Економија
Димитиеска-Кочоска: ММФ ја засилува поддршката за реформи и економска стабилност во регионот преку нов Регионален центар за ЈИЕ
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во рамки на пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон, учествуваше на тркалезна маса на која беше претставена петгодишна програма за развој на капацитетите на нов Регионалниот центар за техничка помош на Меѓународниот монетарен фонд за Југоисточна Европа (SEETAC).
Центарот, чие започнување со работа е предвидено најдоцна до јануари 2027 година, ќе биде дел од глобалната мрежа на ММФ за развој на капацитети и ќе обезбедува поддршка за шесте земји од Западен Балкан и Молдавија во зајакнување на институциите, креирање политики и спроведување реформи во согласност со европските стандарди.
Министерката Димитриеска-Кочоска на состанокот истакна дека воспоставувањето на SEETAC претставува значаен чекор за продлабочување на соработката со ММФ за унапредување на економското управување во регионот.
„Како земја даваме јасна и силна поддршка за формирањето на овој регионален центар, кој ќе биде важен инструмент за забрзување на реформите и зајакнување на институциите. Преку SEETAC ќе се обезбеди пристап до врвна експертиза и практична техничка помош, што директно ќе придонесе за поефикасни политики, стабилни јавни финансии и поголема економска отпорност. Ова е значајна инвестиција во капацитетите на регионот и во нашата европска перспектива“, посочи министерката.
Во рамки на дискусијата беше нагласена потребата од понатамошно зајакнување на институционалните капацитети, унапредување на управувањето со јавните финансии, како предуслов за одржлив економски раст и побрза интеграција во Европската Унија.
Овој ангажман е силен и во континуиран раст, особено во контекст на реформите поврзани со пристапувањето во Европската Унија.

Во рамки на првата фаза од работењето, SEETAC ќе се фокусира на зголемување на фискалниот простор, подобрување на прибирањето приходи, зголемување на ефикасноста на јавната потрошувачка, зајакнување на монетарните и финансиските политики, како и унапредување на статистиката и аналитичките капацитети.
Центарот ќе обезбедува континуирана поддршка преку резидентни советници, експерти, обуки, работилници и регионални иницијативи, со цел поефикасна имплементација на реформите и засилена регионална соработка.
На состанокот беше истакната и важноста од партнерството меѓу земјите членки, ММФ и донаторите, при што беше посочено дека вкупниот буџет за првите пет години изнесува 70,4 милиони долари.
Во рамки на Пролетните средби, министерката за финансии учествуваше на состанокот на Холандската конституенца, во чии рамки членува нашата земја, заедно со уште 15 земји – Кнежевството Андора, Ерменија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Република Хрватска, Кипар, Грузија, Израел, Луксембург, Република Молдавија, Црна Гора, Романија, Холандија и Украина.
На состанокот стана збор за предизвиците со кои се соочува светската економија, геополитичките тензии и зголемената неизвесност. Беше истакнато влијанието од конфликтот во Украина, како и воените операции на Блискиот Исток, особено преку директното влијание врз цените на нафтата и гасот и преку нарушување на важните трговски рути, како и за мерките и политиките за справување со влијанието.
Димитриеска-Кочоска во Вашинтон оствари средби и со претставници на повеќе меѓународни финансиски институции и корпорации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средба во Атина со колегите од регионот: Со заеднички напори ќе градиме интегриран и силен енергетски систем
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска денеска учествуваше на заедничката министерска средба со министрите за енергетика на Република Грција, Република Србија и Република Бугарија, Ставрос Папаставру, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и заменик-министерот Кирил Темелков, којашто се одржа во Атина, Грција. Станува збор за средба која е единствена во ваков формат, а која е фокусирана на регионалното енергетско поврзување и зацврстување на соработката меѓу земјите од регионот на полето на енергетиката.
Министрите ја нагласија потребата од понатамошна меѓусебна соработка во регионот како катализатор на инфраструктурните развојни планови , пазарната интеграција во делот на гас и електрична енергија, флексибилноста и сигурноста во снабдувањето. Се разговараше на техничко ниво со владините претставници и систем операторите за гас и електрична енергија. Беше потенцирана одличната соработка помеѓу систем операторите на четирите земји , со дополнително барање да се интензивираат нивните контакти и продлабочи нивната соработка во понатамошниот период.
На крајот од состанокот во духот на понатамошна соработка беше договорено да се прошират работните групи со Србија и Македонија со цел да работат поефективно во насока на градење поврзана, поотпорна, одржлива регионална енергетска рамка, усогласена со целите на Европската енергетска унија.
При тоа, министерката Божиновска ја истакна важноста и потребата од координација во однос на инфраструктурата, пазарите и политиките, оценувајќи ја како клучна за изградба на поотпорен и поконкурентен енергетски систем во Југоисточна Европа.
„Денешната дискусија доаѓа во важен момент за нашиот регион. Југоисточна Европа се наоѓа во сложена енергетска транзиција, каде што сигурноста на снабдувањето, интеграцијата на пазарите и декарбонизацијата мора да напредуваат заедно. Македонија целосно ја споделува оваа визија. Ние сме посветени на зајакнување на енергетската безбедност преку диверзификација, забрзување на интеграцијата на обновливите извори на енергија и усогласување со внатрешниот енергетски пазар на ЕУ“, нагласи министерката Божиновска на средбата со колегите од регионот, додавајќи дека ниту една земја не може сама да се справи со овие предизвици.
Економија
Дурмиши: Со новите мерки обезбедуваме директна поддршка за малите бизниси, занаетчиите и преработувачката индустрија
Министерството за економија и труд денеска објави Јавен повик за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија и занаетчии, во рамки на Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста за 2026 година.
За реализација на оваа мерка се обезбедени 11,34 милиони денари, а поддршката ќе се реализира преку кофинансирање на 40 проценти од докажаните трошоци за набавка на нови машини и алати, но не повеќе од 200 илјади денари по барател.
„Со оваа мерка директно им помагаме на домашните компании и занаетчии да инвестираат во модернизација, нова опрема и зголемување на продуктивноста. Нашата цел е да создадеме поконкурентна домашна економија и да обезбедиме реална поддршка за малите бизниси, кои се двигател на економскиот раст“, соопшти министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Право на учество на јавниот повик имаат микро, мали и средни претпријатија со мнозински домашен капитал, како и занаетчии регистрирани согласно Законот за занаетчиство.
Поддршката се однесува на трошоци направени во текот на 2025 и 2026 година, а сите апликанти кои ќе ги исполнат условите утврдени во јавниот повик ќе бидат опфатени со мерката.
Министерството за економија и труд најави и два нови јавни повици во рамки на Програмата за поддршка на преработувачката индустрија и општествена одговорност за 2026 година.
Првиот повик се однесува на надоместување на дел од трошоците за воведување и сертификација на стандарди во преработувачката индустрија, за што се обезбедени 2 милиони денари. Компаниите ќе можат да добијат кофинансирање до 70 проценти од трошоците, но не повеќе од 200 илјади денари.
„Преку воведување меѓународни стандарди им помагаме на компаниите полесно да се позиционираат на странските пазари, да ја зголемат конкурентноста и да станат дел од глобалните синџири на добавувачи“, истакна Дурмиши.
Вториот јавен повик е наменет за зајакнување на соработката помеѓу компаниите од преработувачката индустрија и универзитетите преку реализација на заеднички проекти. За оваа мерка се предвидени 5 милиони денари, а кофинансирањето ќе изнесува до 70 проценти од трошоците, но не повеќе од 500 илјади денари по проект.
„Инвестицијата во знаење, истражување, иновации и соработка меѓу бизнисот и академската заедница е клучна за технолошки развој, зелена и дигитална транзиција и создавање производи со повисока додадена вредност“, соопшти министерот Дурмиши.
Економија
Божиновска на Energy Transition Summit во Атина: Посветени сме на заложбите за кредибилен партнер во Европската енергетска интеграција
Посветени сме да бидеме конструктивен регионален партнер, кредибилен учесник во европската енергетска интеграција, земја која придонесува за постабилна, побезбедна и поодржлива Југоисточна Европа, изјави денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, говорејќи на Министерскиот панел: “Delivering 2030 – Leadership commitments for the East Med transition”, во рамките на дводневниот „Energy Transition Summit: East Med and Southeastern Europe“, кој се одржува во Атина, Грција.
На Самитот, којшто е во организација на Financial Times и Катимерини, учествуваат високи владини претставници од регионот, како и претставници на бизнис и финансискиот сектор на регионално ниво.
Министерката Божиновска, во својот говор се осврна на важноста од регионалното енергетско поврзување:
„Во изминатите неколку години многу јасно се покажа дека ниту една земја во нашиот регион не може сама да изгради енергетска безбедност, и дека ниту една транзиција не може да успее ако не е сигурна, достапна по цена и погодна за инвестиции. За мојата земја ова е прашање на енергетска безбедност, економска конкурентност и социјална стабилност. Затоа, за нас остварувањето на целите за 2030 значи три работи: изградба на регионална интерконекција како безбедносна инфраструктура, интеграција на обновливите извори преку мрежи, складирање и балансирање, и одржување на транзицијата достапна, социјално праведна и привлечна за инвестиции“, рече министерката Божиновска.
Набројувајќи ги постигнувањата на нашата земја на полето на енергетиката, министерката Божиновска потенцираше дека нашата цел е географската позиција на земјата да се претвори во предност.
„Гасниот интерконектор со Грција е клучен пример. Со почетен капацитет од 1,2 милијарди кубни метри годишно и можност за проширување до 2,8 милијарди кубни метри, тој ја менува нашата позиција од енергетска крајна точка во дел од регионален коридор. Ова е важно затоа што диверзификацијата денес не значи само повеќе снабдувачи. Таа значи повеќе рути, поголема флексибилност и поголема отпорност.
Преку поврзувањето со Грција, нашата земја го зајакнува пристапот до регионалните гасни текови, вклучително и LNG инфраструктурата. Планираната интерконекција со Србија е следниот чекор кон посилна север-југ енергетска поврзаност во Југоисточна Европа. Нашата позиција е јасна: интерконекторите се инструменти на регионална стабилност, енергетска дипломатија и долгорочна отпорност“, нагласи министерката Божиновска на Министерскиот панел: “Delivering 2030 – Leadership commitments for the East Med transition”, во рамките на „Energy Transition Summit: East Med and Southeastern Europe“.
