Економија
Пет милиони евра би чинела гасификацијата на Чаир
Министерството за економија во недела ја презентираше физибилити студијата за гасификација на општина Чаир.
Резултатите од истражувањето ги објавија министрите за економија и за животна средина и просторно планирање Ваљон Сараќини и Абдулаќим Адеми, градоначалникот на општина Чаир Изет Меџити и претставникот од компанијата која ја изработи физибилити студијата, Димитар Илиевски.
„Денеска сме тука заедно да информираме за текот на проектот за гасификација на Општината Чаир, со која Министерството за економија во јануари 2013 година потпиша Меморандум за соработка за имплементација на овој проект, со кој се согласивме дека потребно е да се изработи проектна документација за гасификација на општината, при што обврска на општината беше финансирање на изработката на Физибилити студијата за гасификација и Проценката на влијанието на животната средина од гасификацијата на општината“, истакна Сараќини.
Тој информира дека согласно Студијата, проценетата вредност на инвестицијата е речиси пет милиони евра, од кои 860 илјади ЕУР е предвидено да се инвестира во примарната дистрибутивна мрежа, а 1,6 милиони ЕУР во секундарната дистрибутивна мрежа. Преостанатиот дел од инвестицијата во износ од 2,3 милиони ЕУР е инвестиција за изградба на приклучоци и адаптација на постоечката опрема.
Обезбедувањето на вкупната инвестиција е обврска на приватниот партнер и согласно Студијата е предвидено да се реализира преку кредитни средства во износ од 70% од инвестицијата и 30% преку сопствено учество на приватниот партнер.Сараќини потенцираше дека во јуни годинава Владата ќе отпочне процедура за изнаоѓање на концесионер за општината.
Гасоводната мрежа предвидена е да се изгради во две фази, и тоа во првата фаза би се изградил магистралниот вод, заедно со секундарните водови, приклучните водови, како и приклучоци за сите приоритетни објекти (школство, здравство, административни објекти, поголеми трговски и спортски објекти и сл.), а во втората фаза, развојот на гасоводот би зависел од желбите и можностите на корисниците, претежно од приватниот сектор-домаќинствата.
Придобиките од овој проект се од енергетски, економски и еколошки аспект. Енергетската придобивка би значела зголемување на сигурноста на снабдување и зголемување на енергетската ефикасност, додека, пак, од економски аспект тоа ќе значи помали финансиски трошоци за искористената енергија, како од страна на домаќинствата, така и од бизнис заедницата, отварање на нови работни места и како и ангажирање на градежната оператива за изградба на предметната инфраструктура.
По однос на еколошките придобивки од реализација на овој проект се изјасни министерот Адеми. Најзначајната придобивка е намалување на емисијата на штетни материи(CO2) и со тоа поголема заштита на животна средина, имајќи во предвид дека со воведувањето на природниот гас ќе се супституираат досега користените енергенси кои емитираат поголемо количество на штетни материи како мазутот, екстра-лесното масло и огревното дрво во процесот за греење. Адеми ја поздрави иницијативата на Министерството за економија и општината Чаир, истовремено упатувајќи апел и до останатите општини да го следат овој пример.
Градоначалникот на општината Меџити потенцирајќи ги придобивките од воведување на гасификацијата во општината, посочи дека, проектот ќе придонесе кон намалување на финансиските трошоци и тоа не само на домаќинствата, туку и на другите јавни згради, вклучувајќи ја и зградата на општината.
Отварање на нови работни места како и ангажирање на градежни компании кои ќе се вклучат во реализација на проектот, подигање на еколошките стандарди, но и прилив на финансиски средства во буџетот на општината од наплатата на концесискиот надоместок.
Физибилити студијата ја презентира димитар Илиевски од Топлификација Инжинеринг, кој истакна дека оправданост од воспоставување на Договор за ЈПП за развој на дистрибутивната мрежа за природен гас на територијата на општина Чаир, содржи техничка, економска и правна анализа за оправданоста за проектот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.