Економија
Путин: Украинските радикали ја загрозуваат испораката на гас за Европа
Рускиот претседател Владимир Путин изрази во саботата загриженост од заканите на украинските „радикали” дека ќе ја попречат испораката на рускиот природен гас за Европа, истовремено укажувајќи дека едностраната енергетска зависност на европските земји од Русија не постои и оти таквите тврдења се „апсолутна глупост”.
Русија снабдува околу 30 отсто од европските потреби од природен гас, а половината од тоа оди преку гасоводите низ Украина.
„Многу нé загрижуваат изјавите на украинските радикали, нивните директни закани дека ќе го попречат транспортот на гасот. Се надеваме дека здравиот разум ќе надвладее”, изјавил рускиот претседател Владимир Путин на меѓународната конференција за енергетика која се одржува во Санкт Петербург. Притоа повикал на строго почитување на договорот за испораката на гасот.
Рускиот енергетски гигант „Газпром” се закани дека на 3-ти јуни ќе ги прекине испораките на гас за Украина, доколку таа земја не се согласи да потпише договор однапред да плаќа за нарачаното количество гас и доколку не почне да го намалува долгот кој надминува 3,5 милијарди американски долари.
Претставниците на Русија, Украина и Европската унија за таа ситуација треба да разговараат во германската престолнина Берлин. Киев бара цената на рускиот гас за неа да биде 268,5 долари за 1.000 кубни метри, додека Русија бара 485 долари.
Русија кон средината на април објави дека го повлекува намалувањето на цената на својот гас за Украина постигнат во договор со сега соборениот украински претседател Виктор Јанукович, ланскиот декември. Според тој договор, цената беше намалена за повеќе од третина и се симна на 268 долари за 1.000 кубни метри гас. Покрај тоа, Украина уживаше и попуст од дополнителни 100 долари за во цената на гасот, според договорот потпишан за користење на базата на руската Црноморска флота на полуостровот Крим кој во меѓувреме, со референдум се присоедини кон Русија. Така сега со укинувањето на сите договори и попусти, цената на рускиот гас за украинските потрошувачи се зголемува на 485 долари за илјада кубни метри.
Привремениот украински премиер Арсениј Јаценјук повеќепати изјави дека „Газпром” ја зголемил цената на гас за Украина за 80 отсто до 485 американски долари за 1.000 кубни метри, што ја смета за неприфатлива и политичка уцена, но руската компанија одговори дека Европејците плаќаат 370 до 380 долари, и дека неговата компанијата всушност не ги зголемила цените, туку дека ги одредува според формула.
Едностраната енергетска зависност на Европа од Русија е апсолутна глупост, додал Путин на конференцијата „Нафтените и гасните компании – Мотор на промените во светската економија” во рамките на Меѓународниот економски форум кој започна во петокот во Санкт Петербург.
„Неслучајно дури и во времето на силните разговори за неопходноста од потребата да се намали енергетската зависност од Русија, што според мене е апсолутна глупост затоа што никогаш не постои едностраната зависност туку заемна зависност, доставувањето на нашите енергетски ресурси во Европа се зголемуваше”, рекол Путин, пренесува Итар-Тасс.
Советникот за економија на рускиот претседател, Андреј Белоусов, исто така во саботата порача дека Европската унија треба да ги земе предвид интересите на европските компании кои соработуваат со Русија кога ќе одлучуваат за санкциите против Москва поради украинската криза.
„Искрено се надевам дека при одлучувањето ќе ги разгледаат интересите на европските компании кои работат со Русија. Тоа се европски компании кои работат тука (во Русија), главно работат за европските пазари и во Европа носат роби пари”, рекол Белоусов пренесува Rueters.
Додал дека Москва би можела да преземе правни чекори, доколку санкции почнат да влијаат врз руската надворешна трговија./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.