Економија
Божиновска: Градиме енергетски систем што нуди стабилност, доверба и одржливост
Со порака дека енергетската транзиција повеќе не е план, туку активен процес со конкретни резултати и мерливи цели, денес во Владата се одржа состанок на Секторската работна група за енергетика, во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
На состанокот присуствуваа претставници од Делегацијата на Европската Унија, УНДП, Светска банка, амбасади, клучни институции од енергетскиот сектор, како и претставници на донаторската заедница и меѓународните финансиски институции.
Фокусот на дискусијата беше ставен на забрзување на реформите, ефективна донаторска координација и утврдување на следните приоритети во спроведувањето на стратешките документи и реформската агенда.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во своето обраќање истакна дека Македонија влегува во нова фаза на енергетската политика – фаза на имплементација, резултати и одговорност.
„Градиме енергетски систем што нуди стабилност, доверба и одржливост. Со новата законска рамка, инвестициите во обновливи извори и засилената соработка со меѓународните партнери, ги поставуваме темелите за модерен, конкурентен и европски усогласен енергетски сектор,“ нагласи министерката.
Особен акцент беше ставен на усвојувањето на Интегрираниот национален план за енергија и клима 2025–2030 (NECP), кој претставува клучна рамка за декарбонизација, енергетска ефикасност и интеграција во европскиот енергетски пазар. Министерството веќе работи на воспоставување систем за следење, известување и координација за негова ефективна имплементација.
Во делот на праведната транзиција, беше истакнато дека процесот веќе добива конкретна оперативна динамика, со усвоен Годишен план за 2026 година и подготвени мониторинг извештаи. Преку Инвестициската платформа за праведна транзиција, се забрзуваат инвестициите во обновливи извори, со фокус на нови работни места, преквалификација и поддршка за заедниците погодени од транзицијата.
Претставниците на енергетските компании информираа за тековните и планираните инвестиции. Беше нагласен напредокот во модернизацијата на преносната мрежа, развојот на обновливите капацитети, како и процесите на market coupling и дигитализација.
Министерството презентираше и конкретни резултати од изминатиот период, меѓу кои:
· активни инвестиции во соларни и ветерни капацитети во соработка со меѓународни финансиски институции;
· напредок во реализацијата на гасните интерконектори со Грција и Србија;
· подготовка на програми за енергетска ефикасност, вклучително и реконструкција на јавни објекти;
· воспоставување системски пристап за справување со енергетската сиромаштија. .
Како клучни приоритети за наредниот период беа посочени: финализирање на законската рамка, забрзување на инвестициите во обновливи извори и мрежна инфраструктура, дигитализација на процесите, унапредување на енергетската ефикасност, како и засилено следење на имплементацијата на реформите.
Учесниците го поздравија постигнатиот напредок и ја нагласија потребата од уште поинтензивна координација и партнерство во остварувањето на заедничките цели – енергетска безбедност, одржливост, конкурентност и целосна интеграција во европскиот енергетски систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Намалување на цените на горивата во Македонија, дизелот поевтинува најмногу
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати се намалуваат во просек за 1,78% во однос на претходната одлука од 4.5.2026 година.
Според пресметките, на светскиот пазар има намалување на референтните цени кај повеќето деривати: бензините за 0,444%, дизелот за 6,073%, екстра лесното масло за 6,495%, додека кај мазутот има зголемување од 0,791%. Курсот на денарот во однос на доларот бележи пад од 0,1199%.
Од 12.5.2026 година од 00:01 часот, новите максимални цени ќе бидат:
ЕУРОСУПЕР БС-95: 85,00 денари/литар (без промена)
ЕУРОСУПЕР БС-98: 86,50 денари/литар (намалување за 0,50 ден/л)
ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 89,50 денари/литар (намалување за 4,00 ден/л)
Екстра лесно масло ЕЛ-1: 94,00 денари/литар (намалување за 4,50 ден/л)
Мазут М-1 НС: 49,968 денари/кг (зголемување за 0,248 ден/кг)
РКЕ посочува дека најголемо намалување има кај дизелот и екстра лесното масло, додека бензините бележат минимални промени или остануваат стабилни.
Економија
Божиновска: Македонија ја зацврстува позицијата како активен регионален партнер во енергетската транзиција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваше на „Belgrade Energy Forum 2026“, еден од најзначајните регионални енергетски форуми, каде заедно со министри, претставници на Енергетската заедница, меѓународни институции и водечки експерти се дискутираше за енергетската безбедност, декарбонизацијата и иднината на енергетскиот сектор во регионот, инфомрираат од ресорното министерство.
На панелот посветен на енергетската транзиција и регионалната соработка, министерката порача дека Македонија повеќе не е пасивен набљудувач на енергетските процеси, туку држава која активно ги креира сопствените политики и се позиционира како релевантен и стабилен партнер во регионот.
„Енергетската криза беше јасен сигнал дека енергетската безбедност и транзицијата мора да одат паралелно. Македонија суштински го редефинираше пристапот кон енергетиката – од пасивно следење на пазарот, кон активно планирање, инвестиции и развој“, истакна министерката.
Таа нагласи дека со новиот Закон за енергетика, усвоен во 2025 година, државата воведе системско планирање и предвидлива рамка за инвеститорите, со што значително се забрза инвестицискиот циклус во обновливите извори на енергија.
Потенцираше дека производството на електрична енергија од сонце е зголемено речиси 50 пати во споредба со 2016 година.
Во своето обраќање таа ги издвои и капиталните државни инвестиции преку АД ЕСМ, особено проектите за изградба на фотоволтаични централи во РЕК Битола и РЕК Осломеј, оценувајќи ги како симбол на праведната енергетска транзиција и трансформацијата на поранешните јагленски капацитети во извори на чиста енергија.
Посебен акцент беше ставен и на диверзификацијата на снабдувањето со енергенси и регионалното поврзување. Министерката посочи дека Македонија активно работи на гасното интерконективно поврзување со Грција и Србија, со што се отвора пристап до нови извори на природен гас и LNG терминали, а паралелно се зајакнуваат и електроенергетските интерконекции со соседните земји.
Говорејќи за европските политики и механизмот CBAM, министерката истакна дека државата веќе воспостави систем за Гаранции за потекло на електрична енергија, што ќе им овозможи на македонските компании поголема конкурентност и полесен пристап до европскиот пазар.
Економија
Николоски: Рокот за Коридор 8 се поместува до декември 2029 година поради две изгубени години од претходната власт
Премиерот Христијан Мицкоски денеска заедно со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски вршат посета на инфраструктурните проекти што се реализираат на западниот дел на Коридор 8.
По увидот на градежните работи на автопатот Тетово-Гостивар и Гостивар Букојчани, вицепремиерот Николоски истакна дека градежните работи се одвиваат со потребната динамика. Сите предизвици на трасата се решаваат со добра координација меѓу институциите, а Владата на изведувачот му овозможи отворен фронт за работа на цела траса.
„Ние многу често зборуваме за овие проекти во нашите јавни настапи, на прес-конференции, на интервјуа, еве сега да се види во живо. Веќе едната секција ја поминавме, автопатот од Тетово до Гостивар, во јавноста некако прифатена перцепција дека тоа е автопат, но во суштина тоа е експресен пат и прв пат на оваа делница ќе се изгради автопат. Втората делница е она на која што сме сега. Нешто што мислам дека за многумина беше незамисливо, а тоа е дека било кога ќе има автопат кој што ќе ја заобиколи Стрaжа и најтешкиот дел од поврзувањето со Охрид и со Струга и целиот Коридор 8. Но можете да видите тука пред нас како интензивно се работи на мостови, на пробивање на автопатот, на косини, навистина се прават исклучително инженерски работи. Како Влада правиме се за да дадеме можност на компаниите кои што се изведувачи што поскоро да ги завршат овие проекти и да можат граѓаните да ги користат. Ова е многу значајно и за БДП, горд сум што во третиот квартал минатата година растот во градежништвото беше 21%, четвртиот квартал 16,7%. Очекуваме добри резултати за првиот квартал, оваа година и да продолжи така во следниот период” -истакна вицепремиерот Николоски.
Тој потенцира три предизвици во делот на изградбата на овие делници. Едната се однесува на дислокација на телекомуникациските меѓународни и внатрешни водови, електрични инсталации и водоснабдувањето за Полог.
„Вториот дел, за жал, морам да кажам дека претходната Влада две години немаше сработено ништо. Ова не е мое тврдење или на примериот или на директорот на ЈПДП. За ова во ноември месец добивме официјално известување од страна на надзорниот инженер, кој што побара да се продолжи рокот за завршување на проектот за најмалку две години. Заради тоа што мораа да се компензираат тие две години кои што се изгубени со предходната Влада и ние тука немаме избор освен тоа да го направиме, така што ќе одиме на рок, најмалку до декември 2029 година, што не значи дека нема да се завршува проектот и порано”- рече Николоски.
Дополни дека важен сегмент е и поврзување со општините кои гравитираат по трасата на автопатот.
По обиколка на овие автопатски делници, ќе се изврши увид и во изградбата на “Галериите” на трасата на автопатот Охрид-Кичево, рехабилитација на превојот Пресека, како и клучката Требеништа која неодамна беше пуштена во употреба.
