Економија
Ќе се доделува концесија за изградба на хидроелектрични централи на Црна Река
Со цел побрзо да почне искористување на енергија од обновливи извори, Владата донесе одлука за почнување постапка за доделување концесија за изградба на ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“.
„Во услови кога настојуваме да водиме експедитивна и квалитетна политика во областа на водите и енергетиката, со посебен акцент на искористување на обновливите извори на енергија кои имаат се поголемо значење за сигурноста и безбедноста во снабдувањето со енергијата и особено за зачувувањето на животната средина, Министерството за животна средина и просторно планирање ги забрза активностите во насока на реализација на овој проект. За таа цел предложивме, Владата на Република Македонија да донесе Одлука за започнување на постапка за доделување на концесијата за користење на вода за производство на електрична енергија и изградба на хидроелектрични централи на Црна река, со одредени измени во однос на претходните тендери, со цел успешно завршување на тендерот“, рече Абдилаќим Адеми, министер за животна средина и просторно планирање.
Со Одлука на Влада за започнување на постапка за доделување на концесијата за користење на вода за производство на електрична енергија и изградба на хидроелектрични централи на Црна река, со која се предвидува висината на браната на ХЕЦ „Чебрен“ да биде флексибилна помеѓу 182.5 и 192.5 метри со индикативен минимален вкупен инсталиран капацитет од 333 MW, и можност за поставување на четири агрегати на ХЕЦ Чебрен.
Исто така треба да се овозможи изградба на прибранска хидроцентрала на браната Орлов Камен, а со која нема да биде оневозможено градењето на ХЕЦ „Галиште“ во иднина.
Минималниот процент кој треба да биде понуден за ЕЛЕМ во заедничката компанија да биде 35 отсто.
Кога ХЕЦ „Чебрен“ ќе работи во пумпен режим, цената за пренос на електрична енергија која се плаќа на АД МЕПСО да биде фиксна и да важи за целиот концесиски период на ниво од тарифата за 2013 год определена во висина од 4.4 евра по MWh.
ХЕЦ „Тиквеш“ се отстапува на концесионерот по три месеци по потпишувањето на концесискиот договор
Постапката за доделување на концесија ќе ја спроведе Комисија во која ќе бидат вклучени сите релевантни институции од областа на водите, енергетиката, економијата, транспортот и финансиите, а значајна улога и понатаму ќе има Интернационалната финансиска корпорација – IFC која ќе подготви тендерска документација, со предвидените измени.
Се очекува во најкус можен рок да се објави јавниот повик за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река, и верувам дека потенцијалните концесионери ќе бидат задоволни со измените што се направени во овој тендер. Јавниот повик, освен во домашните весници, ќе биде објавен и во еден меѓународен весник./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.