Компании
Нa охридскиот аеродром долетаа првите израелски туристи
Првиот чартер-лет од Тел Авив на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ слета во четврток, а се очекува во периодот јуни-октомври, израелската авиокомпанија Аркиа во Охрид да донесе над 5.000 туристи од Израел
Со воден мост како поздрав за воздухопловот, церемонија на сечење торта, како и традиционалната македонска закуска за добредојде, ТАВ Македонија вчеравечер на охридскиот аеродром ,,Свети Апостол Павле’’ ја пречека првата група од 110 израелски туристи кои од Тел Авив пристигнаа со чартер-летот на израелската авиокомпанија Аркиа. Од ТАВ Македонија велат дека се задоволни што овие чартер-летови кои беа најавени лани почнуваат да се реализираат, а се резултат на активностите на ТАВ холдингот од Истанбул за привлекување на нови авиокомпании и тур-оператори на охридскиот аеродром. „Со првиот лет на авиокомпанијата Аркиа за Охрид се отвора нов туристички коридор меѓу Израел и Македонија, можност ценетите гости од Израел да се запознаат со природните убавини на Охридското езеро и воопшто на Македонија и со културните знаменитости, како што често знаеме да кажеме, на македонскиот Ерусалим. Се разбира тука е и можноста да ја вкусат македонската храна и македонските вина, како и да ги почувствуваат гостопримството и љубезноста на нашите луѓе“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.Од аеродромскиот оператор објаснуваат дека почнувајќи од денеска, 9. јуни, Аркиа ќе лета три пати неделно на релација Тел Авив-Охрид и назад, се до 23 октомври, и тоа секој вторник, четврток и недела. Во вторник на охридскиот аеродром Св. Апостол Павле авионот на Аркиа ќе слетува во 16:30 часот, а ќе полетува во 17:30 часот, во четврток – ќе слетува во 18:40 часот, а ќе полетува во 19:55 часот, и во недела – во Охрид ќе слетува во 19 часот, а за Тел Авив ќе полетува во 20 часот. Од ТАВ Македонија велат дека летово на Св. Апостол Павле се очекува да долетаат 50 чартер-летови од Тел Авив со авиокомпанијата Аркиа, кои во периодот јуни-октомври во Охрид треба да донесат 5.500 израелски туристи. „Во името на Аркиа чест ми е да бидам денес тука, во убавата Македонија, со првата група туристи од Израел“.Како втора најголема авиокомпанија и еден од главните тур-оператори во државата, Аркиа секогаш е во потрага по нови дестинации за израелскиот пазар, а ние веруваме дека Македонија, со сите нејзини природни богатства, историја, гастрономија и згора на сè на прекрасните луѓе, за кратко време ќе стане една од бараните дестинации за одмор на Израелците. Аркиа е благодарна на аеродромските власти и на локалниот туристички одбор за прекрасниот дочек и за помошта и поддршката при воспоставувањето на линијата меѓу Тел Авив и Охрид, изјави Анат Ахаром, потпретседател за продажба и маркетинг на Аркиа Интернешнал. Аркиа прв пат на охридскиот аеродром леташе во 2011 година, но тогаш се реализираа само неколку летови. Од менаџментот на ТАВ Македонија очекуваат обновената соработка со израелската авиокомпанија да продолжи и во наредните години, редовно носејќи израелски туристи во македонскиот туристички бисер – Охрид. Со овие чартер летови од Тел Авив, со новата линија Белград-Охрид и со новиот чартер-лет Брисел-Охрид, кои наскоро ќе почнат од Св. Апостол Павле, како и со редовните летни чартер-летови од Амстердам и трите редовни линии кон Лондон, Базел и Цирих, аеродромскиот оператор очекува заживување на Св. Апостол Павле, односно зголемен сообраќај кој ќе придонесе и повеќе туристи да го посетуваат Охрид, но и повеќе граѓани од охридско-струшкиот регион и пошироката околина на југозападна Македонија да летаат во странство. Охридскиот аеродром Св. Апостол Павле минатиот месец од страна на ACI Europe (Airports Council International – Europe) беше прогласен за втор најбрзорастечки мал аеродром во Европа во првиот квартал од 2016 година, со пораст на бројот на патници од 173,9%. ТАВ Македонија ја заврши 2015 година со 22% пораст на вкупниот број на патници на двата македонски аеродроми – скопскиот ,,Александар Велики’’ и охридскиот ,,Свети Апостол Павле’’, достигнувајќи 1.560.381 патници. Истовремено, вкупниот број на операции порасна 11%, достигнувајќи 15.510. Трендот на зголемен сообраќај продолжи и годинава. Во првите пет месеци од 2016 година преку двата македонски аеродроми биле превезени 648.745 патници, што е пораст од 28% споредено со истиот период во 2015 година. Во исто време, бројот на операции (полетувања и слетувања) на двата аеродроми е зголемен за 16%./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
SEAT S.A. постигна историски рекордни финансиски резултати благодарение на двоцифрениот раст и ефикасноста на SEAT и успехот на CUPRA
“Кога станува збор за SEAT, ви ветувам дека најдоброто допрва доаѓа“
SEAT S.A. постигна историски рекордни финансиски резултати, благодарение на двоцифрениот раст и ефикасноста на SEAT и успехот на CUPRA
· Оперативната добивка на SEAT S.A. достигна рекордни 625 милиони евра, повратот од продажба достигна 4,4%, а прометот за минатата година се зголеми на 14,3 милијарди евра
· Нова инвестиција во брендот SEAT се новите освежувања на Ibiza и Arona, како и подобрувањето на Leon и Ateca
· Во 2024 година е планирано лансирањето на CUPRA Tavascan и CUPRA Terramar
SEAT S.A. ги претстави своите резултати за 2023 година заедно со својата стратегија за претстојните години. Минатата година, според Меѓународните сметководствени правила (МСФИ), оперативната добивка достигна рекордни 625 милиони евра, зголемувајќи се за 592 милиони евра (2022: 33 милиони евра). Ова претставува подобрување на повратот на продажбата од 4,1 процентен поен, од 0,3% на позитивни 4,4%. Годишниот промет исто така достигна историски 14,333 милијарди евра, 31,0% повеќе од 2022 година (10,941 милијарди). Овие резултати ја потврдуваат силата на компанијата и успехот на нејзината постојана стратегија за трансформација.
„Зад себе оставаме година во која SEAT S.A. ги објави најдобрите финансиски резултати во својата 73-годишна историја, осигурувајќи се дека нашата компанија продолжува на својот пат кон попрофитабилна иднина“, рече Вејн Грифитс, извршен директор на SEAT и CUPRA. „2023 година беше година на огромни контрасти за автомобилската индустрија, како и за нашата компанија, бидејќи продолживме да се движиме низ морето на несигурност додека ја претрпевме најголемата трансформација во нашата историја“.
„Во 2023 година, SEAT S.A. направи голем чекор на своето патување на трансформација: имавме за цел да направиме значително подобрување и тоа е она што успеавме да го направиме. Постигнавме рекорди на сите времиња во промет, оперативна добивка и оперативен готовински тек. Ова совршено ги одразува позитивните ефекти од растот на обемот на марката CUPRA и обновувањето на обемот на марката SEAT, како и важноста на напредокот што го постигнавме со нашата програма за подобрување на перформансите“, рече Дејвид Пауелс, потпретседател за финансии и ИТ во SEAT. С.А.
ИНВЕСТИЦИИ ВО БРЕНДОТ НА SEAT
Гледајќи во иднината, SEAT S.A. ја има поставено вистинската стратегија за да го одржи профитабилниот раст на компанијата. Брендот SEAT ќе игра клучна улога во ова и компанијата ќе лансира подобрени plug-in хибридни и штедливи автомобили на SEAT.
Arona и Ibiza ќе добијат подобрување во 2025 година, а во следните месеци, марката ќе лансира нова и подобрена верзија на SEAT Leon, со технички и технолошки надградби. Понатаму, Ateca ќе биде подобрен и неговиот животен циклус ќе се продолжи.
„Го враќаме брендот SEAT таму каде што припаѓа, продолжувајќи го двоцифрениот раст од минатата година со нови инвестиции во брендот и неговите модели. Исто така, разгледуваме што можеме да испорачаме во електричниот свет под брендот SEAT. Кога станува збор за SEAT, ви ветувам дека најдоброто допрва доаѓа“, додаде Вејн Грифитс.
(ПР)
Економија
„Зегин онлајн“ е најпопуларна е-продавница за здравје, нега и убавина за 2023 година
Во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија вчеравечер се одржа Ecommerce Awards, избор на најдобрите во македонската е-трговија.
Компанијата Зегин со е-продавницата www.zegin.com.mk беше номинирана во неколку категории, а го освои првото место во категоријата „Најпопуларна е-продавница за здравје, нега и убавина“, што претставува уште една потврда дека квалитетот, професионалноста, вложениот труд и љубов секогаш резултираат со успех.
Изборот на најдобрите е-трговци има за цел да ги препознае и награди најдобрите со што ќе придонесе за мотивација и охрабрување за уште подобра работа, да ја крене свеста за потенцијалот и да ја промовира е-трговијата, како и да ја зајакне конкурентноста и да охрабри унапредување на работењето кај постојните и идни е-трговци.
„Оваа награда, трета по ред претстаува уште еден доказ за успешноста на работењето на онлајн продавницата на Зегин- www.zegin.com.mk и е одлична мотивација за уште попосветена работа, поквалитетна понуда, како и позадоволни купувачи во иднина. Ви благодариме за лојалноста и довербата!“, велат од компанијата за наградата.
Манифестација за доделување на македонските Награди за е-трговија за 2023 година – E-commerce Awards, се одржа во присуство на членките на АЕТМ, поддржувачите и партнерите, жири комисијата и наградените е-трговци.
(ПР)
Економија
Тековните предизвици и можности на винските пазари и значењето на географските ознаки за македонското вино – теми во фокусот на регионалната конференција за вино
Како да се искористат актуелните трендови на глобалните вински пазари за подобро позиционирање на македонското вино, како да се зголеми препознатливоста на нашите вина, зошто е исклучително важно воведувањето географски ознаки на виното и какви придобивки ќе донесе овој процес. Ова се само некои од прашањата за кои се имаше дискусија на регионалната конференција за вино, што ја организираа здружението „Вина од Македонија“ и винарската визба „Тиквеш“, во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).
„За да се зголемат продуктивноста и додадената вредност на домашната винска индустрија, нејзината конкурентност и вредноста на извозот, како и нејзината отпорност на тековните предизвици, вклучувајќи ги и ризиците од климатските промени, неопходни се големи вложувања во знаење, во нови технологии и дигитализација, во организација, окрупнување на лозјата и создавање ефикасни кооперантски односи, како и во воведување нови правила, стандарди и механизам за државна поддршка и поголема регионална соработка. Сето ова мора да се заснова на научен пристап користејќи ги искуствата на развиените земји, кои поминале низ оваа трансформација и може да ни помогнат да го оствариме она што е нашата главна задача – зголемување на извозот на квалитетно вино, кое ќе биде препознатливо и ценето од потрошувачите во светот“, порача во своето воведно обраќање на конференцијата претседателот на здружението „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски.
Во рамките на конференцијата се одржаа три работни сесии на кои реномирани експерти од Универзитетот „Гајзенхајм“ во Германија, професорите Јон Ханф и Силвија Димер говореа за состојбите на глобалниот пазар на вино, за спецификите на посебните пазарни нишки во Европа и за значењето на правните и техничките услови за извоз на вино. Една од поважните пораки што ја потенцираа експертите се однесуваа на важноста на заедничкиот настап на компаниите на пазарот истакнувајќи дека ваквиот пристап може да креира ефективни резултати доколку секоја компанија настапи одговорно и самостојно покрај заедничките активности како кластер.
Поздравувајќи ја организацијата на оваа конференција, регионалниот советник за земјоделство во германската амбасада во Скопје, Франк Мулер, го нагласи значењето на соработката помеѓу здружението „Вина од Македонија“ и ГИЗ акцентирајќи дека за долгорочен одржлив развој на винската индустрија неопходна е соработка и со универзитетите бидејќи научниот пристап во воведувањето и примената на унифицирани стандарди за производство и пласман на висококвалитетно вино од регионот е повеќе од неопходен.
За најновите движења во интрарегионалната трговија со грозје и вино во рамките на Западен Балкан говореше и извршната директорка на здружението „Вина од Македонија“, Елена Младеновска-Јеленковиќ, која ја нагласи неопходноста од воспоставување заеднички вински бренд со загарантирано географски потекло како еден од клучните предуслови за зголемување на препознатливоста на овдешните вина од страна на потрошувачите на пазарите во ЕУ и пошироко.