Економија
Aгенцијата „Стандард и Пурс” го потврди кредитниот рејтинг на Македонија
Aгенцијата „Стандард и Пурс” соопшти дека го потврдува кредитниот рејтинг на Македонија ББ- со стабилен изглед. Потврдата на стабилниот изглед ги одразува оценките на „Стандард и Пурс” за балансирани ризици помеѓу траекторијата на јавниот долг и политичката неизвесност од една страна, и поволните економски перспективи на земјата од друга страна, соопшти Министерството за финансии.
„Стандард и Пурс” нотира дека политичката стабилност е подобрена со формирањето на Владата, како и дека неодамна е забележан напредок во решавањето на спорот со Грција околу името. Според извештајот, ова би требало да резултира со подобрување на довербата и интензивирање на економскиот раст. „Стандард и Пурс” исто така ги наведува плановите за значајни реформи во правосудството, јавната администрација, јавните набавки и транспарентноста, и притоа напоменува дека на овие полиња веќе има одреден напредок, вклучително и во зголемената транспарентност на јавните финансии.
Според извештајот, политичката нестабилност во минатото имала негативен ефект врз економскиот раст, кој забавил од 3,9% во 2015 на 2,9% во 2016 и на нула во 2017. Се очекува дека растот ќе забрза на околу 3% во 2019 година, при позитивен придонес на јавните и приватните инвестиции како одраз на подобрената политичка стабилизација, а се очекува и позитивен придонес од нето-извозот. „Стандард и Пурс” го оценува јавниот долг на Македонија како умерен во глобален контекст, и проектира дека на среден рок долгот ќе изнесува 47% од БДП (државниот долг и долгот на Јавното претпријатие за државни патишта – ЈПДП). Притоа, оваа оценка го одразува очекуваниот буџетски дефицит, но и растечкиот долг на ЈПДП, како и подмирувањето на неплатените обврски кои беа објавени по трансферот на власта.
„Стандард и Пурс” наведува дека може да дојде до подобрување на рејтингот доколку реформите кон економски раст базиран на повеќе извори резултираат со повисок раст на доходот, при повисока ефективност и отчетност на јавните институции и процесот на водење на политики. Наспроти ова, врз влошување на кредитниот рејтинг може да влијае враќањето на политичките тензии, што би имало негативен ефект врз растот и странските инвестиции, како и во случај на фискална недисциплина или вонбуџетски активности кои би ја довеле во прашање одржливоста на јавниот долг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.