Економија
Богов:Странските инвеститори се несигурни кога има политички битки
Економијата бара мирен амбиент, бара стабилни и предвидливи услови за работа и стабилни институции коишто функционираат, така што најдобро е сите политички битки да се водат во рамките на институциите, бидејќи кога не е така странските инвеститори не се чувствуваат толку сигурни.
Ова го изјави гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов, во неделното интервју на Радио Слободна Европа. „Засега не чувствуваме некои промени да кажам, нормално течат економските текови, нормално течат инвестициите, нормално тече економскиот раст. Важно е дека нашите институции функционираат. И на странските инвеститори тоа им е најважното, дали институциите функционираат. Политичките проблеми ги има во сите земји. Некаде поголеми, некаде помали. Тие и сметаат дека во земји како Македонија каде демократијата е помлада можни се и поголеми политички тензии, но да се во рамките на она што е прифатливо за нив“, вели Богов. Запрашан дали постои опасност за македонската економија, ако ескалира кризата во Украина, гувернерот Богов истакна дека проценките на НБРМ говорат дека директните ефекти од кризата во Украина не се толку големи, со оглед дека македонската економија не е многу поврзана со украинската. „Но секако внимателни сме на индиректните ефекти коишто може да дојдат врз економскиот раст, доколку кризата во Украина ескалира, доведе до позначајни економски нарушувања и се одрази на стапката на економски раст во Европската унија. Таа е наш најголем трговски партнер, побарувачката за нашите производи би се намалила, а исто така би имала ефект и врз нашиот економски раст. Исто така украинската криза може да има влијание врз основните производи како што се пченицата, пченката, нафтата, гасот што секако би можело да влијае врз нашата домашна инфлација. Но, сето тоа го имаме земено предвид и е вклучено во нашите проекции“, изјави Богов.Гувернерот во интевјуто говори и за проекциите на НБРМ, според кои се очекува растот на македонската економија годинава да изнесува 3,7 отсто „Нашите проекции се продолжение на она што го видовме во македонската економија минатата година. Минатата година по првичните проекции на Државниот завод за статистика, остварен е економски раст од 3,1 проценти. За оваа година очекуваме да продолжат да дејствуваат факторите кои дејствуваа и минатата година, а тоа беа странските директни инвестиции и јавните инфраструктурни проекти. Оваа година продолжуваат тие два фактори, а трет фактор ќе биде и економскиот раст во нашиот најголем трговски фактор-еврозоната. Минатата година во еврозоната имаше пад на БДП од 0,5 проценти, годинава таму се очекува раст од 1, 2 проценти. Базирајќи се на овие три фактори, ние очекуваме дека годинава растот ќе забрза на 3,7 проценти. Дека тоа е реално, покажа и неодамнешната проекција на ММФ. Тие објавија дека нивното видување за македонската економија за оваа година е 3,5 проценти. Значи, многу сме близу“, поајснува Богов. /крај/рсе/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.