Берзи
Раст на берзите на денот на инаугурацијата на Трамп, по 50 години
На главните европски берзи и на њујоршки Волстрит цените на акциите во петокот пораснаа, па првпат по повеќе од 50 години полагањето на заклетвата на новиот американски претседател е проследено со раст на берзанските индекси.
На повеќето на европските берзи цените на акциите во петокот пораснаа. Лондонскиот FTSE индекс ослаби за 0,14 отсто, на 7.198 поени, додека франкфуртскиот DAX зајакна за 0,29 проценти, на 11.630 поени, а парискиот CAC скокна за 0,20 отсто, на 4.850 индексни поени.
На Волстрит индексот Dow Jones зајакна за 0,48 отсто, на 19.827 поени, додека S&P 500 порасна за 0,30 отсто, на 2.271 поен, а Nasdaq индексот за 0,28 отсто на 5.555 индексни поени.
По пет дена пад, индексот Dow Jones во петокот чувствително порасна, а го следеше индексот S&P 500, па ќе остане запаметено дека на самиот ден на инаугурацијата на 45-от американски претседател Доналд Трамп, овие два индекса забележале раст првпат од 1961 година, кога за нов претседател заклетва положи Џон Ф. Кенеди.
Во транзицискиот период на поранешниот претседател Барак Обама, за време на финансиската криза во 2008 година, индексот S&P 500 падна за 15,5 отсто од денот кога Обама победи на изборите па до неговата инаугурација.
Во период од изборот на Трамп па до неговата инаугурација, од 8-ми ноември од 20-ти јануари, овој индекс порасна за 6,2 отсто, па тоа е еден од најдобрите резултати на американската берза во претседателскиот транзициски период во современата историја.
Меѓутоа, во самиот инаугурациски говор Трамп во петокот не откри нови детали за своите идни економски политики, на што се надеваа вложувачите. Истакна дека неговата политика ќе биде насочена на тоа да се купува американски производи и да се вработуваат Американците, што повеќепати го најави во својата изборна кампања, а некои инвеститори велат дека неговите коментари повторно предизвикуваат загриженост поради можната протекционистичка политика.
„Доколку инаугуративниот говор на Трамп сакате да го сфатите како некој сигнал, тоа е тогаш дека трговијата ќе биде еден од приоритетите и дека нешто брзо ќе стори по тоа прашање“, вели за Reuters, Бред Мекмилан, директор во компанијата „Commonwealth Financial“.
И покрај петочниот раст, на седмично ниво сите три индекса на Волстрит завршија во минус. Dow Jones и Nasdaq ослабеа за околу 0,3, а S&P 500 индексот за 0,15 отсто./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
