Економија
Сараќини претстави инвестиционите проекти пред Британската бизнис групација
Министерот за економија Ваљон Сараќини во вторникот ги запозна британските бизнисмени со напорите што ги прави македонската влада за унапредување на бизнис климата, како и со актуелните инвестициски проекти во Македонија.
Тој на бизнис форумот кој го организираше британската Амбасадата, во соработка со Британската бизнис групација во Македонија, информираше за тековните инфраструктурни проекти .Притоа Сараќини потенцираше дека работата на автопатската делница Демир Капија-Смоквица се одвива со полн капацитет и динамика, а заклучно со декември 2013 на овој патен правец ќе се инвестираат околу 40 милиони евра, а целосната градба и инвестиција од 220 милиони евра планирано е да заврши до 2016 година.„За финансирање на автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид, Владата се одлучи на заем од Народна Република Кина, од поволните програми на Ексим банката на НР Кина, кој е одобрен за изградба на автопатот од Скопје преку Свети Николе до Штип, а во завршна фаза на одобрување во министерството за трговија е заемот за автопатот од Кичево до Охрид и Струга, а Износот на инвестицијата на овие два автопата ќе биде околу 574 милиони евра без ДДВ”, истакна Сараќини.Од енергетските проекти министерот Сараќини ги посочи ХЕ Бошков мост и акумулацијата Луково поле, појаснувајќи дека до крајот на оваа година, ќе почнат подготвителните градежни работи на ХЕ Бошков Мост, проект вреден 107 милиони евра. Во текот на 2014, а по завршувањето на студиите за влијанието врз животната средина и социјалните аспекти, ќе започне изградбата на акумулацијата Луково Поле, со која ќе се обезбедат дополнителни 156 GwH. Средствата за овие два проекти се обезбедени од ЕБРД и Светска Банка. „Владата планира со меѓународен јавен повик да привлече компанија која ќе инвестира во целосно и темелно истражување за руди и минерали на територијата на цела држава. Со оглед дека овој проект е мошне скап, би се обиделен да овозможиме наместо со плаќање за услугата, на компанијата која ќе биде избрана на тендер да и’ се овозможи предимство на експлоатација на едно или неколку наоѓалишта, за што секако ќе плаќа концесиски надомест, согласно тарифникот”, потенцираше министерот Сараќини претставувајќи ги проектите во областа на минералните суровини.На барање на бизнисмените, на Форумот беа презентирани условите и процедурите за добивање на дозвола за привремен престој заради вработување, работа и самостојно вршење на дејност од страна на странци, согласно одредбите од Законот за странци и Законот за вработување и работа на странци, новитетите во Законот за инспекциски надзор, како и применетите LIP стандарди за самогасечки цигари во Република Македонија.Од денешниот форум произлегоа и неколку заклучоци, меѓу кои членовите на Британската бизнис групација да ги анимираат своите бизнис партнери од Обединетото Кралство за текот на инвестиционите проекти во Македонија и за можностите за инвестирање во нив, а за секое прашање на бизнис субјектите поврзано со делокругот на работењето на Министерството, да биде определено контакт лице во институцијата, преку кое полесно ќе ги добијат одговорите на нивните прашања, а со самото тоа и ќе им биде олеснет начинот на нивно работење. На крај на средбата беше предложено организирање на заеднички хуманитарен настан, за кој предлогот би го дале членките на групацијата, а во кој би се вклучиле и македонските деловни субјекти. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.