Компании
Раст на приходите на Deutsche Telekom, добивката намалена

Deutsche Telekom (DT) извести во четвртокот за пораст на нето приходите во третиот квартал за 0,8 отсто, во однос на истиот период од лани, на 15,6 милијарди евра, додека добивката е намалена поради големите инвестиции во САД и Европа.
Растот на приходите се должи на одличните резултати на германскиот пазар на мобилна телефонија, рекордниот број на клиенти во САД, силниот финансиски развој во Европа и подобрувањата во подружницата Systems Solutions, објави германската телекомуникациска компанија.
Во извештајот се истакнува и дека сите трендови поврзани со стратегијата се во нагорна линија и дека за прв пат во историјата над 60 отсто од приходите се остварени во странство.
„Предизвиците се разликуваат зависно од регионите, но јасно е дека насекаде напредуваме. Без разлика дали е САД, Европа или домашниот пазар, ова беше успешно тромесечје за нас“, оцени Тим Хетингс, претседателот на управата на Deutsche Telekom.
Прилагодената нето добивка изнесуваше во третиот квартал 800 милиони евра, што е пад за 2,8 отсто на годишно ниво. Неусогласената добивка се намалила за 13,9 отсто.
Големите инвестиции во Германија и САД имаа значително влијание на усогласената добивка пред камата, оданочување, депрецијација и амортизација (EBITDA), која падна за 1,8 отсто на годишни ниво од 4,6 милијарди евра.Умерен пад од 1,8 отсто забележан е за првите девет месеци од годината во однос на истиот период лани, стои во соопштението на DT.
Групацијата во третото тромесечје повторно значително ги зголеми своите капитални издатоци во однос на претходната година, за 10,3 отсто, на 2,5 милијарди евра, во што не се вклучени трошоците за мобилен спектар.
Deutsche Telekom ја потврди својата прогназа за целата година за прилагодената EBITDA од околу 17,6 милијарди евра, како и за слободниот паричен тек од вкупно 4,2 милијарди евра. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Еуроникел“: „Фени“ не се затвора, ниту работниците ќе останат без работа, почнува планиран ремонт

Нема отпуштања од работа, ниту затворање на фабриката за преработка на руда „Фени“, со која од 2018 година стопанисува „Еуроникел“, домашен претставник на швајцарскиот фонд ГСОЛ. На социјалните мрежи, но и во неколку медиуми, од синоќа се шират вести дека е сопрено производството, дека печките се ставени на неопходниот минимум, дека фабриката ќе се затвори поради продажба на Бугари и работниците ќе останат на улица, а како една од причините се наведува поскапувањето на струјата. Од „Еуроникел“ за „А1он“ објаснуваат дека почнуваат планиран ремонт, кој некој го искористил за ширење лаги за да им наштети на фабриката и на вработените.
„Лажни се наводите дека се затвора ‘Еуроникел’. Напротив, влегуваме во плански ремонт во периодот што следува, со цел да се надмине временската рамка на диспаритет меѓу цената на електрична енергија, која е огромна, и цената на никелот, која е во надолна линија. Сите вработени се на работа, ниту некој останува без работа ниту, пак, фабриката се продава. Ваквите малициозни дезинформации имаат намера само да им наштетат на фабриката и на вработените, а со тоа и на домашната економија, во која ‘Еуроникел’ има огромен удел и, за жал, не е првпат да се соочуваме со вакви клевети“, велат од „Еуроникел“.
Швајцарскиот фонд ГСОЛ ги презеде сите долгови на фабриката „Фени“, која имаше активен стечај, и од март 2018 година го рестартира производството, а главната битка за преземање на „Фени“ ја водеше со бугарската компанија „Енекод“, која доби можност да ја преземе, но не ги уплати бараните средства и фабриката отиде во стечај.
Економија
Од денес повисока цена на струјата

Од денеска поскапува струјата. Почнува пресметката на блок-тарифите, кои се поделени во четири групи, и според најавите од Регулаторната комисија за енергетика, оние што трошат повеќе струја ќе плаќаат поскапи сметки.
Од РКЕ уверуваат дека 98,8 проценти од домаќинствата просечната цена на струјата ќе се зголеми 7,4 проценти. Не се очекуваат ниту рестрикции на струја, иако нè очекува тешка зима, рече вчера министерот за економија Крешник Бектеши.
Блок-тарифите ќе важат само за скапата струја, а за евтината нема да има блок-тарифи и потрошувачката ќе се плаќа врз основа на разлика.
Според најавите, кај 59,9 проценти од потрошувачите во зимскиот период зголемувањето ќе биде 6,6 отсто, кај 20-30 проценти ќе биде од 6,6 до 8,7 отсто, кај 3 проценти од 8,7 до 11,2 отсто, а кај оние што трошат многу ќе биде од 11,2 до 99-100 отсто.
Економија
Битиќи и Папандреу: Интеграцијата е единствен начин за да се создаде меѓузависност

Во рамките на Македонскиот енергетски форум – МЕФ 2022 се одржа панелот „Преиспитување на регионалната енергетска безбедност“, на кој учествуваа заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и Јоргос Папандреу, долгогодишен политичар, член на грчкиот парламент и поранешен премиер на Грција.
Панелот, кој беше модериран од Али Аслан, се осврна на повеќе значајни прашања во врска со регионалната интеграција од аспект на економската и енергетската зависност и перспективите.
Вицепремиерот Битиќи истакна дека е потребно многу потемелно да навлегуваме во корените на проблемите поврзани со енергетските предизвици, односно заеднички да се справуваме со причините, а не само да ги решаваме нивните ефекти. Тој потенцира дека интеграцијата е единствен пат за да се создаде регионална меѓузависност и соработка, со што единствено ќе се одрази духот на заедништвото помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан.
„Во услови на економска, енергетска и воена криза, ковид-пандемија, мораме да работиме заедно и да се справиме со енергетската криза и да постигнеме геополитичка сигурност. Интеграцијата помеѓу земјите од Западен Балкан, како и земјите членки на ЕУ, е единствен начин за креирање одржлива енергетска независност“, потенцира Битиќи.
Папандреу истакна дека тој во континуитет се залага за унапредување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и дека изоставувањето на овој регион од европската интеграција претставува безбедносен ризик, кој Европа не смее да си го дозволи. Папандреу апелира дека се потребни итни и неодложни заеднички напори на ЕУ и нашиот регион во обезбедувањето на енергетската сигурност и економската стабилност.
Двајцата панелисти се согласија дека актуелната соработка во енергетиката е важно геополитичко и безбедносно прашање, а двете соседни земји со примери покажаа дека се спремни да земат водство и да им покажат и на своите европски колеги за додадената вредност на заемната регионалната соработка и меѓузависност.