Економија
Гувернерот Славески на Регионален семинар во Приштина: Финансиската стабилност е приоритет во дигиталната трансформација
Гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески учествуваше на Регионалниот семинар „Kриптосредства и дигитални пари“, којшто се одржа во Приштина, во организација на Централната банка на Косово, каде што гувернери, претставници на централни банки, регулатори и финансиски експерти од регионот разменија мислења за современите предизвици и можности поврзани со дигитализацијата на финансискиот систем.
Во рамките на панел-дискусијата посветена на политиките и регулативната рамка за криптосредствата и дигиталните пари, со акцент на најзначајните ризици и предизвиците за земјите од регионот, гувернерот Славески се осврна подетално на потенцијалните ризици врз финансиската стабилност и монетарната трансмисија. Гувернерот истовремено истакна дека забрзаниот развој на дигиталните форми на пари отвора значителни можности за унапредување на финансиските услуги, поголема ефикасност на плаќањата и поширока финансиска вклученост. Истовремено, тој нагласи дека овие процеси носат и нови предизвици поврзани со финансиската стабилност, заштитата на потрошувачите, спречувањето перење пари и зачувувањето на монетарниот суверенитет.
„Криптопазарот во нашата земја засега е релативно мал и не претставува значителен ризик за финансиската стабилност. Сепак, потребно е воспоставување јасна и современа регулативна рамка, усогласена со европските стандарди, којашто ќе овозможи соодветна заштита на корисниците, правна сигурност и ефикасен надзор над овој сегмент од финансискиот систем“, истакна гувернерот Славески.
На семинарот беше разгледано и влијанието на дигиталните пари врз трансмисијата на монетарната политика, при што посебно внимание им беше посветено на потенцијалните ефекти од воведувањето на дигиталното евро врз малите и отворени економии. Во таа смисла, беше нагласено дека централнобанкарските дигитални валути (CBDC) можат да претставуваат инструмент за зачувување на монетарниот суверенитет и за поддршка на модернизацијата на платните системи.
„Народната банка внимателно ги следи меѓународните трендови и регулаторните иницијативи во областа на дигиталните средства и активно ги анализира можностите и влијанијата од евентуалното воведување дигитален денар. Во соработка со меѓународни институции, вклучително и Светската банка, се спроведуваат истражувања за потенцијалната побарувачка и можната улога на дигиталната валута на централната банка во домашниот финансиски екосистем“, истакна Славески.
Гувернерот посочи дека криптосредствата и дигиталните пари сè повеќе стануваат дел од современиот финансиски систем. Нивниот потенцијал за иновации е значителен, но нивниот развој мора да биде придружен со соодветна регулатива, ефективен надзор и внимателно управување со ризиците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ВЛЕН: Стратешкото партнерство со Турција се претвора во конкретни инвестиции и економски развој
Стратешкото партнерство со Турција добива нова димензија преку економската соработка и поттикнувањето на инвестициите, во согласност со визијата на ВЛЕН за одржлив развој, конкурентна економија и повеќе можности за граѓаните, велат од партијата преку соопштение.
„Учеството на првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на Бизнис форумот Турција-Северна Македонија во Истанбул е доказ за активниот пристап на институциите во создавањето нови мостови на соработка со бизнис-заедницата и инвеститорите.
Владата, со своите претставници од ВЛЕН, работи на создавање поволна инвестициска клима преку политики што го поддржуваат производството, иновациите, технолошкиот развој и отворањето нови работни места, позиционирајќи ја државата како сигурен и конкурентен партнер во регионот.
Продлабочувањето на економската соработка со Турција не е само дипломатски приоритет, туку и можност за економски раст, унапредување на домашната индустрија и создавање нова развојна перспектива за државата.
ВЛЕН ќе продолжи да поддржува политики што носат инвестиции, ја зајакнуваат економијата и градат долгорочни партнерства во интерес на граѓаните и иднината на Северна Македонија“, се вели во соопштението на ВЛЕН.
Економија
Државата може да изгуби и до милијарда евра поради новите регулативи во индустријата на игри на среќа
Планираните законски решенија ги загрозуваат стекнатите права на легалните приредувачи, што ќе доведе до повеќемилионски загуби на државата по основ на исплата на отштети
Усвојувањето на новиот закон за игри на среќа може да доведе до сериозен удар на државната каса и загуби во буџетот за кои се проценува дека вкупно можат да достигнат и до милијарда евра! Стапувањето во сила на планираните измени би предизвикало затворање на 800 уплатни места во нашата земја, губење на 10.000 работни места и дестабилизација на пазарот, но и сериозни намалувања на приливите во државниот буџет преку надоместоци, даноци и придонеси кои ги уплаќаат легалните приредувачи на игри на среќа.
Предложените законски регулативи, преку воведување на нови правила за оддалеченост и GPS, наложуваат затворање на објекти на легалните приредувачи, со што директно се загрозуваат нивните стекнати права врз основа на важечките лиценци. Иако со законот е предвидено претходно издадените лиценци и дозволи да важат до истекот, новите правила можат да отворат прашање за нивна примена на постоечките локации. Усвојувањето на ова решение би можело дополнително да ја оптовари државата со повеќемилионски износи за плаќање отштета на легалните приредувачи.
Затворањето на легалните објекти, кои работат во согласност со законот и важечките лиценци, преку ноќ би оставило преку 10.000 директно вработени и десетици илјади работници во придружните дејности без приход и работа, отворајќи воедно врата за сивата економија и криминалот. Приходите кои се слеваат во државниот буџет од работењето на легалните приредувачи на игри на среќа директно би се пренасочиле на црниот пазар, поради затворањето на нивните објекти со важечки лиценци, а државата би останала без милионски приходи. Истовремено, пазарот на недвижности би претрпел сериозен крах бидејќи огромен број објекти кои се под закуп би останале празни.
Праксата на Уставниот суд на Република Северна Македонија застапува став дека државата не може да утврдува нови правила за односи кои се веќе воспоставени и завршени, бидејќи тоа создава правна несигурност и ја повредува довербата на правните субјекти во правниот поредок. Поради високите вложувања во закуп, опрема, вработени, информациски систем, банкарски гаранции и такси, постоењето на предвидлива и загарантирана правна рамка е од исклучително значење за легалните приредувачи.
Вообичаена пракса во законските регулативи на земјите во регионот е дека воведувањето на нови правила не може да ги загрози веќе стекнатите права според важечките лиценци и одобрените локации, сè до истекот на рокот за кој се издадени. Значи, законодавецот не може со нов закон да ги менува условите за веќе издадени лиценци на начин кој директно би ги ограничил веќе стекнати права.
Во европската правна традиција исто така е загарантирана заштитата на легитимните очекувања и забраната за ретроактивно влошување на положбата, а овој стандард се применува и во секторот на игри на среќа.
(ПР)
Економија
Божиновска: Македонија и Турција ја продлабочуваат соработката во енергетиката и инвестициите
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во Истанбул учествуваше на Бизнис форумот Северна Македонија – Турција, значаен економски настан посветен на продлабочување на билатералната соработка, привлекување инвестиции и отворање нови можности за партнерства меѓу компаниите и институциите од двете држави.
Форумот ги обедини претставниците на владите, институциите и бизнис-заедниците од Македонија и Турција, со цел унапредување на економските односи, зголемување на трговската размена и поттикнување на нови инвестициски иницијативи. На форумот учествуваше висока македонска владина делегација, предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во чиј состав се и ресорни министри од економската, енергетската и инфраструктурната област.
Во рамки на форумот, Божиновска говореше на панел-дискусијата „Билатерална соработка во трговијата, индустријата, производството и синџирите на снабдување“, каде ги претстави можностите што ги нуди Македонија во секторите енергетика, рударство и минерални суровини, како и реформските процеси насочени кон создавање стабилна, предвидлива и конкурентна инвестициска клима.
Божиновска, во рамки на Македонско-турскиот бизнис форум во Истанбул, оствари билатерална средба со министерот за трговија на Република Турција, проф. д-р Омер Болат.
На средбата беше потврдена заедничката заложба за натамошно продлабочување на соработката меѓу двете пријателски земји, со посебен акцент на енергетиката, рударството, минералните суровини и привлекувањето нови инвестиции.
Средбата претставува уште еден значаен чекор во зајакнувањето на македонско-турските односи и потврда на заедничката определба за продлабочување на економската соработка, привлекување инвестиции и создавање нови можности за одржлив развој и просперитет на двете земји.
