Економија
Потрошувачите најмногу се жалеле за сервисирањето на техника
Како најголем проблем на потрошувачите се јавуваат сервисирање на техничките апарати, а најмногу мобилните телефони, лап-топи и телевизори, како и производите од бела техника како што се фрижидери, машини за перење и шпорети, соопшти Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ), врз основа на податоци за првиот квартал од 2014 година.
Проблемот се јавува во тоа што потрошувачите се уште не знаат дека согласно законот за заштита на потрошувачи, еден производ може да се сервисира најмногу три пати и доколку се расипе четврти пат тие имаат право да бараат нов производ или поврат на средствата, информира ОПМ.
Исто така дека сервисирањето на производот може да трае најмногу 30 дена и доколку не се сервисира во тој период, потрошувачите имаат право да бараат нов производ или поврат на средствата. Чести се проблемите кога трговците од најразлични компании не ги почитуваат овие права на потрошувачите и често не им даваат нови производи или поврат на средствата.
„Може да се издвои еден случај кога еден широк ланец на маркети кои продаваат технички производи правеше заблуда кај потрошувачите со тоа што издаде флаери со погрешно означени карактеристики на одредени производи, па производителот на тие производи се обрати кај нас и реагиравме веднаш до Државниот пазарен инспекторат тоа да биде веднаш спречено”, велат од ОПМ.
Друг значаен проблем кој станува се посериозен, велат од таму, се нови интернет продавници кои се или не се регистрирани како фирми во централниот регистар, и нудат најразлични производи кои можат да се купат единствено преку интернет.
„Овие производи се доставуваат по пат на брза пошта, а проблемот се јавува кога потрошувачите не се задоволни од производот или кога добиле сосема друг производ од тој што го нарачале, и сакаат да го остварат своето право и да го вратат производот во рок од осум дена. Тогаш тие се доведени во една лоша позиција поради тоа што најчесто контакт со трговецот нема речиси никаков, а најчесто има само еден мобилен телефон кој не е во функција. Така тие не можат да го остварат своето право да го вратат производот во рок од осум дена затоа што немаат информација на која адреса треба да се прати, иако многу често на овие веб страни пишува дека производот може да се користи дури и до 60 дена и доколку потрошувачот не е задоволен може да го врати”, велат од ОПМ.
Како трет поголем проблем се јавуваат јавните претпријатија и телекомуникациските оператори, и во овој случај потрошувачите најчесто имаат проблем кога им стигаат сметки однапред или па не им стигаат воопшто; им стигаат нереални сметки за вода и смет или парно. Чест проблем се и договорите кои се потпишуваат со телекомуникациските оператори кои содржат пасуси со многу мали букви па постарите лица не ни можат да ги прочитаат па подоцна се јавува проблем кога ќе увидат што точно потпишале.
Секако се уште стандарден проблем е со испораката на топлинска енергија, потрошувачите секојдневно се жалат на превисоки суми за парно, како и за паушалите кои се обврзани да ги плаќаат иако не користат парно греење или често воопшто не ни имаат цевки за парно греење кои поминуваат низ нивниот стан.
Во однос на храната, по реакција на одреден број на потрошувачи за готовата храна која се продава во некои супер маркети ширум републиката, ОПМ реагирала до Агенцијата за храна и ветеринарство на сите готови јадења кои се продаваат да стои декларација со содржината на истите, со цел потрошувачите да бидат информирани за какво јадење се работи и што содржи истото.крај/мф/сд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.