Економија
Исплатени 9,75 милиони евра на 18.248 земјоделци
Министерството за финансии во понеделникот соопшти дека исплатило вкупно 599,6 милиони денари (9,75 милиони евра) субвенции на 18.248 земјоделци по повеќе основи.
Најголем дел од овие средства, односно 398,5 милиони денари, исплатени им се на 13.056 тутунари за мерката произведен и продаден тутун од реколтата 2013,. Финансиската поддршка за оваа мерка изнесува 60 денари за килограм произведен и продаден тутун.За мерката полјоделски култури исплатени се 60 милиони денари на 1.665 полјоделци. Финансиската поддршка по хектар обработлива земјоделска површина за полјоделски култури изнесува 9.000 денари.За градинарско производство на отворено и во пластеници исплатени се 8,2 милиони денари на 368 градинари. Субвенцијата по оваа мерка изнесува од 6.000 до 25.000 денари по хектар. На 129 овоштари исплатени се 6,7 милиони денари за одржување постоечки овошни насади. Субвенцијата по оваа мерка изнесува од 15.000 до 33.000 денари по хектар.За одржување постоечки лозови насади исплатени се 18 милиони денари на 231 лозар. Финансиската поддршка која ја добиваат лозарите за оваа мерка изнесува 40 илјади денари по хектар.На вкупно 1.735 сточари исплатени им се субвенции во износ од 38,3 милиони денари за одгледување говеда, при што субвенцијата изнесува 2.800 денари по грло. Исплатени се и 40,6 милиони денари субвенции на 238 сточари за одгледување овци. Висината на поддршката изнесува 1.000 денари по грло. По 1.000 денари од грло, или вкупно 4 милиони денари, добија и 98 сточари за одгледување кози.Воедно, по 1.000 денари по грло, или вкупно 1,7 милиони денари, добија и 58 сточари за одгледување маторици.Исплатени се и субвенции во износ од 16,9 милиони денари за произведено и продадено кравјо, овчо и козјо млеко, при што висината на поддршката изнесува 3,5 денари по литар.Министерството за финансии денес исплати и 6,3 милиони денари субвенции на 670 земјоделци за осигурување на примарното земјоделско производство. Висината на поддршката изнесува 60 проценти од вредноста на полисата. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра
Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, преку фејсбук-објава извести за рекорден трговски дефицит во 2023 година за земјоделско-прехранбени производи во висина од 436 милиони евра.
„Рекорден трговски дефицит во 2023 година во износ од 436 милиони евра. Еве како СДС го уништува македонското земјоделство, Македонија со СДС стана земја увозно зависна од храна. Негрижата за македонските земјоделци и тотално погрешните земјоделски политики на СДС ги принудија земјоделците да го напуштат полето, а со тоа македонските граѓани да јадат увозни земјоделски производи, Македонија од земја извозник стана земја увозник на храна под власта на СДС. Земјоделците ќе имаат вистински партнер во новата влада на ВМРО-ДПМНЕ и заедно ќе го вратиме македонското земјоделство во онаа препознатлива состојба, а Македонија повторно ќе биде земја извозник на храна“, рече Трипуновски.
Економија
Надворешен долг, побарувања и меѓународна инвестициска позиција во четвртото тримесечје од 2023 година
Објавено е редовното статистичко соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција.
На крајот на четвртиот квартал од 2023 година:
На 31.12.2023 година, нето надворешниот долг изнесува 4.458 милиони евра (или 32,6% од проценетиот БДП). Нето надворешниот долг на земјата, во четвртиот квартал од 2023 година, е зголемен за 305 милиони евра, или за 7,3%. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 67%.
Во текот на четвртиот квартал од 2023 година, негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е зголемена за 160 милиони евра и изнесува 8.500 милиони евра, односно 62,2% од проценетиот БДП за 2023 година.
Најновото соопштение за позначајните промени кај надворешниот долг, надворешните побарувања и меѓународната инвестициска позиција е достапно на следниот линк.
Економија
Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 отсто, одржана седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка, на својата редовна седница, одржана на 28 март 2024 година, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во Република Северна Македонија во висина од 1,5%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. Одлуката се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор. Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици.
Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа. Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија.
Советот на Народната банка на седницата разгледа и други материјали поврзани со работата на централната банка.