Економија
Димитриеска-Кочоска: Геополитичката нестабилност носи нови економски предизвици, приоритет останува заштитата на стандардот на граѓаните
Балансот помеѓу фискалната консолидација, обезбедување економски раст и спроведување мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на економијата се клучни во услови на континуирана и продлабочена геополитичка неизвесност. Ова го порача министерката за финансии на 9-тата Меѓународна конференција Влијанието на геополитичките промени и вооружените конфликти врз процесот на проценување што во организација на Комората на проценувачи на Република Македонија се одржува денеска во Охрид.
„Светот денес се наоѓа во период на континуирана и продлабочена геополитичка неизвесност, во кој меѓународните случувања сѐ посилно се прелеваат врз економските текови, трговијата и финансиските пазари. Во вакви услови, економиите функционираат во средина на постојани шокови. По пандемијата, енергетската криза, инфлацискиот бран и нарушувањата во глобалната трговија, денес се соочуваме со нов слој на геополитичка нестабилност кој ја отежнува предвидливоста на економските политики и бара постојана адаптација“, истакна министерката во обраќање на панел дискусија на тема “Обликување на иднината на проценувањето во услови на брзи промени”.
Министерката во своето обраќање нагласи дека главниот канал преку кој овие кризи се прелеваат врз светската економија се цените на енергенсите, кои во услови на неизвесност стануваат исклучително чувствителни на секое нарушување во снабдувањето.
Македонската економија, како мала и отворена, е директно изложена на предизвиците со кои се соочуваат и Европа и Светот, токму затоа е потребно внимание, затоа што секоја алка во синџиот е важна доколку сакаме да ги намалиме последиците.
Министерката Димитриеска- Кочоска пред присутните, воедно посочи дека веќе e отпочнат процес на ревидирање на постоечката Методологијата за проценка на вредност на недвижниот имот, во насока на попрецизна регулација за даночни цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Цената на нафтата нагло падна по договорот меѓу САД и Иран
Цените на нафтата денеска значително паднаа на меѓународните пазари и се спуштија под 80 долари за барел, откако САД и Иран постигнаа договор за рамката на преговорите за завршување на војната и најавија отворање на Ормутскиот Теснец.
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека е финализиран меморандум за разбирање кој треба да биде потпишан во петок, по што би следувало отворање на Ормутскиот Теснец и укинување на американската поморска блокада на иранските пристаништа.
Договорот го потврди и иранскиот Врховен совет за национална безбедност, кој соопшти дека по потпишувањето на документот ќе почне процесот на отворање на теснецот.
Според иранската агенција Тасним, во меморандумот е вклучен 60-дневен мораториум за наплата на надоместоци за пловилата што минуваат низ Ормутскиот Теснец. По истекот на рокот, Иран планира да наплатува поморски услуги, додека САД очекуваат теснецот да остане отворен без дополнителни давачки.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека овие прашања ќе бидат разгледувани во претстојните технички преговори.
Економија
Владата ги поддржува домашните претприемачи, индустрија и економија, вели Мицкоски
Премиерот, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања во однос на тоа каква е реализацијата на кредитната линија за поддршка на домашните компании и какви се најновите податоци за прометот во индустријата, изјави:
„Што се однесува до поддршката којашто во јавноста е позната како дел од оној унгарски кредит, минатата недела беа исплатени, односно префрлени некаде околу 120 милиони денари или кога сѐ ќе се заокружи од почетокот до денеска, зборуваме за вкупна сума од 230 милиони евра. Така што ние како Влада, не само што поддржуваме и вакви претприемнички потфати, странски, директни инвестиции, ние поддржуваме и домашните претприемачи, домашната индустрија и домашната економија. Знаете дека каматната стапка на кредитот е од 1,95%, нешто кое што претставува субвенционирано од страна на Владата, со грејс период од 3 години, до 12 години рок на отплата. И на тој начин практично, ние очекуваме барем двојно повеќе таа сума да се зголеми, кога станува збор за инвестиции на домашните компании.
Тоа е практично една од причините, да се надоврзам веднаш на второто прашање, зошто имаме раст во индустријата во месец април. Се консолидиравме после оној шок во март, кога се случи војната во заливот и кога практично ескалираше најголемата енергетска криза којашто ја памети човештвото во овој милениум. А според сите познавачи, ова е поголема од последните 3 енергетски кризи заедно.
И веќе во април месец консолидираната индустрија бележи значаен раст, односно 7,4 или 7,5% зголемена размена споредено со истиот месец од минатата година.
Така што сето ова претставува лоша веста за оние коишто не сакаат да успее оваа земја. Коишто ги гледаме како создаваат хистерија, паника, рефлектираат невистини, креираат, импровизираат, манипулираат и така натаму. Сепак, Македонија забрзува и сепак Македонија на крај ќе победи како што многу пати победила во минатото.“
Економија
Мицкоски: Започна со работа фабриката за производство на опрема за спортови на вода и ветер во Битола
Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска гои означи почетокот на работата на фабриката за производство на опрема за спортови на вода и ветер, „Брејнчајлд“ во Битола.
„На овој убав настан и би рекол на овој исклучителен повод, секогаш кога ќе се гради нешто секогаш тоа што ќе се гради има зa цел да го подобри квалитетот на животот на граѓаните, конкретно во Битола па и во целата држава. За мене претставува задоволство и чест да бидaм тука и да бидам со тие кои што нормално го градат. Денеска имаме приватна иницијатива, која што на почетокот на оваа влада започна со процесот на реализирање на оваа инвестиција. Еве, денеска сите сме сведоци, а и слушнавте од сопственикот на овој објект дека станува збор за една ретка инвестиција, за производи коишто кај нас не така често се користат, но во светот и те како се користат во делот на спортовите на вода“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека во фабриката се вработени околу 230 луѓе и дека инвестицијата е во вкупна вредност од околу 11 милиони евра.
„Јас му честитам на сопственикот за одлуката и во оној неврзан дел од разговорот самиот призна дека минувајќи ги годините овдека во Битола како полека да се случува и кај него чувството, да се вљубува во Битола и во нашата земја, така што ние сме биле познати во историјата како добри домаќини, битолчани се познати како добри домаќини, така се надевам и во периодот кој што следи ќе продолжиме и со реализирање и на други инвестиции“, рече Мицкоски и најави дека се разговара за уште најмалку две заинтересирани инвестицииво Битола.

