Економија
Сараќини се сретна со бизнисмени од Бурса кои сакаат да инвестираат во Македонија
Министерот за економија Ваљон Сараќини денеска се сретна со висока бизнис делегација од Бурса, Турција, и тоа од Румелиската комора, предводена од Мустафа Кирчи, кадешто членуваат бизнисмени со потекло од Македонија и кои сакаат да инвестираат во Македонија.
На состанокот присуствуваа и градоначалникот на Чаир, Изет Меџити и претседателот на комората на северозападна Македонија Мендерес Кучи. Бизнисмените доаѓаат во посета на Македонија како резултат на неодамнешната посета на министерот Сараќини на Бурса.
На средбата беа презентирани потенцијалите за инвестирање во Македонија, актуелните инвестициски проекти но и тешкотиите и проблемите со кои се судираат инвеститорите кои сакаат да дојдат во Македонија.
Министерот Сараќини по средбата изјави дека Македонија и Турција имаат одлични политички и економски односи, но дека размената на стоки, која во првите 8 месеци достигнува 500 милиони евра, треба да се зголеми со доаѓање на нови компании од Турција во Македонија. Во Бурса дури 700 илјади граѓани потекнуваат од Балканот и тие претставуваат цврст мост на соработка, а нивното потекло е причина за силната мотивираност да инвестираат во Македонија.
„На состанокот имаше бизнисмени од текстилната индустрија и бизнисмени од компании за автоделови наменети за извоз кои покажаа голем интерес за инвестирање во технолошко индустриските зони поради поволностите кои ние како Влада ги нудиме за странските инвеститори и веќе добивме најава за првата инвестиција во април 2014”, потенцираше Сараќини.
Министерот Сараќини во текот на средбата со турските бизнисмени се интересираше за нивните барања и интереси за инвестирање во Македонија.
„Ние како претставници на Владата на Македонија сме тука за да слушнеме со кои тешкотии и проблеми се судираат инвеститорите кои сакаат да дојдат во Македонија, по што ќе преземеме чекори тие да се отстранат и да се создадат услови за инвестирање“, рече министерот Сараќини.
Мустафа Кирчи кој ја предводеше големата бизнис делегација од Бурса изјави дека ова е добра пракса која овозможува бизнисмените да се запознаат со условите за инвестирање кои ги нуди земјата, а тие се доста поволни и компаниите од двете земји поблиску да соработуваат.
„Ние сме свесни за ниските даноци, за намалувањето на административните бариери, добрата работна сила и останатите погодности кои ги нуди Македонија и приватните компании од Бурса е добро да се запознаат и да ги искористат тие можности”, истакна Кирчи./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.