ваучери за најдобрите три бизнис планови и тоа: Прва награда во вредност од 330.000 денари, Втора награда во вредност од 230.000 денари и Трета награда во вредност од 140.000 денари.
Министерот Сараќини ги додели вредносните ваучери на Дане Тодоровски за првопласираниот бизнис план МЕО- Мрежа на електронски отпад, Аделина Селими за второпласираниот бизнис план Warlander и Блерант Рамадани за третопласираниот бизнис план In Safe Eco Energy.
Покрај овие три награди беше доделена награда и на четвртопласираниот бизнис план од страна на група автори на книгата „Патот кон сопствен бизнис“ кои одлучија средствата од наградата „Гоце Делчев“ да ги доделат на авторот на четвртопласираниот бизнис план MOBIDOONIA. Радмил Поленаковиќ, како преставник на групата автори на оваа книга додели вредносен ваучер во износ од 100.000 денари на четврто пласираниот бизнис план чиј автор е Даниел Димов.
На доделувањето на вредносните ваучери свои обраќања имаа и ректорот на Државниот универзитет во Тетово Вулнет Амети и проректорот за настава Влатко Стоилков, а Агенцијата за поддршка на претприемништвото, преку директорот Мустафа Мандал, додели ваучери за регистрација на фирма во Централниот регистар на РМ, со кои се покриваат трошоците на трите најдобри бизнис планови./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.