Компании
Македонски Телеком ги објави нередивираните финансиски извештаи
Македонски Телеком АД-Скопје ја задржа водечката позиција на пазарот во фиксни говорни услуги на крајот од 2016 година, покажуваат неревидираните финансиски извештаи согласно Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ).
Приходите од продажба во 2016 година изнесуваат 10.485 милиони денари, што претставува намалување од 1,2 отсто во споредба со 2015 година. Вкупната нето добивка изнесува 1.036 милиони денари и е намалена за 16,6 отсто во споредба со истиот период од претходната година.
„Во 2016 година речиси ги стабилизиравме приходите по неколкугодишен тренд на опаѓање и ги остваривме поставените компаниски цели. Започнавме со дигитална трансформација и го подигнавме нивото на дигиталната интеракција со корисниците. Бројот на домаќинства во Македонија коишто се корисници на нашата Magenta 1 понуда порасна. Постојано инвестираме во нови технологии и мрежна инфраструктура и на тој начин го унапредуваме и го подобруваме нивото на услуги. Со нашето портфолио на конвергирани фиксни, мобилни и cloud услуги, ја зацврстивме позицијата на Македонски Телеком како водечки интегриран давател на телекомуникациски услуги во земјата“, изјави Андреас Маиерхофер, главен извршен директор на Македонски Телеком.
Според неревидираните финансиски извештаи, Македонски Телеком на крајот од 2016 година успеа да ја одржи водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со удел од 60 отсто според интерните податоци. Иако приходите од говорните услуги во фиксната телефонија се намалени за 13,9 отсто споредено со 2015 година, со бројката од 217 илјади корисници Македонски Телеком на крајот од 2016 година е на лидерската позиција на пазарот на фиксни говорни услуги.
Базата на DSL корисници на крајот од 2016 година бележи благо намалување од 0,3 отсто во споредба со претходната година и изнесува 189 илјади корисници, додека уделот на пазарот на широкопојасен интернет изнесува 48 отсто, според интерните податоци.
Како резултат на високиот квалитет, интерактивноста и уникатното ТВ искуство, Македонски Телеком во 2016 година оствари добри резултати со дигиталната телевизија, односно со IPTV услугата. На крајот од 2016 година, бројот на IPTV корисници изнесува 108 илјади, што претставува зголемување од 4,1 отсто во споредба со 2015 година. Со тоа, Македонски Телеком има најголем удел на ТВ пазарот достигнувајќи 26 отсто од вкупниот ТВ пазар, според интерните проценки.
Македонски Телеком бележи добри резултати и пораст во мобилниот сегмент, при што има удел од 50,2 отстo на пазарот, согласно интерната проценка. Базата на претплатници на крајот од 2016 година изнесува 1.258 илјади претплатници.
Приходите од говорни мобилни услуги на крајот од 2016 година се намалени за 5,3 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Намалувањето е резултат на намалените приходи од говорен роаминг и од при-пејд, како и од помалиот мобилен сообраќај од меѓународни дојдовни повици.
Приходите од неговорни услуги се зголемија за 20,1 отсто во споредба со 2015 година, како резултат на зголемените приходи од мобилен Интернет и поголем податочен сообраќај, како и зголеменото користење на податочни тарифни модели. На крајот од 2016 година, приходите од системска интеграција и ИТ се намалија за 6,3 отсто во споредба со истиот период од претходната година. Повисоките приходи во 2015 година беа резултат на ИКТ проектите со Јавното Сообраќајно Претпријатие и Министерството за Финансии. /крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Зегин онлајн“ е најпопуларна е-продавница за здравје, нега и убавина за 2023 година
Во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија вчеравечер се одржа Ecommerce Awards, избор на најдобрите во македонската е-трговија.
Компанијата Зегин со е-продавницата www.zegin.com.mk беше номинирана во неколку категории, а го освои првото место во категоријата „Најпопуларна е-продавница за здравје, нега и убавина“, што претставува уште една потврда дека квалитетот, професионалноста, вложениот труд и љубов секогаш резултираат со успех.
Изборот на најдобрите е-трговци има за цел да ги препознае и награди најдобрите со што ќе придонесе за мотивација и охрабрување за уште подобра работа, да ја крене свеста за потенцијалот и да ја промовира е-трговијата, како и да ја зајакне конкурентноста и да охрабри унапредување на работењето кај постојните и идни е-трговци.
„Оваа награда, трета по ред претстаува уште еден доказ за успешноста на работењето на онлајн продавницата на Зегин- www.zegin.com.mk и е одлична мотивација за уште попосветена работа, поквалитетна понуда, како и позадоволни купувачи во иднина. Ви благодариме за лојалноста и довербата!“, велат од компанијата за наградата.
Манифестација за доделување на македонските Награди за е-трговија за 2023 година – E-commerce Awards, се одржа во присуство на членките на АЕТМ, поддржувачите и партнерите, жири комисијата и наградените е-трговци.
(ПР)
Економија
Тековните предизвици и можности на винските пазари и значењето на географските ознаки за македонското вино – теми во фокусот на регионалната конференција за вино
Како да се искористат актуелните трендови на глобалните вински пазари за подобро позиционирање на македонското вино, како да се зголеми препознатливоста на нашите вина, зошто е исклучително важно воведувањето географски ознаки на виното и какви придобивки ќе донесе овој процес. Ова се само некои од прашањата за кои се имаше дискусија на регионалната конференција за вино, што ја организираа здружението „Вина од Македонија“ и винарската визба „Тиквеш“, во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).
„За да се зголемат продуктивноста и додадената вредност на домашната винска индустрија, нејзината конкурентност и вредноста на извозот, како и нејзината отпорност на тековните предизвици, вклучувајќи ги и ризиците од климатските промени, неопходни се големи вложувања во знаење, во нови технологии и дигитализација, во организација, окрупнување на лозјата и создавање ефикасни кооперантски односи, како и во воведување нови правила, стандарди и механизам за државна поддршка и поголема регионална соработка. Сето ова мора да се заснова на научен пристап користејќи ги искуствата на развиените земји, кои поминале низ оваа трансформација и може да ни помогнат да го оствариме она што е нашата главна задача – зголемување на извозот на квалитетно вино, кое ќе биде препознатливо и ценето од потрошувачите во светот“, порача во своето воведно обраќање на конференцијата претседателот на здружението „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски.
Во рамките на конференцијата се одржаа три работни сесии на кои реномирани експерти од Универзитетот „Гајзенхајм“ во Германија, професорите Јон Ханф и Силвија Димер говореа за состојбите на глобалниот пазар на вино, за спецификите на посебните пазарни нишки во Европа и за значењето на правните и техничките услови за извоз на вино. Една од поважните пораки што ја потенцираа експертите се однесуваа на важноста на заедничкиот настап на компаниите на пазарот истакнувајќи дека ваквиот пристап може да креира ефективни резултати доколку секоја компанија настапи одговорно и самостојно покрај заедничките активности како кластер.
Поздравувајќи ја организацијата на оваа конференција, регионалниот советник за земјоделство во германската амбасада во Скопје, Франк Мулер, го нагласи значењето на соработката помеѓу здружението „Вина од Македонија“ и ГИЗ акцентирајќи дека за долгорочен одржлив развој на винската индустрија неопходна е соработка и со универзитетите бидејќи научниот пристап во воведувањето и примената на унифицирани стандарди за производство и пласман на висококвалитетно вино од регионот е повеќе од неопходен.
За најновите движења во интрарегионалната трговија со грозје и вино во рамките на Западен Балкан говореше и извршната директорка на здружението „Вина од Македонија“, Елена Младеновска-Јеленковиќ, која ја нагласи неопходноста од воспоставување заеднички вински бренд со загарантирано географски потекло како еден од клучните предуслови за зголемување на препознатливоста на овдешните вина од страна на потрошувачите на пазарите во ЕУ и пошироко.
Економија
Традиционалното закројување на лозјата на „Тиквеш“ за Свети Трифун во знакот на новите прогресивни практики на винарницата
ВВ „Тиквеш“ го одбележа празникот Св. Трифун со свечено закројување на лозјата во Лепово. На настанот присуствуваа бројни гости – претставници на институции, на дипломатскиот кор, соработници на винарницата и лозари.
Годинешниот настан беше во знакот на воведување на ЕСГ стандардите во работењето на винарницата. Со нивното имплементирање, „Тиквеш“ станува единствена винарница во регионот која воведува нови прогресивни активности и култура во своето работење, дополнително инвестирајќи во грижата за животната средина, влијанието и придонесот во развојот на општеството и доброто управување.
Гостите ги поздрави новата генерална директорка на ВВ „Тиквеш“ Бранка Славеска, која во своето обраќање фокусот го стави на посветеноста на „Тиквеш“ за развој на винската индустрија во земјава и регионот, претставувајќи пример за останатите деловни субјекти во индустријата.
„Производството на квалитетно вино е императив во работата на „Тиквеш“. Тоа може да се постигне само со имплементација на современи практики и технологии, примена на науката и, најбитно, со поставување и следење на највисоки стандарди во своето работење. Воведувањето на ЕСГ стандардите за нас и за нашите соработници значи дополнителен поттик за раст на компанијата, но и за позитивно влијание на општеството во целост“, изјави генералната директорка на „Тиквеш“ Бранка Славеска и нагласи дека „Тиквеш“, кој е своевиден амбасадор на државата, чувствува должност да вложува во трасирање на патеката за освојување на светските пазари и градење на имиџот на македонското вино.
ВВ „Тиквеш“ посветено работи на целосна трансформација во т.н. „зелена” винарница. Во рамки на овој процес, го произведува првото органско вино, токму на лозовите насади на Лепово, користи најсовремени научни методи, како и вештачка интелигенција во насока на заштита на лозовите насади и обезбедување квалитетно грозје, имплементира проекти кои имаат за цел заштита на животната средина, намалување на отпадните води како и намалување на емисиите на CO₂ и вложува во обновливи извори на енергија преку инсталирање на фотоволтаици. Притоа, сето ова го споделува и со своите кооперанти и со останатите чинители во индустријата.
„Тиквеш“ како општествено одговорна компанија во целокупното работење е посветена на минимизирање на своето влијание врз животната средина, поддршка на локалните заедници и практикување највисоки стандарди за корпоративно управување.
ПР