Економија
Отворен првиот СОС маркет
Корисниците на социјална помош во Македонија од понеделникот може да ги купуваат најосновните производи по цени пониски од 10-25 отсто. За таа цел на најзагрозените социјални случаи им беа поделени специјални картички со кои ќе може во специјализираните продавнички да купуваат по пониски цени.
Корисниците на социјална помош во Македонија од понеделникот може да ги купуваат најосновните производи по цени пониски од 10-25 отсто.
За таа цел на најзагрозените социјални случаи денеска им беа поделени специјални картички со кои ќе може во специјализираните продавнички да купуваат по значително пониски цени.
Првите картички ги поделија министерот за финансии Зоран Ставрески и министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами, пред СП маркетот во Кисела Вода, каде што од денеска ќе може социјално загрозените да пазарат по пониски цени.
Еден корисник на ваква картичка ќе може месечно да го остваруваат своето право на купување производи по намалени цени до висина на социјалната помош што ја прима.
Предвидено е наскоро на корисниците на социјална помош да им биде овозможено да купуваат по пониски цени и во неколку други СП маркети, а за таа намена наскоро ќе бидат приспособени и неколку маркети на Тинекс.
Министерот Ставрески ја поздрави иницијативата на СП маркет и на Тинекс за давање на можност на социјалните категории на граѓани да ги купуваат основните животни продукти по пониски цени отколку што се во регуларна продажба.
Сметам дека двете фирми на ваков начин покажаа солидарност со посиромашните слоеви на населението во вакви тешки услови на криза, рече Ставрески.
Тој изрази уверување дека оваа иницијатива ќе биде поддржана и од други фирми и најави дека владата наскоро ќе разговара со стопанските комори за поголем број на компании да се вклучат во проектот.
Владата помогнала преку министерството за труд проектот да се реализира на начин кој што ќе овозможи токму оние категории на граѓани што имаат најмногу економски и социјални проблеми да можат да ги добијат картичките, со кој што ќе може да се легитимираат при купувањето на производите.
Министерот Бајрами најави дека наскоро ќе бидат отворени вакви маркети и во другите градови во Македонија.
Тој информираше дека на пошироката територија на градот Скопје има регистрирано околу 15.000 социјални случаи, што значи дека околу 60.000 граѓани ќе може да пазарат поевтино во таканаречените СОС маркети во Скопје.Бајрами извести дека биле набавени доволен број на картички, кои ќе се издаваат преку Центарот за социјална работа.
Фирмите кои што ја нудат оваа помош не добиваат ништо во замена, освен што си го зголемуваат реномето и угледот кај граѓаните.
Тие производите наменети за социјалните граѓани ги продаваат без вкалкулирана маржа, а сите дополнителни трошоци ги превземаат врз себе.
Правата картичка му беше доделена на корисникот на социјална помош Димче Крстев, кој изјави оваа претставува еден од најважните проекти за социјалните случаи.Тој и се заблагодари на владата што имала слух за социјалните случаи и изрази надеж дека наскоро вакви продавнички ќе бидат отворени и во другите градови./крај/ап
Повеќе фотографии.
Copyright 2009 makfax. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.