Економија
Lean SEM: Македонска маркетинг-приказна, успешна во светски рамки
Речиси од почетокот на годинава светот го зафати една од најголемите здравствени и економски кризи на нашата генерација, па затоа веруваме дека е убаво да се слушнат и некои позитивни вести. Така доаѓаме до една навидум мала маркетинг-агенција, која работи со големи клиенти и буџети – Lean SEM е македонска маркетинг-агенција, која менаџира гугл и фејсбук- кампањи за над 50 клиенти од Силиконската долина. Меѓу нивните клиенти се компании како: MasterClass, Udаcity и Dialpad.
Основа за напредокот на компанијата се членoвите на тимот – вработените. Тие се фокусираат на резултатите од кампањите како тоа е да е „спорт“. Постојаното барање на раст на „бројките“ на клиентите, како и решавање на секој нивен проблем се главна одлика на сите во Lean SEM. Со оглед на растот на компанијата, тие се во константна потрага по нови членови на тимот. Експертите кои веќе работат таму се подготвени да им дадат поддршка на сите нови членови, но нивно е да ја одберат работата во Lean SEM како стил на живот и кариера, а не само работа.
„Јас сум дел од Lean SEM тимот повеќе од 4 години, но мојата кариера не започна таму. Претходно работев во еден од телекомуникациските оператори – во маркетинг-тимот. Таму стекнав супер искуство! Сепак, по одредено време сфатив дека моите можности за раст се ограничени, а и можностите за платата кон која целам исто така. Она што го барав од мојата идна работа е можност да станам експерт, да вложам многу труд, но и сето тоа да ми биде наградено. Така дојдов во Lean SEM. Искрено, од самиот почеток сфатив со какви клиенти си имам работа, тоа се клиенти кои навистина бараат резултати“, изјави Габриела Лазова од Lean SEM во интервју за Канал 5.
Паралелно со успешноста на вработените во носењето резултати, тие растат во компанијата. Важно е да се посветите на работата, но можностите за ваш професионален раст зависат само од вас, нема горна граница.
„Имав огромна поддршка од тимот и менторот кои увидоа дека носам резултати. Работејќи посветено за само 6 месеци, успеав да станам Senior Manager, а во рок од 1 година, успеав за 5 пати да си ја зголемам платата“, додава Габи.
И во Македонија можете да работите за клиенти од Силиконската долина, но и да се развивате еднакво брзо како да работите таму. Најважно е да сакате резултати и да сте „зависни“ од анализирање и констатно подобрување како што тоа го прават овие компании.
Според Лазова, ова не е уште една работа од 9 до 5, туку можност да изградите кариера и да бидете соодветно наградени.
Доколку се пронајдовте во оваа статија и сакате да се информирате подетално на темата, погледнете ги вредностите кои секој член на LeanSEM тимот треба да ги има и аплицирајте за некоја од отворените позиции.
LeanSEM е вистински пример за македонска маркетинг-приказна, која е успешна во светски рамки, а најзиниот тим и „играчите“ во него се причината за тоа.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.