Компании
Злато и сребро за Публицис Македонија на Голден Драм 2014
На 21-то издание на најголемиот адвертајзинг фестивал на Нова Европа „Голден Драм”, кој заврши минатата недела во Порторож, Публицис Македонија доби злато и сребро, и е единствената агенција од Публицис групацијата што добила награда на овој фестивал годинава. Исто така во неофицијалниот дел од фестивалот во натперварот за Beat the Drum for Change Award, тимот на млади креативци од Публицис добија сребро за идејниото решение за кампања за унапредување на глобалната едукација.
Публицис Македонија доби Злато („Golden Drum”) во категоријата Односи со јавност, Alzheimer’s News Editors реализиран за Националниот институт за неврологија, како и сребро за истиот проект за Медиумска кампања. Зад идејните решение стои креативниот тим кој го сочинуваат Василије Ќорлука, Дејан Спирковски и Милан Стојанов, како и поширокиот агенциски тим.
Проектот е резултат на исклучителна соработка, помеѓу Публицис и трите национални весници Дневник, Нова Македонија и Вечер, како и на најголемите ТВ станици, МТВ, Сител, Канал 5, Алсат и Алфа, со чија помош се имплементира креативен концепт и притоа само за еден ден се информира 68 отсто од вкупната популација. Проектот за Националниот институт за неврологија е реализиран без медиумски буџет, на светскиот ден за борба против Алцхајмеровата болест.
„Целта на кампањата беше да се подигне свеста за симптомите од Алцхајмеровата болест, за нејзино навремено дијагностицирање, што е суштинско за лекувањето и ги зголемува шансите за поквалитетен живот на заболените. Идејата се базира на фактот дека луѓето најчесто се сеќаваат на нешта од минатото, но не и на работи што се случуваат во сегашноста. Претставивме разговори со Алцхајмерови пациенти, за она што се најновите вести за нив, а од нивните одговори креиравме ’вести од минатото’. На светскиот ден за борба против Алцхајмер на насловните страни на весниците беа објавени вести од минатото, а исто така вестите на ТВ станици беа заменети со вести од минатото. Главната порака на целиот концеп беше: Ова се најновите вести за луѓето со Алцхајмерова болест“, велат од креативниот тим на Публицис Македонија.
„Благодарам на сите медиуми кои соработуваа со нас на овој проект Дневник, Вечер, Нова Македонија, Сител, Канал5, Алфа, МТВ1 и Алсат– без нивната поддршка реализацијата на нашата идеја немаше да биде возможна“, рече Александра Дилевска, директор на Публицис Македонија.
Golden Drum е реномиран интернационален адвертајзинг фетивал кој своето прво издание го имаше во 1993 година. Оттогаш па до денес успеа да се издигне во најголем и најважен фестивал во регионот кој на едно место ги обединува креативноста на маркетинг агенциите и различните култури од повеќе земји од Нова Европа (Австрија, Азербејџан, Ерменија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Кипар, Република Чешка, Египет, Естонија, Финска, Грузија, Грција, Унгарија, Израел, Казахстан, Косово, Киргистан, Латвија, Либан, Литванија, Малта , Македонија, Молдавија, Црна Гора, Полска, Романија, Русија, Србија, Словачка, Словенија, Турција, Таџикистан, Туркменистан, Украина и Узбекистан).
Овој настан се одржува еднаш годишно во Порторож и се состои од богата и разновидна програма исполнета со предавања од страна на признати меѓународни професионалци и светски ѕвезди во рекламната индустрија/крај/мф/бт
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
SEAT S.A. постигна историски рекордни финансиски резултати благодарение на двоцифрениот раст и ефикасноста на SEAT и успехот на CUPRA
“Кога станува збор за SEAT, ви ветувам дека најдоброто допрва доаѓа“
SEAT S.A. постигна историски рекордни финансиски резултати, благодарение на двоцифрениот раст и ефикасноста на SEAT и успехот на CUPRA
· Оперативната добивка на SEAT S.A. достигна рекордни 625 милиони евра, повратот од продажба достигна 4,4%, а прометот за минатата година се зголеми на 14,3 милијарди евра
· Нова инвестиција во брендот SEAT се новите освежувања на Ibiza и Arona, како и подобрувањето на Leon и Ateca
· Во 2024 година е планирано лансирањето на CUPRA Tavascan и CUPRA Terramar
SEAT S.A. ги претстави своите резултати за 2023 година заедно со својата стратегија за претстојните години. Минатата година, според Меѓународните сметководствени правила (МСФИ), оперативната добивка достигна рекордни 625 милиони евра, зголемувајќи се за 592 милиони евра (2022: 33 милиони евра). Ова претставува подобрување на повратот на продажбата од 4,1 процентен поен, од 0,3% на позитивни 4,4%. Годишниот промет исто така достигна историски 14,333 милијарди евра, 31,0% повеќе од 2022 година (10,941 милијарди). Овие резултати ја потврдуваат силата на компанијата и успехот на нејзината постојана стратегија за трансформација.
„Зад себе оставаме година во која SEAT S.A. ги објави најдобрите финансиски резултати во својата 73-годишна историја, осигурувајќи се дека нашата компанија продолжува на својот пат кон попрофитабилна иднина“, рече Вејн Грифитс, извршен директор на SEAT и CUPRA. „2023 година беше година на огромни контрасти за автомобилската индустрија, како и за нашата компанија, бидејќи продолживме да се движиме низ морето на несигурност додека ја претрпевме најголемата трансформација во нашата историја“.
„Во 2023 година, SEAT S.A. направи голем чекор на своето патување на трансформација: имавме за цел да направиме значително подобрување и тоа е она што успеавме да го направиме. Постигнавме рекорди на сите времиња во промет, оперативна добивка и оперативен готовински тек. Ова совршено ги одразува позитивните ефекти од растот на обемот на марката CUPRA и обновувањето на обемот на марката SEAT, како и важноста на напредокот што го постигнавме со нашата програма за подобрување на перформансите“, рече Дејвид Пауелс, потпретседател за финансии и ИТ во SEAT. С.А.
ИНВЕСТИЦИИ ВО БРЕНДОТ НА SEAT
Гледајќи во иднината, SEAT S.A. ја има поставено вистинската стратегија за да го одржи профитабилниот раст на компанијата. Брендот SEAT ќе игра клучна улога во ова и компанијата ќе лансира подобрени plug-in хибридни и штедливи автомобили на SEAT.
Arona и Ibiza ќе добијат подобрување во 2025 година, а во следните месеци, марката ќе лансира нова и подобрена верзија на SEAT Leon, со технички и технолошки надградби. Понатаму, Ateca ќе биде подобрен и неговиот животен циклус ќе се продолжи.
„Го враќаме брендот SEAT таму каде што припаѓа, продолжувајќи го двоцифрениот раст од минатата година со нови инвестиции во брендот и неговите модели. Исто така, разгледуваме што можеме да испорачаме во електричниот свет под брендот SEAT. Кога станува збор за SEAT, ви ветувам дека најдоброто допрва доаѓа“, додаде Вејн Грифитс.
(ПР)
Економија
„Зегин онлајн“ е најпопуларна е-продавница за здравје, нега и убавина за 2023 година
Во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија вчеравечер се одржа Ecommerce Awards, избор на најдобрите во македонската е-трговија.
Компанијата Зегин со е-продавницата www.zegin.com.mk беше номинирана во неколку категории, а го освои првото место во категоријата „Најпопуларна е-продавница за здравје, нега и убавина“, што претставува уште една потврда дека квалитетот, професионалноста, вложениот труд и љубов секогаш резултираат со успех.
Изборот на најдобрите е-трговци има за цел да ги препознае и награди најдобрите со што ќе придонесе за мотивација и охрабрување за уште подобра работа, да ја крене свеста за потенцијалот и да ја промовира е-трговијата, како и да ја зајакне конкурентноста и да охрабри унапредување на работењето кај постојните и идни е-трговци.
„Оваа награда, трета по ред претстаува уште еден доказ за успешноста на работењето на онлајн продавницата на Зегин- www.zegin.com.mk и е одлична мотивација за уште попосветена работа, поквалитетна понуда, како и позадоволни купувачи во иднина. Ви благодариме за лојалноста и довербата!“, велат од компанијата за наградата.
Манифестација за доделување на македонските Награди за е-трговија за 2023 година – E-commerce Awards, се одржа во присуство на членките на АЕТМ, поддржувачите и партнерите, жири комисијата и наградените е-трговци.
(ПР)
Економија
Тековните предизвици и можности на винските пазари и значењето на географските ознаки за македонското вино – теми во фокусот на регионалната конференција за вино
Како да се искористат актуелните трендови на глобалните вински пазари за подобро позиционирање на македонското вино, како да се зголеми препознатливоста на нашите вина, зошто е исклучително важно воведувањето географски ознаки на виното и какви придобивки ќе донесе овој процес. Ова се само некои од прашањата за кои се имаше дискусија на регионалната конференција за вино, што ја организираа здружението „Вина од Македонија“ и винарската визба „Тиквеш“, во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).
„За да се зголемат продуктивноста и додадената вредност на домашната винска индустрија, нејзината конкурентност и вредноста на извозот, како и нејзината отпорност на тековните предизвици, вклучувајќи ги и ризиците од климатските промени, неопходни се големи вложувања во знаење, во нови технологии и дигитализација, во организација, окрупнување на лозјата и создавање ефикасни кооперантски односи, како и во воведување нови правила, стандарди и механизам за државна поддршка и поголема регионална соработка. Сето ова мора да се заснова на научен пристап користејќи ги искуствата на развиените земји, кои поминале низ оваа трансформација и може да ни помогнат да го оствариме она што е нашата главна задача – зголемување на извозот на квалитетно вино, кое ќе биде препознатливо и ценето од потрошувачите во светот“, порача во своето воведно обраќање на конференцијата претседателот на здружението „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски.
Во рамките на конференцијата се одржаа три работни сесии на кои реномирани експерти од Универзитетот „Гајзенхајм“ во Германија, професорите Јон Ханф и Силвија Димер говореа за состојбите на глобалниот пазар на вино, за спецификите на посебните пазарни нишки во Европа и за значењето на правните и техничките услови за извоз на вино. Една од поважните пораки што ја потенцираа експертите се однесуваа на важноста на заедничкиот настап на компаниите на пазарот истакнувајќи дека ваквиот пристап може да креира ефективни резултати доколку секоја компанија настапи одговорно и самостојно покрај заедничките активности како кластер.
Поздравувајќи ја организацијата на оваа конференција, регионалниот советник за земјоделство во германската амбасада во Скопје, Франк Мулер, го нагласи значењето на соработката помеѓу здружението „Вина од Македонија“ и ГИЗ акцентирајќи дека за долгорочен одржлив развој на винската индустрија неопходна е соработка и со универзитетите бидејќи научниот пристап во воведувањето и примената на унифицирани стандарди за производство и пласман на висококвалитетно вино од регионот е повеќе од неопходен.
За најновите движења во интрарегионалната трговија со грозје и вино во рамките на Западен Балкан говореше и извршната директорка на здружението „Вина од Македонија“, Елена Младеновска-Јеленковиќ, која ја нагласи неопходноста од воспоставување заеднички вински бренд со загарантирано географски потекло како еден од клучните предуслови за зголемување на препознатливоста на овдешните вина од страна на потрошувачите на пазарите во ЕУ и пошироко.