Економија
Стопанските комори на Македонија и Косово потпишаа спогодба за поттикнување на економската соработка
Стопанските комори на Македонија и Косово во вторник потпишаа спогодба за поттикнување на економската соработка. Претседателот на Стопанската комора на Македонија (СКМ), Бранко Азески, изјави дека потпишувањето на овој документ доаѓа како резултат на намалената трговска размена меѓу двете земји во изминатата година.
„Знаете дека има проблем со трговската размена со Косово, најблискиот наш сосед. Целта на денешната средба која доаѓа после серија состаноци, кои ги имавме без присуство на јавноста во изминатите два месеци и на кои проценивме дека е добро поради губитокот во трговската размена што настана најмногу поради престанување на извозот на нафтените деривати на ОКТА, да најдеме начин некако да го надополниме во наредниот период”, рече Азески.
Тој информираше дека стопанските комори на двете земји денеска потпишале меморандум за подигнување на нивото на економска размена, а како централни точки се нотирани потребата од подобрување на инфраструктурата, подобрување на меѓуграничните процедури и взаемното информирање на компаниите кое, како што рече Азески, не е на задоволително ниво.
Директорот на СКМ изјави дека во наредните шест месеци, македонската комора ќе испрати свој претставник во Приштина и обратно и дека е поведена иницијатива за заеднички саемски манифестации кои треба да ја поттикнат размената.
Азески рече дека ќе побараат од владите на двете држави подобрување на инфраструктурата кон границите, како и забрзување на процедурите за гасификацијата која што, како што истакна директорот, е многу важен фактор и која што практично ги засега двете држави и решавање на проблемите околу изградбата на интерконективниот далновод.
Извозот во Косово во 2013 во однос на 2012 се намали за 38 проценти и токму со меморандумот за соработка, рече Азески, коморите ќе настојуваат да го надополнат јазот од 250 милиони долари.
Исто така, СКМ денеска со Комората на северозападна Македонија потпишаа специјален договор врз основа на новиот закон за соработка на стопанските комори.
„Во натамошниот период тоа значи дека нивото на соработка меѓу коморите ќе се подигне на повисоко ниво што значи дека ќе има дневна размена на информации, еднаш месечно заеднички прес конференции и на шест месеци заеднички седници на управните одбори”, информираше Азески.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.