Економија
Нов јавен повик за поддршка на производителите и преработувачите
Вкупно два милиона евра се предвидени со шестиот јавен повик за маркетиншка поддршка на земјоделските производи во примарното производство и во преработувачките капацитети, соопштија во неделата заменик министер за земјоделие Зоран Коњановски и директорот на Платежната агенција Тони Димовски, а заинтересираните имаат можност да поднесуваат барања за кофинансирање инвестиции до крајот на декември.
Станува збор за набавка на трактори за примарно производство, како и опрема за преработка. Корисници на поддршката се сите физички и правни лица запишани во регистарот на земјоделските стопанства.
„Останавме доследни на своите политики и на ветеното. Преку обезбедените средства за маркетинг на земјоделските производи директно им помагаме на извозно ориентираните преработувачки компании“, рече заменикот министер за земјоделие, водостопанство и шумарство, Зоран Коњановски при посетата на Платежната агенција.
Според челникот на агенцијата, Тони Димовски, станува збор за континуитет на мерките за унапредување на земјоделството преку воведување нова опрема и механизација што овозможува поголеми приноси. Потсети дека е во тек и петтиот оглас за поддршка на извезено флаширано вино, преработен зеленчук извезен во стаклена амбалажа и на извезен ориз во пакување.
Согласно јавниот повик, компаниите што го пласираат виното надвор од Македонија ќе добијат средства за покривање 20 отсто од трошоците за етикети, купување шишиња, тапи и ПВЦ навлаки или максимум шест денари од шише, додека преработувачите на зеленчук и овошје до два денара од тегла, за набавка на тегли, метален капак и етикети.
Коњановски посочи дека сите преработувачи кои годинава оствариле поголем извоз од лани ќе користат поголема поддршка, до четири денари за тегла. Апелираше земјоделците да аплицираат и на јавниот повик за земјоделските задруги кој е во тек и предвидува покривање 90 отсто од трошоците за набавка на трактори, како и 100 процентно покривање на платите на менаџерите на задругите. Се кофинансираат и трошоците за осигурување на родот кај индивидуалните земјоделци организирани во задруги, во висина од 80 проценти.
„Сé поголем е интересот за формирање задруги, а објавениот оглас е уште една потврда за поддршката на производителите кои својата иднина ја гледаат здружени во кооперативи. Само неколку месеци по донесувањето на Законот се формирани шест земјоделски задруги“, истакна Коњановски.
Во следните десетина денови ќе биде објавен и огласот за кофинансирање на платите на лицата вработени во сточарството, ткн плати за овчарите. Преку Платежната агенција ќе им бидат исплатени средствата на овчарите кои минатата година работеле во оваа дејност.
Одговарајќи на новинарско прашање, Коњановски рече дека во делот на земјоделството не очекува посебна расправа за Буџетот за 2014 гој кој во понеделник влегува во собраниска процедура, зашто, како што истакна, владините политики се јасни, прецизни и однапред утврдени.
„Оваа Влада не работи од денес за утре, туку според повеќегодишни, најавени програми. Преку повеќегодишната програма што заедно ја креиравме со земјоделците, идната година поддршката ќе биде зголемена за уште пет милиони евра и ќе изнесува 140 милиони евра. Ова не го најавивме сега, пред еден месец, за да предизвика дебата, туку уште кога ја баравме поддршката на парламентарните избори“, рече Коњановски.
Во врска со објавувањето на јавните повици за финансиска поддршка, Коњановски и Димовски нагласија дека минатата година биле извезени 1,150 милиони хектолитри вино, а рекорден пласман реализира и индустријата за преработка на овошје и зеленчук. Од 2009 до 2012 година, пак, во функција се 1.200 трактори и приклучна механизација. Кофинансирани беа и системи за наводнување./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.