Анализа
Газпром може да ги помати плановите на ЕУ, се разгледува вклучување во проектот TAP
Рускиот енергетски гигант во гасниот сектор „Газпром“ би можел да го помати планот на Европската унија да ја намали зависноста од рускиот гас, најавувајќи дека може да се вклучи во трката за снабдување на Европа и преку Трансатлантскиот цевковод (TAP) по 2020 година.
Русија е најголемиот снабдувач на Европа со гас и намирува две третини од европските потреби од овој енергент, а „Газпром“ пред крајот на минатата година објава дека во последниот квартал достигнал рекордни испораки на гас до европските потрошувач. Европската унија одлучи, пак, да се прошират можностите за снабдување на изворите за набавка за ткн Јужен гасен коридор со кој се планира да се снабдува со гас од Азербејџан.
Крајната алка на овој проект со капацитет од 10 милијарди кубни метри гас би требало да биде TAP, кој на турската граница ќе се надоврзе на Трансанадолскиот цевковод (TANAP) и преку Грција и Албанија по дното на Јадранското Море ќе излезе на територијата на Италија. На овој гасовод, на локално ниво за Црна Гора и Хрватска, треба да се надоврзе и Јонско-јадранскиот гaсвод (IAP).
Од „Газпром“ во јануари пристигнаа пораки дека рускиот гигант би можел да ги помати европските планови, истакнува Reuters. Така, заменикот претседател на управниот одбор Александер Медведев изјави дека „Газпром“ ја разгледува можноста за вклучување во проектот преку системот аукции кои на сите потенцијални доставувачи би требало да им гарантира еднаков пристап до гасоводот.
Медведев притоа рече дека не е сигурен оти Азербејџан ќе може самиот да го полни гасоводот, додавајќи дека Русија би можела да помогне и да ги надополни евентуалните кусоци во втората фаза од проектот кој предвидува проширување на транспортните капацитети по 2020 година. „Така гасоводот не би останал празен“, порача еден од челниците на „Газпром“.
Во првата фаза единствен доставувач на газ за TAP ќе биде конзорциум предводен од компанијата „British Petroleum“, кој во моментов го развива гасното поле Шах Дениз 2 во Азарбејџан, во втората фаза капацитетот на гасоводот ќе биде удвоен, а доставувачите ќе се избираат на отворени аукции.
Некои од акционерите на TAP, вклучително и италијанската „Snam“ и белгиската компанија „Fluxys“, порачаа дека не би имале ништо против од вклучувањето на „Газпром“, а неименуван извори од Европската унија истакнуваат дека не можат да спречат натпреварување на руските компании на аукциите. Предупредуваат, сепак, дека влегувањето на рускиот гас во TAP можеби би се косел со условите кои ги поставија финансиерите на проектот, како Европската инвестициска банка (EIB). Од банката порачале дека спроведуваат длабинска анализа на проектот.
Во Брисел истакнуваат дека во случајот на TAP би можеле да ги суспендираат прописите за рамноправното пазарен натпревар за да го исклучат „Газпром“ , но таа постапка би требало да ја покренат компаниите и владите коишто учествуваат во проектот. Ваквата интервенција би можела да биде протолкувана како откажување од зацртаното исклучително пазарно регулирање на цените на гасот, предупредува Reuters.
Со пристапот до TAP, „Газпром“ настојува да го одбрани уделот на европскиот пазар од потенцијалните „предизвикувачи“, вклучително и оние од источниот Медитеран и во северна Африка, велат извори од оваа индустрија.
„Базата околу Израел, Кипар и Египет, би можела да ѝ конкурира, но ако Русија го наполни TAP, нема да биде лесно“, истакнува високо рангиран извор во италијанската енергетска индустрија.
Од „British Petroleum“ порачуваат дека во проширениот TAP би можеле да инјектираат дополнителни кубици гас од азербејџанското гасно поле. Во вторникот известија дека на полињата Шах Дениз произвеле околу 10,7 милијарди кубни метри гас, што е за 8,1 отсто повеќе отколку една година претходно. Произведени се и 2,5 милиони тони кондензати, 8,7 отсто повеќе отколку во 2015 година.
Аналитичарите во анкетата на Reuters, пак, се скептични во поглед на зголемувањето на снабдувањето од овој извор во Азербејџан, предупредувајќи дека домашната побарувачка остро расте, а производството на старите полиња стагнира./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Анализа
Дали Трамп ќе ризикува копнена војна со Иран?
Во екот на војната со Иран, претседателот на САД, Доналд Трамп, се соочува со најкритичната одлука од почетокот на конфликтот – дали да нареди испраќање американски копнени сили на терен, пишува Си-ен-ен.
На речиси секојдневните брифинзи во Белата куќа, Трамп со врвни воени претставници ги разгледувал сите опции, вклучително и сценарија што би значеле директна воена интервенција во Иран. И покрај тоа, претседателот јавно се обидува да ја намали тежината на ова прашање.
„Не испраќам војници никаде. А и да планирав, сигурно не би ви кажал“, изјави Трамп во Овалната соба.
Политички ризик и притисок од сопствените редови
Можноста за испраќање илјадници американски војници на Блискиот Исток предизвикува сериозни тензии во Вашингтон. Дел од најблиските сојузници на Трамп предупредуваат дека таков чекор би можел веднаш да ја урне јавната поддршка за војната.
Дополнително, постои страв дека Конгресот би можел да одбие нов пакет финансирање вреден стотици милијарди долари, кој администрацијата планира да го побара.
„Цело време бевме уверени дека нема да имаме ситуација со значителен број војници на терен“, изјави републиканскиот конгресмен, Џеф Ван Дрју. „Претседателот нè увери дека тоа нема да се случи. Но, ние не сакаме бесконечни војни.“
И други републиканци испраќаат слични пораки.
„Треба да најдеме стратегија за излез што е можно побрзо. Не сакам да ги ставам Американците на терен таму на кој било начин“, порача конгресменот Тим Бурчет.

Војната влегува во четврта недела – а крајот не се гледа
Конфликтот, кој започна на 28 февруари, сега влегува во четвртата недела. Иако Трамп тврди дека мисијата е „пред предвидениот рок“, реалноста на терен покажува поинаква слика.
Амбициозните цели – пред сè уништување на иранските нуклеарни капацитети – сè уште не се остварени. И покрај илјадниците напади и уништената воена инфраструктура, клучниот проблем останува.
„Фундаменталната предност што ја има Иран е тоа што знаењето не може да се бомбардира“, предупредува европски дипломат. „Тие имаат научници кои со децении работат на нуклеарната програма.“
Според американски податоци, високо збогатениот ураниум на Иран и натаму е складиран длабоко под земја, надвор од дострелот на нападите.
Ормутскиот теснец – глобален економски шок
Одлуката на Иран да го затвори Ормутскиот теснец предизвика силни потреси на светските пазари. Станува збор за една од најважните енергетски рути во светот, низ која минува значителен дел од глобалната трговија со нафта.

Американските власти признаваат дека повторното отворање на теснецот е исклучително сложен проблем.
„Ова е прашање без јасно решение“, велат извори од администрацијата, додавајќи дека исходот зависи од тоа колку далеку е подготвен да оди Трамп за да изврши притисок врз Техеран.
Различни цели на САД и Израел
Сериозен предизвик претставуваат и разликите меѓу Вашингтон и Израел.
Додека Трамп бара побрз политички исход, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, според извори, има многу подолгорочна стратегија.
„Нема сомнение дека неговиот политички часовник е пократок и поостар од нашиот“, изјави израелски функционер. „Во моментот кога ќе одлучи да запре, ќе каже: ‘Победивме’ – и тоа е тоа.“
Сепак, Трамп уверува дека постои усогласеност:
„Сакаме повеќе или помалку исти работи. Сакаме победа, двајцата.“
Опцијата „прогласување победа“
Во позадина, дел од републиканците го советуваат Трамп да ја заврши војната без дополнителна ескалација.
Според нив, администрацијата веќе може да ја претстави операцијата како успешна – со оглед на уништените ракетни системи, беспилотни летала и поморска флота на Иран.
Но, ова сценарио има сериозни слабости, бидејќи не го решава клучното прашање – нуклеарната програма.
Подготовки за најлошото сценарио
И покрај јавните изјави, САД веќе преземаат чекори за евентуална ескалација. Илјадници маринци и морнари се пренасочени кон Блискиот Исток.
Меѓу опциите што се разгледуваат зад затворени врати е и заземање на иранскиот остров Харг – клучна точка преку која се извезува околу 90% од иранската нафта.
„Прашањето е што е претседателот подготвен да направи за да ги натера Иранците да кажат: ова веќе не е во наш интерес“, изјави американски разузнавачки извор.
Но, ваква операција би барала значителен број копнени трупи – нешто што многумина во администрацијата го сметаат за премногу ризично.
„Иран не е Газа“
Експертите предупредуваат дека конфликтот може да се претвори во долготрајна и исцрпувачка војна.
„Иран не е Газа. Тоа е огромна држава со силни институции и резерви“, вели поранешен израелски безбедносен функционер. „Соборувањето на режимот може да трае со месеци или години.“
Дополнителен проблем е тоа што ниту САД ниту Израел немаат јасен план за тоа што би следело по евентуален пад на сегашното раководство во Техеран.
Страв од нуклеарна ескалација
Американските сојузници сè повеќе стравуваат дека токму оваа војна може да го поттикне Иран да забрза со развој на нуклеарно оружје.
„По сето ова, зошто не би се стрчале кон нуклеарна бомба?“, прашува регионален дипломат.
Дури и евентуална копнена операција за заплена на ураниумот би била исклучително опасна, со ризик од радијациска контаминација.
Неизвесен исход
И покрај најавите на Трамп дека наскоро ќе „разгледа смирување“ на конфликтот, исходот останува неизвесен.
Со растечки економски последици, политички притисоци и воени ризици, одлуката за испраќање трупи би можела да биде пресвртна точка – не само за војната, туку и за иднината на американската надворешна политика.
Анализа
Разорувачкиот пример на економски и социјален „мазохизам“
Откако пред неполни три години човештвото се соочи со глобалната пандемиска – здравствена криза што мултиплицирано се зголеми на почетокот од оваа 2022 година со руската воена инвазија во Украина, согласно сите извештаи за реалните состојби, научни анализи и аргументирани предвидувања извесно е дека оваа есен – зима ќе кулминираат економската, енергетската, инфлаторната, ценовната и социјалната криза со епски пропорции.
Jeff Bezos, основачот и извршен претседател на „e-commerce” гигантот Amazon, кој е најрелевантен барометар за „здравјето” на јавната потрошувачка односно, клучниот генератор на економскиот развој, предупредува на неизбежност од голема рецесија на светската економија. Истите ставови ги споделуваат и David Solomon (CEO Investment Bank Goldman Sachs) или пак Jamie Dimon (CEO JP Morgan Chase) кој по последното интервју од 10 октомври ќе изјави дека „економијата ќе влезе во рецесија следните шест до девет месеци”.
Elon Musk (CEO Tesla & SpaceX), е уште попрецизен велејќи дека „ние сме веќе во рецесија која веројатно ќе трае до пролетта 2024 година и само најјаките ќе преживеат”.
Ваквата драматична криза кај сите национални економии наметна алармантна, вонредна состојба која пак ургентно бара вонредни и радикални економски стратегии и оперативни мерки за одржување во живот и избегнување на целосен економски колапс.
Скоро без исклучок сите одговорни политички, економски и финансиски лидери од европските земји се согласуваат со дијагнозата дека се работи за најсериозна ,,ЕГЗИСТЕНЦИЈАЛНА ЗАКАНА” која наметнува неопходност од нови приоритети преку забавување или целосно времено одложување на претходно донесените национални стратегии и развојни проекции.
Метафорично, кризата ги претвори националните економии како „пациент во клинички шок со акутни животно загрозувачки проблеми каде се неопходни интервентни реанимациони процедури а не некакви блазирани совети за долгорочните погодности од поинтензивно пешачење и физички вежби во природа на чист воздух или пак совети за органска исхрана и здрав диетален програм(!?)”.
Така на пример германскиот канцелар и неговиот владин кабинет интервентно одлучија да го стопираат планираното затворање на преостанатите три нуклеарни централи, но и да рестартираат неколку од веќе „пензионираните” нуклеарни капацитети. Од егзистенцијална важност е да се обезбеди електрична енергија за домаќинствата, индустријата и инфраструктурата во Германија.
Ваквата тешка одлука е донесена и под голем притисок на неколку други партнерски земји од ЕУ, како Словачка и Унгарија. Белгија исто така планираше да ги затвори своите два нуклеарни реактори (со капацитет од 2.1 GW) до 2025 година, но во март одлучија да ги задржат во функција барем за уште 10 години. „Bloomberg” објави дека новата влада на Шведска ќе побара од државната компанија „Vattenfall AB” да планира и изгради нови нуклеарни централи за да ја задоволи растечката побарувачка на електрична енергија во земјата.
Притисната од драматичната реалност, германската влада прави „очајнички” обиди за да го задржи функционирањето на националната економија но и запалените светла и снабдување со електрична енергија во сите домаќинства за да се помине зимата. И покрај претходно прифатената обврска на Германија за постепено исклучување на ископување и користење на јаглен до крајот на оваа декада, во оваа нова реалност се вратија назад на најсигурниот и најбрз начин на производство на електрична енергија од фосилните горива. Така, во овие неколку месеци ефикасно возобновија и вратија во функција на неопределено време, најмалку 20 термо електрани на јаглен. Ветерните турбини близу до отворениот коп на рудникот „Garzweiler” во Северна Рајна-Вестфалија а со кој управува германскиот енергетски гигант „RWE”, се демонтираат и отстрануваат за да се отвори простор за проширување на копот и интензивна експлоатација на јаглен.
Дури и најавторитетните граѓански групации за заштита на животната средина се согласуваат дека јагленот е најбрзиот но и најефикасниот одговор на енергетската криза. Karsten Smid од „Greenpeace Germany” вели „Ние мораме да разбереме дека кризната состојба во која би немале енергија, би немале струја нити топлина во домовите и канцелариите оваа зима, е далеку посериозно прашање од било која друга тема и заложба”.
Факт е дека во кризни времиња генерално сите луѓе покажуваат поголем интерес за информации, читање, проучување, слушање и осознавање.
Така дури и најекстремните екологисти ја разбраа и прифатија реалноста дека без рударство и многукратно зголемување на неопходните количини од ретките, критични минерали и метали (бакар, литиум, никел, графит, кобалт…), општоприфатената програма за глобална транзиција во „зелена економија” – е само обична ДЕКЛАРАТИВНА ЖЕЛБА! Според извештаите на Светска Банка, притисокот за „зелена” технологија и производство на енергија од обновливи извори (ветер, сончева и геотермална), како и високософистицираните решенија за складирање на таквата енергија ќе резултира со побарувачка од околу 3 милијарди тони минерали и метали, односно ќе биде потребно 500% зголемување на производството на критични минерали и метали до 2050 година. Неизбежно се наметнува заклучокот дека современото одржливо рударство е клучна алка во процесот на транформација кон „зелената економија”.
Видлив е трендот да големите автомобилски компании како Ford, Chrysler, Volkswagen, Mercedes, кои се обврзаа за забрзана транзиција и замена на нивните производни програми со електрични возила широко достапни до 2035 година (!?), интензивно стратешки се поврзуваат капитално со големите рударски компании кои работат и применуваат нови технологии и високи стандарди за одржливо рударство.
Така и американската администрација на претседателот Joe Biden неодамна додели грант од вкупно 2.8 милијарди долари за значително поттикнување на домашното рударство на критичните минерали и метали потребни за производство на моќните батерии за електричните возила.
Доколку во контекст на сé претходно наведено во овој текст повторно се навратам на разочарувачкиот пример со сосема неоправдано наметнатата неизвесност или повеќегодишниот „limbo” статус на Проектот за мега странската инвестиција – рударски комплекс за бакар „Иловица-Штука”, неизбежно ќе воочиме дека во односот на нашата држава кон овој проект има јасни елементи на економски, финансиски, енергетски и социјален „МАЗОХИЗАМ”.
Искрено, како горд македонски државјанин чувствувам наплив на „срамотизам” при самото потсетување на крајно непристојното игнорирање и упорно избегнување на директна конструктивна комуникација со највисокиот менаџмент и бордот на директори на проектната компанија Euromax Resources, како и со клучните инвеститори со потврдено позитивен авторитет на глобалната деловна сцена. Со неодговорно наметнатата административна „рашомонијада” кон овој Проект (во последните 7 години!), како да постои некаков нерационален „мораториум” за објективно согледување на реалноста и за повлекување на практични и ефективни одлуки. Се прашувам зошто, дури и во вакви најкризни времиња, кај нас се повторува синдромалното пореметување на деструктивна „умствена миопија” додека и понатаму продолжуваме да пимпламе со односот кон нашата колективна иднина.
Пасивноста, игнорантноста и самосожалувањето со својата „мртва тежина” не притискаат и во ваква драматична криза се всушност најголемата неправда кон сите нас. И покрај нашите политички, етнички, верски, социјални и културни различности, крајно време е СИТЕ да се обединиме во справувањето со овие егзистенцијални предизвици, да се обединиме за опстанок но и за прогрес, за отворање на нови работни места, за повисок животен стандард, конечно стопирање на иселувањето, посреќен и подостоинствен живот!
Да бидам конкретен – Во актуелните турбулентни времиња единствена реално остварлива, повторувам единствена реална мега – странска инвестиција која е веќе присутна во нашата држава и е целосно подготвена ВЕДНАШ да започне со оперативна реализација е токму проектот на Euromax Resources за современ рударски комплекс за бакар „Иловица-Штука”! Само за првите две години на изградба обезбеден е буџет за инвестирање на 350 милиони евра; во текот на целиот период на оперативно функционирање редовно ќе се исплаќаат по околу 75 милиони евра секоја година на повеќе домашни кооперанти; секоја година ќе се уплаќаат приближно по 25 милиони евра во државниот буџет, а околу 4 милиони евра во буџетите на локалните управи; рударскиот комплекс ќе генерира редовен извоз од околу 200 милиони евра годишно; според актуелните статистички податоци се проценува дека ќе придонесе за просечно зголемување на Бруто Домашниот Производ – БДП, за околу 4% на национално ниво; за целокупното времетраење со оперативното работење потребни се 3200 нови директни и индиректни работни места од најразлични професии…
Клучен инвеститор е глобалниот деловен гигант – Групацијата TRAFIGURA или една од водечките светски дистрибутерски, трговски, логистички и производни компании. Тие се лидери во секторот на „commodities” или природни суровини кои ни се неопходни за „преживување” оваа зима, како нафта и нафтени деривати, природен гас, LPG&LNG, метали и минерали, енергија и обновливи извори на енергија. Мултинационална корпорација која има свои компании во 48 држави на сите континенти. Во финансиските резултати за 2021 година, Групацијата TRAFIGURA објави приход од 231.3 милијарди долари (што е за цели 16 пати поголем износ од македонскиот БДП!), а само за првата половина од 2022 година вкупниот приход изнесува 170.6 милијардри долари и нето профит од 4.7 милијарди долари…
А ние, ние со празните реторики, бескрајните игри и одолговлекувања наместо да побараме соработка неразумно ги присилуваме да дигнат раце од инвестицијата во овој мега Проект, но и од повеќе други потенцијални проекти во нашата држава каде како партнери со Групацијата TRAFIGURA, сосема извесно и за многу краток период би можеле да постигнеме реален пресврт со забележителен економски, енергетски, финансиски и социјален прогрес.
Д-р. Живко Груевски
ПР
Анализа
Мицкоски: Ветуваа живот, а донесоа соларни и марихуана-картели, корупција и криминал
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на „Фејсбук“ пишува дека „македонските граѓани плаќаат најскапа струја во споредба со граѓани на другите држави во регионот. Невистини се тврдењата на Владата дека граѓаните во Македонија плаќаат субвенционирана, најевтина струја во Европа. Имено, според Евростат, цената на струјата што македонските граѓани ја плаќале во првото полугодие од 2022 година била 89,5 €/MWh“.
„Според Евростат, во првото полугодие од 2022 година граѓаните во регионот плаќаат многу поевтина струја (слика 1) во споредба со македонските граѓани:
Србија 58,9 €/MWh
БиХ 73,3 €/MWh
Турција 74,8 €/MWh
Косово 55,5 €/MWh
Црна Гора 79,2 €/MWh
Ветуваа живот, евтина струја, нема претплата за МТВ, бројчаници итн… а што донесоа? Во првото полугодие од 2017 година македонските граѓани плаќаа струја за цена од 69,5 €/MWh (слика 2) или 22,5 % помалку од цената на струјата што ја плаќале во првото полугодие од 2022 година“, стои во објавата на првиот човек на опозициската партија.
