Економија
Kампања за поддршка на угостителството
Туристичко-угостителската комора при ССК го претстави сетот мерки за реализација на кампања, која се очекува да даде сериозна поддршка за секторот, да се постават нови стандарди за работа, со цел долгорочно да се придонесе за подобрување и унапредување на состојбата во угостителството.
Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора, истакна дека членовите на Комората ја следат работата на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство и ги почитуваат стручните препораки што ги дава Комисијата насочени кон заштита на здравјето на сите граѓани. Преку институционална комуникација угостителите покажаа свесност и подготвеност да работат со полно работно време, при што ќе обезбедат највисоки безбедносни стандарди за секторот да работи сигурно, со соодветни мерки за заштита како на вработените така и на гостите.
„Се наоѓаме во фаза во која по долг период постепено се олабавуваат рестриктивните мерки и на луѓето им е неопходна интеракција и движење. Во таа насока сакаме да дејствуваме превентивно и да покажеме дека граѓаните ќе бидат безбедни во нашите објекти бидејќи ќе се обезбеди контролирана средина, каде што ќе се влијае на социјализација со соодветна дистанца и примена на највисоки стандарди на хигиена. Сакаме да апелираме до сите посетители, од моментот на релаксирање на рестриктивните мерки, да се однесуваат одговорно заштитувајќи се и себе и другите, да се придржуваат кон правилата што ги диктира состојбата, за да не се доведе никој во дополнителен ризик. Имајќи го предвид сето ова, се надеваме на што побрзо отворање на секторот, од кој зависи добар дел од нашата економија и постепено да се навикнуваме на новиот начин на живеење“, истакна Ангеловски.
Туристичко-угостителската комора при ССК прзема силна иницијатива за заживување на секторот и сите поврзани дејности и субјекти. Во тој правец, ќе почне позитивна кампања, која ќе придонесе за подобрување на економијата во наредниот период.
„Сведоци сме дека секторите угостителство и туризам се соочуваат со големи предизвици и за таа цел ја најавуваме оваа кампања пред да биде предоцна за реакција, односно пред да почнат да се носат одлуки за затворања на компаниите, кои според глобалните анализи во овој сектор би биле од 15 до 35 отсто. За таа цел, ви го претставуваме сетот мерки, кои ќе се почнат со оваа кампања, за кои се надеваме дека ќе наидеме на поддршка и од страна на надлежните институции.
Таа ќе се спроведе преку сите електронски и печатени медиуми, социјални мрежи, сè со цел да допре до пошироката јавност и ќе се однесува на поддршка на националните производи – препораки за користење домашни производи и услуги од компании во секторот угостителство; поддршка на националниот туризам – за хотелите и сместувачките капацитети, како и развој на алтернативниот туризам; поттикнување на социјална одговорност преку континуирано донирање оброци, како и овозможување бесплатно сместување за социјално најранливите категории; поддршка за лицата што се вработените во овие сектори, како и поддршка за угостителството со промоција на иновативни идеи, како гифт-кард за користење во угостителството, централизиран и олеснет пристап до услугите за испорака на производи, насоки за приспособување на корисниците на услуги кон мерките во посткорона-периодот, како и сеопфатна кампања за враќање на гостите во угостителските објекти, со што сакаме да дадеме до знаење дека угостителството почнува и завршува со пријатното искуство на секој гостин, а ние сме тука да го овозможиме тоа“, изјави Ангеловски.
Тој додаде дека и во периодот на закрепнување на секторот што следува, Комората ќе продолжи да дава предлози кон ресорните министерства за финансиска поддршка, со оглед на тоа што сега ќе се покажат резултатите од досегашните мерки што беа преземени и тоа дали биле доволни и соодветни или не.
Со застојот во работата на секторот угостителство дирекно и индирекно се загрозени и голем број поврзани сектори, како што се организаторите на настани, рентал-компаниите, фотографите, музичката индустрија, дистрибутерите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.