Економија
Ставрески: Странски инвеститори отвораат нови 5.000 работни места во Кавадарци
Две крупни странски инвестиции кои се резултат на заложбите на македонската Влада за привлекување на странски инвеститори во Кавадарци ќе донесат околу 5.000 работни места, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на партиската трибина во Кавадарци.
Станува збор за „Дрекслмаер“ и „Кофикаб“, а до сега реализирани се околу 3.000 работни места само во првата фабрика, потенцираше Ставрески, додавајќи дека во моментов во програмата предвидени се разговори со уште петнаесетина инвеститори.
„Македонија остави зад себе уште една успешна година реализирајќи бројни проекти во сите сфери на живеење за разлика од многу други земји кои се бореа со рецесија, а тоа е резултат на добрата поставеност на главните економски политики и партнерскиот однос, како со компаниите, работодавачите и синдикатите, така и со земјоделците“, потенцираше Ставрески.
Оваа година, истакна Ставрески, од Буџетот на државата предвидени се 140 милиони евра кои ќе бидат наменети за македонските земјоделци и додаде оти продолжува силната поддршка во земјоделството.
„Тоа покажува дека станува збор за Влада која никогаш нема да ги напушти земјоделците и нема да штеди на земјоделците. Ќе се штеди на друго, таму каде што може и треба, но не и во земјоделството“, потенцира Ставрески.
Ставрески најави корекција и усогласување на учебниците што се користат од прво до петто одделение и истите ќе бидат збогатени со содржини кои се користат во Велика Британија, како земја со еден од најнапредните образовни процеси.
Пред жителите на Кавадарци вицепремиерот и министер за финансии истакна дека предвидено е решавање на приоритетните прашања во општината како проблемот со водоснабдувањето, а потенцираше и дека Владата обезбедила околу 420 илјади евра, средства наменети за изградба на детска градинка.
Кавадаречкиот градоначалник Александар Панов му се заблагодари на премиерот и на Владата за изнаоѓањето на решение за проблемот со водоснабдувањето во Кавадарци и се осврна на сите проекти кои општината ги имаше и ќе ги има со владина поддршка./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.