Економија
Ставрески ги повика белгиските бизнисмени да инвестираат во Македонија
Вицепремиерот Зоран Ставрески во средата попладне во Брисел на бизнис – форум меѓу Македонија и Белгија пред голем број на претставници на белгиски компании ги презентираше можностите за инвестирање во Македонија, при што упати повик до сите белгиски бизнисмени да инвестираат во „земјата со најниски даноци“.
„За време на дводневните средби интензивно ќе ги презентираме условите што ги нуди Република Македонија, како што беше случај денеска, пред присуство на бизнисмени од различни сектори и области, можевме да ги презентираме работите по кои Македонија стана препознатлива изминатите години, а тоа се најниски даноци во Европа, едноставна бизнис-клима каде има помалку бирократија и полесно е да се води бизнисот и атрактивноста на слободните економски зони каде компаниите добиваат дополнителни погодности“, истакна Ставревски.
Заменик-претседателот на Владата и министер за финансии по средбите очекува да се зголеми интересот на белгиските бизнисмени за Македонија оти според него дел од нив може да го пренесе својот бизнис во Македонија, каде го имаат истиот квалитет на општ амбиент за работење, но пониски трошоци и истите може да ја искористат земјата за проширување на својот бизнис како мост да извезуваат во некои други земји како од Блискиот Исток или од Северна Африка.
Вицепремиерот потенцираше дека претстојните настани во Брисел ќе ги искористи и за политички средби на високо ниво. За утре е закажана средба со вицепремиерот и министер за економија за Белгија, Јохан Ваделоте, со кого ќе разговараат за можноста за проширување на трговската соработка, инвестициите и економската соработка меѓу Кралството и Македонија.
Тој додаде дека во Директоратот за проширување на Европската унија веќе разговарале за можноста за добивање на новите средства од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) за периодот 2014-2020 година, за локацијата на ресурсите и секторите во кои ќе биде дадена таа помош и за начинот како Македонија ќе ја добие таа помош. Владата добила ветување од нивна страна дека и понатаму Македонија ќе добива значителни средства од ИПА-фондовите.
Една од работите за која Ставревски и Ваделоте утре ќе разговараат е и избегнувањето на договорот за двојно оданочување меѓу двете земји со оглед на тоа што македонската и белгиската Влада го имаат потпишано овој документ уште во 1998 година, но иако Собранието на Република Македонија го усвои, овој документ се уште не е ратификуван од белгискиот парламент со што истиот би стапил на сила./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.