Економија
Голем интерес за програмата за самовработување
Над 21.000 невработени лица аплицирале во програмата за самовработување и покажале желба да започнат свој бизнис, информираа во среда на заедничка прес конференција Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски.
Министерот Спасов потенцираше дека бројките од оваа програма ја потврдуваат нејзината успешност.
“Во изминатите седум години (2007-2013) вкупно 5.835 граѓани го оствариле својот сон да започнат сопствен бизнис, од нив 75% се одржливи и успешно функционираат, а многумина од нив веќе отвориле дополнително вработување за членовите на нивните семејства или други невработени лица.
До сега, над 21.000 невработени лица аплицирале во програмата и покажале желба да започнат свој бизнис, а над 7.000 кандидати завршиле обука за Претприемништво и бизнис планирање, со што се стекнале со основни знаења и вештини од областа на менаџментот, финансии, маркетинг, продажба и деловно планирање. Ова укажува на огромниот претприемачки потенцијал во земјата, којшто ние како Влада го поддржуваме и ќе продолжиме да го поддржуваме во иднина.
Во изминатите седум години, во Програмата за самовработување Владата на Република Македонија има вложено вкупно 1.135.517.200 денари, односно 18.523.000,00 евра, а со Оперативниот План за активни програми и мерки за вработување за 2014 година, за Програмата за самовработување дополнително се обезбедени 200.649.847,00 денари, односно 3.273.243,00 евра од Буџетот на Владата на Република Македонија”, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Тој информираше дека согласно со Оперативниот план, оваа година предвидено е да се опфатат 950 невработени лица од евиденцијата на Агенцијата за вработување на Република Македонија на активни баратели на работа во 900 ново-отворени правни субјекти.
“Покрај грантот од 3.000 евра во форма на опрема и репроматеријали, учесниците во Програмата за самовработување добиваат и низа други придобивки, што треба да им помогнат на кандидатите да станат успешни претприемачи како што е обука за претприемништво, експертска поддршка за развивање на својата бизнис идеја во одржлив бизнис план и советодавна поддршка при регистрацијата на бизнисот. Оваа година најдобро оценетите 50 бизнис планови ќе имаат можност да добијат грант со дополнителни 1.500 евра за едно дополнително вработување во новоформираната фирма”, рече Спасов и продолжи:
“Дозволете ми уште малку статистика. Од вкупно 5.835 до сега отворени бизниси, речиси 1/3 се отворени од жени претприемачи, а 2.000 бизниси се од млади лица до 29 години.
Со денешното објавување на огласот за Програмата за самовработување се обезбедува можност на нова група граѓани да се вклучат во неа. Со првиот циклус којшто започна во јануари 2014 година, речиси 850 невработени ја завршија обуката за претприемништво и бизнис планирање, а од нив 500-те најуспешни кандидати до крајот на јуни се очекува да основаат свои фирми. Со вториот циклус што го објавуваме денеска, ќе поддржиме основање на уште 400 фирми со што ќе се заокружи планираниот број од вкупно 900 бизниси”.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов ги повика невработените лица кои имаат бизнис идеја, да ја искористат оваа шанса, да аплицираат, а сите заинтересирани да ги отворат Web страниците на Агенцијата за вработување на Република Македонија www.avrm.gov.mk и на Министерството за труд и социјална политика www.mtsp.gov.mk и инфо – страница www.samovrabotuvanje. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.