Економија
СД „Пелагонија“ набавува за 70 денари поскапо сирење отколку во продавниците
Јавните институции во Македонија набавуваат производи со огромна разлика во цените и повеќе се грижат да ја запазат формата во спроведувањето на постапките за јавни набавки отколку и навистина, преку законски пропишаните процедури, да настојуваат да ја добијат најдобрата вредност за потрошените пари, покажува мониторингот на постапките за јавни набавки во Македонија кој го опфаќа периодот од април до јуни 2013 година, како и Индексот на рационалност бр.9 на Центарот за граѓански комуникации.
Најголема разлика е евидентирана во набавката на обрасците за сметки, а за првпат нема разлики во цената со тоа што филмовите за рентген снимки од различни здравствени институции се купувани по иста цена.
Обрасците за сметки јавните претпријатија ги чинеле од 0,65 до 3,54 денари за еден образец, со што највисоката цена е за 445 отсто повисока од најниската.
Локалните јавни претпријатија за печатење на образец за сметки што им ги доставуваат на граѓаните и фирмите плаќаат од 0,65 до 3,54 денари за еден образец. Произлегува дека за парите што ЈКП Водовод – н. Илинден ги плаќа за еден образец за сметка, ЈП Водовод и канализација – Скопје купува пет обрасци за сметки. Оттука, соодносот на најниската и највисоката цена изнесува дури 1:5,45 што значи дека највисоката цена е за 445 отсто повисока од најниската.
Студентскиот дом Пелагонија од Скопје набавува кравјо сирење за 46 отсто повисока цена од најниската цена, па 1000 килограм сирење домот го купува за по 234 денари по килограм, а најниската цена е 160 денари по килограм.
„Оваа цена е повисока дури и од цената што ја плаќа ЈЗУ Клиника за максилофацијална хирургија која по неуспешно спроведениот тендер своите 72 кг сирење ги купува од маркетот во кругот на клиниката“ се вели во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Цената која институциите ја плаќаат годишно за тековно одржување на патничките лифтови се движи од 9.256 до 29.783 денари за еден лифт. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува дури 1:3,22, што значи дека највисоката цена која ја плаќа ЈЗУ Здравствен дом Скопје за тековно одржување на лифт е за 222 отсто повисока од цената која за таа услуга ја плаќа Службата за општи и заеднички работи на Владата.
Индексот на рационалност за ГПС уреди укажува на значајни разлики во цените. Сооднос на најниска и највисока цена 1:3,02 што значи дека МЖ Транспорт своите ГПС уреди ги платил 202 отсто повеќе од ЈСП Скопје.
За прв пат нема разлики во цените во здравствените институции кои купувале РТГ филмови за рентген снимање од различни добавувачи, во различни количини, но по идентична цена. Индексот на рационалност за овој производ покажува дека разлики во цените не постојат, иако за РТГ филмовите надлежните институции не определуваат максимални цени.
При купувањето на овој потрошен медицински материјал сите здравствени институции примениле транспарентна постапка или со барање за прибирање на понуди или со отворени постапки. Разлики во цените не се евидентирани иако некој од здравствените институции постапките на крајот ги завршувале со е-аукција, а други не поради отсуство на конкуренција.
Наспроти порастот на бројот на тендери, опаѓа бројот на жалби по тендери, се вели во клучните наоди од мониторингот на постапките за јавните набавки.
Додека бројот на тендери пораснал од 4.175 во првото полугодие од 2012 година на дури 9.046 тендери во истиот период од 2013 година, бројот на жалби за истиот тој период се намалил од 338 на 291.
Но, дел од институциите не ја почитуваат законската обврска да ги вклучат фирмите во подготовка на техничките спецификации за јавните набавки над 130.000 евра, преку водење на т.н. технички дијалог
Државните институции сè почесто бараат од фирмите, за да учествуваат на тендерите да мораат да имаат остварено добивка во последните три години, што според ЦГК е спротивно на законските одредби кои предвидуваат условите за фирмите да бидат поврзани и пропорционални со предметот на набавката и да немаат ограничувачки ефект на конкуренцијата.
Но, проблем е се уште малата конкуренција на тендерите и нетранспарентната постапка на преговарање.
Малата конкуренција на тендерите го оневозможува одржувањето на е-аукциите и го зголемува бројот на тендери во кои договорот се склучува со единствената фирма понудувач. Преку нетранспарентната постапка на преговарање без објавување на оглас во првото полугодие од 2013 год. склучени се договори во вкупна вредност од 22,6 мил. евра./крај/со/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.