Компании
ОДВ Електрик: Охриѓани се гладни за работа
Сегашните 25 вработени во германската компанија за производство на делови од автомобилската индустрија ОДВ Електрик која неодамна започна со производство во Охрид, наскоро ќе се дополнат со уште 75 лица, а до 2016 се очекува да се вработаат уште 100 луѓе.
Првиот инвестиционен циклус во вредност од еден милион евра е затворен, пренесува во четвртокот Ohridnews.
Од последната недела на месец декември фирмата започна со сериско производство, а до крајот на јануари се очекува да се реализира и втората линија и вториот циклус на инвестиции.
„Треба да има четири линиии во три смени, а во моментот има само една линија во една смена, што значи дека бројот на вработени ќе се помножи минимум по осум пати. Втората линија сега завршува. Вториот производ треба да влезе некаде во април или мај и очекуваме годинава инвестициониот циклус да се дополни со уште еден милион евра и дополнителни 75 работни места. Наша проекција е до 2016 да се дуплира бројот на вработени, значи минимум уште сто вработени и да го завршиме нашиот проект на инвестиција во индустриската зона. Зоната се гради во три фази значи до крајот на 2016 треба да биде првата фаза и од тогаш ќе имаме две основни за побрз развој на фирмата и побрзо вработување. Ќе имаме свој простор каде ќе може да ги донесеме основните средства, а во фирмата ќе биде креирано и здраво јадро на вработени“, изјави Огнен Цубалевски, проект менаџер во ОДВ Електрик.
Цубалевски нагласи дека во моментов се врши тренинг на вработените со цел да се постигне продуктивноста која засега е во рамки на предвиденото.
„Ќе треба време за да се постигне потребната продуктивност со квалитет. Луѓето се гладни за работа и едвај чекаат да се појават фирми во кои ќе можат да работаат. Од друга страна постои еден јасен недостаток, индустриско неискуство поради тоа што големите фабрики кои постоеја со години само пропаѓале. Ние, како инвеститори, сме свесни за тоа и за она што треба да и го дадеме назад на оваа заедница“, рече Цубалевски.
Цубалевски денеска оствари работна средба со градоначалникот Никола Бакрачески на која првиот човек на градот беше запознаен со динамиката со која се реализира инвестицијата.
„Ги разгледавме аспектите на динамика на развој на компанијата во делот на инсталирање на технологија и спроведување на технолошките процеси во прозводство на делови за автомобилската индустрија и секако, динамиката на воспоставување на кооперантски односи со локалните компании во Охрид и динамиката на ангажирање на што поголем број работни кадри од градот“ , информира градоначалникот.
Бакрачески потенцира дека локалната самоуправа, во рамки на своите ингеренции, ќе продолжи да дава максимална подршка и олеснувања за странските и домашни компании кои се подготвени да инвестираат во Охрид. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
„Зегин онлајн“ е најпопуларна е-продавница за здравје, нега и убавина за 2023 година
Во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија вчеравечер се одржа Ecommerce Awards, избор на најдобрите во македонската е-трговија.
Компанијата Зегин со е-продавницата www.zegin.com.mk беше номинирана во неколку категории, а го освои првото место во категоријата „Најпопуларна е-продавница за здравје, нега и убавина“, што претставува уште една потврда дека квалитетот, професионалноста, вложениот труд и љубов секогаш резултираат со успех.
Изборот на најдобрите е-трговци има за цел да ги препознае и награди најдобрите со што ќе придонесе за мотивација и охрабрување за уште подобра работа, да ја крене свеста за потенцијалот и да ја промовира е-трговијата, како и да ја зајакне конкурентноста и да охрабри унапредување на работењето кај постојните и идни е-трговци.
„Оваа награда, трета по ред претстаува уште еден доказ за успешноста на работењето на онлајн продавницата на Зегин- www.zegin.com.mk и е одлична мотивација за уште попосветена работа, поквалитетна понуда, како и позадоволни купувачи во иднина. Ви благодариме за лојалноста и довербата!“, велат од компанијата за наградата.
Манифестација за доделување на македонските Награди за е-трговија за 2023 година – E-commerce Awards, се одржа во присуство на членките на АЕТМ, поддржувачите и партнерите, жири комисијата и наградените е-трговци.
(ПР)
Економија
Тековните предизвици и можности на винските пазари и значењето на географските ознаки за македонското вино – теми во фокусот на регионалната конференција за вино
Како да се искористат актуелните трендови на глобалните вински пазари за подобро позиционирање на македонското вино, како да се зголеми препознатливоста на нашите вина, зошто е исклучително важно воведувањето географски ознаки на виното и какви придобивки ќе донесе овој процес. Ова се само некои од прашањата за кои се имаше дискусија на регионалната конференција за вино, што ја организираа здружението „Вина од Македонија“ и винарската визба „Тиквеш“, во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).
„За да се зголемат продуктивноста и додадената вредност на домашната винска индустрија, нејзината конкурентност и вредноста на извозот, како и нејзината отпорност на тековните предизвици, вклучувајќи ги и ризиците од климатските промени, неопходни се големи вложувања во знаење, во нови технологии и дигитализација, во организација, окрупнување на лозјата и создавање ефикасни кооперантски односи, како и во воведување нови правила, стандарди и механизам за државна поддршка и поголема регионална соработка. Сето ова мора да се заснова на научен пристап користејќи ги искуствата на развиените земји, кои поминале низ оваа трансформација и може да ни помогнат да го оствариме она што е нашата главна задача – зголемување на извозот на квалитетно вино, кое ќе биде препознатливо и ценето од потрошувачите во светот“, порача во своето воведно обраќање на конференцијата претседателот на здружението „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски.
Во рамките на конференцијата се одржаа три работни сесии на кои реномирани експерти од Универзитетот „Гајзенхајм“ во Германија, професорите Јон Ханф и Силвија Димер говореа за состојбите на глобалниот пазар на вино, за спецификите на посебните пазарни нишки во Европа и за значењето на правните и техничките услови за извоз на вино. Една од поважните пораки што ја потенцираа експертите се однесуваа на важноста на заедничкиот настап на компаниите на пазарот истакнувајќи дека ваквиот пристап може да креира ефективни резултати доколку секоја компанија настапи одговорно и самостојно покрај заедничките активности како кластер.
Поздравувајќи ја организацијата на оваа конференција, регионалниот советник за земјоделство во германската амбасада во Скопје, Франк Мулер, го нагласи значењето на соработката помеѓу здружението „Вина од Македонија“ и ГИЗ акцентирајќи дека за долгорочен одржлив развој на винската индустрија неопходна е соработка и со универзитетите бидејќи научниот пристап во воведувањето и примената на унифицирани стандарди за производство и пласман на висококвалитетно вино од регионот е повеќе од неопходен.
За најновите движења во интрарегионалната трговија со грозје и вино во рамките на Западен Балкан говореше и извршната директорка на здружението „Вина од Македонија“, Елена Младеновска-Јеленковиќ, која ја нагласи неопходноста од воспоставување заеднички вински бренд со загарантирано географски потекло како еден од клучните предуслови за зголемување на препознатливоста на овдешните вина од страна на потрошувачите на пазарите во ЕУ и пошироко.
Економија
Традиционалното закројување на лозјата на „Тиквеш“ за Свети Трифун во знакот на новите прогресивни практики на винарницата
ВВ „Тиквеш“ го одбележа празникот Св. Трифун со свечено закројување на лозјата во Лепово. На настанот присуствуваа бројни гости – претставници на институции, на дипломатскиот кор, соработници на винарницата и лозари.
Годинешниот настан беше во знакот на воведување на ЕСГ стандардите во работењето на винарницата. Со нивното имплементирање, „Тиквеш“ станува единствена винарница во регионот која воведува нови прогресивни активности и култура во своето работење, дополнително инвестирајќи во грижата за животната средина, влијанието и придонесот во развојот на општеството и доброто управување.
Гостите ги поздрави новата генерална директорка на ВВ „Тиквеш“ Бранка Славеска, која во своето обраќање фокусот го стави на посветеноста на „Тиквеш“ за развој на винската индустрија во земјава и регионот, претставувајќи пример за останатите деловни субјекти во индустријата.
„Производството на квалитетно вино е императив во работата на „Тиквеш“. Тоа може да се постигне само со имплементација на современи практики и технологии, примена на науката и, најбитно, со поставување и следење на највисоки стандарди во своето работење. Воведувањето на ЕСГ стандардите за нас и за нашите соработници значи дополнителен поттик за раст на компанијата, но и за позитивно влијание на општеството во целост“, изјави генералната директорка на „Тиквеш“ Бранка Славеска и нагласи дека „Тиквеш“, кој е своевиден амбасадор на државата, чувствува должност да вложува во трасирање на патеката за освојување на светските пазари и градење на имиџот на македонското вино.
ВВ „Тиквеш“ посветено работи на целосна трансформација во т.н. „зелена” винарница. Во рамки на овој процес, го произведува првото органско вино, токму на лозовите насади на Лепово, користи најсовремени научни методи, како и вештачка интелигенција во насока на заштита на лозовите насади и обезбедување квалитетно грозје, имплементира проекти кои имаат за цел заштита на животната средина, намалување на отпадните води како и намалување на емисиите на CO₂ и вложува во обновливи извори на енергија преку инсталирање на фотоволтаици. Притоа, сето ова го споделува и со своите кооперанти и со останатите чинители во индустријата.
„Тиквеш“ како општествено одговорна компанија во целокупното работење е посветена на минимизирање на своето влијание врз животната средина, поддршка на локалните заедници и практикување највисоки стандарди за корпоративно управување.
ПР