Економија
Fitch предупреди на можно намалување на кредитниот рејтинг на САД
Агенцијата на Fitch Ratings предупреди дека може да го намали врвниот троен А кредитен рејтинг на САД поради жестоките политички битки во Вашингтон околу зголемувањето на дозволениот лимит за задолжување на државата.
„Иако Fitch и натаму верува дека нивото на дозволеното задолжување на државата наскоро ќе биде подигнат, политичкото балансирање и намалувањето на финансиската флексибилност може да го зголемат ризикот од банкрот на САД“, се наведува во соопштението на кредитната агенција.
Во Fitch своето мислење за бонитетот на американскиот државен долг го ставија на разгледување и би можел да биде намален, бидејќи се заканува се поголем ризик од банкрот на САД, доколку нивото за задолжување не биде покренато навреме.
Агенцијата до крајот на кварталот 2014 година ќе одлучи дали ќе го намали американскиот рејтинг. Сепак, во Fitch веруваат дека ќе биде постигнат договор за зголемување на државното задолжување на државата над сегашното ниво од 16,700 милијарди американски долари, што ќе и’ овозможи на американската влада да ги плати сите свои обврски. Меѓутоа, агенцијата предупреди и дека одложувањето на одлуката за зголемувањето на капацитетот за задолжување отвора прашање за способност ана САД да ги извршува своите обврски.
Портпаролот на американското министерство за финансии изјави дека одлуката на Fitch претставува потсетник за законодавците дека САД се опасно блиску до ситуацијата да не можат да ги исплатат сите свои финансиски обврски.
По напредокот во преговорите во понеделникот, во вторникот републиканците и демократите не направија ни најмало придвижување нанапред кон постигнување договор за зголемување на нивото на дозволеното задолжување на државата и деблокада на службите и агенциите на федералната влада, односно за враќање на работа на околу 800 илјади службеници, кои не работат уште од 1-ви октомври кога настапи фискалната година без да биде постигнат договор за буџетот.
Преговорите меѓу претставниците на двете партии во Сенатот во вторникот навечер беа прекинати, додека во Претставничкиот дом на Конгресот републиканците не успеаја да одговорат околу планот за излез од буџетската криза. Доколку не биде постигнат договор до 17-ти октомври, американската влада по тој рок нема да може да ги исполни сите свои финансиски обврски кои пристигнуваат за наплата, што би можел да ги потресе глобалните финансиски пазари.
„САД апсолутно имаат способност да го платат својот долг. Овој потег на Fitch укажува на способноста на плаќањето, туку за управувањето и подготвеноста да се платат обврските. Во таа категорија САД дојде на работ на политичкиот неуспех“, коментираше во средата Дејвид Коток, претседател на компанијата „Cumberland“.
Fitch е една од трите најважни рејтинг агенции во светот која изгледите на американскиот долг го оценува како „негативни“. Кај агенцијата Moody’s САД го имаат врвниот кредитен рејтинг „Ааа“ со „стабилни“ изгледи, додека рејтинг агенцијата Standard & Poor’s во 2011 година за време на сличниот ќорсокак во Вашингтон по прашањето на задолжувањето на земјата. Го намали кредитниот рејтинг на САД на ниво „АА+“ со „стабилни“ изгледи./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.