Економија
Mицкоски: Граѓаните од 1. јули ќе плаќаат минимум 10 проценти повисоки сметки за струја

Заради криминалите во РЕК Битола, тендерите во четири очи и неодговорното работење на раководството на ЕЛЕМ, граѓаните плаќаат повисоки сметки за струја, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој предупреди дека од 1. јули граѓаните ги очекува нов ценовен шок.
„Покрај досегашните 30 отсто поголема цена за струја од доаѓањето на Владата на СДСМ, од 1 јули ќе имаме за жал минимум 10 процентно зголемување за сметките за струја кај граѓаните, велам минимум затоа што таа бројка сигурен сум дека ќе претрпи измени, дека ќе биде повисока“, изјави Мицкоски пред медиумите пред Централниот штаб на партијата.
Коментирајќи го поплавувањето во РЕК Битола по дождовите вчера, Мицкоски кажа дека багерите се поплавени бидејќи на време не биле подготвени јамите и на време не е направено одводнувањето. Обвини дека наместо да работат во РЕК, приоритет им се „тендерите во четири очи и пљачката на отворена сцена на грбот на граѓаните“.
„Ова е ситуацијата во РЕК Битола во овој момент – удавени рударски машини и транспортни траки кои што наместо да копаат јаглен, ние денска треба да увезуваме електрична скапа енергија. Тоа е првата работа зошто цената на електричната енергија ќе поскапи“, рече Мицкоски.
Прашан колкава е штетата од поплавените машини, Мицкоски одговори: „Дневно е милиони, дневно се мери во милиони“.
Како решение во врска со цената на струјата, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ предлага државата да се врати на производството најмалку од 2019. година, а за таа цел тврди дека би биле потребни не повеќе од шест месеци.
„Ова коешто денеска се случува е минус 250 милиони евра за граѓаните кои што мора некој да ги плати бидејќи ако вие веќе ги немате тие количини на струја, ќе треба да ги донесете односно да ги увезете, а за да ги увезете ви требаат пари. Во случајот ви требаат 250 милиони евра. Еве јас ви гарантирам дека за шест месеци тие пари ќе останат во буџетот“, рече Мицкоски.
На новинарско прашање за тоа како тој гледа на она што вчера го објави првиот регулатор во врска со општините кои формирале јавни претпријатија и преку нив наместо на слободниот пазар стигнале до користењето на електрична енергија по поевтина цена за улично осветлување и дали тоа според него има основа тоа да го прави локалната самоуправа, дали може да се толкува дека на некој начин го злоупотребиле, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека тука нема ништо спорно. Образложи дека јавните претпријатија на општините ќе се грижат за јавното осветлување, тие се тие кои што ќе стопанисуваат а парите ќе ги вложуваат за проекти кои што се од интерес на граѓаните како улици, канализации, водоводи, реновирање на градинки, училишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Народната банка со поддршка на научаната мисла, одржана 43. сесија на Клубот на истражувачите

Народната банка продолжува со активностите за поттик и поддршка на научно-истражувачката работа. Одржана е 43. сесија на Клубот на истражувачите, на која беше презентиран наградениот труд на Конкурсот за годишна награда за истражувачки труд од макроекономијата и банкарството, што е уште една активност на централната банка за поттикнување на истражувањето. Станува збор за трудот насловен „Процена на дистрибуцијата на доходот во Северна Македонија: Пристап заснован врз претходно недостапни даночни податоци“ на младиот истражувач Димитар Фуна.
Фуна на презентацијата посочи дека целта на трудот, како што кажува и самиот наслов, е да се направи подобра процена на распределбата на доходот во земјава, преку употреба на алтернативен, нов сет податоци од даночната сфера. Со ова се гради нов, алтернативен пристап за оцена на доходната нееднаквост. Фуна посочи дека ваквата анализа би придонесла за зајакнување на видувањата за нееднаквоста во распределбата на доходот кај нас, како и нови податоци за носителите на политиките.
По презентацијата, беше отворена дискусија помеѓу учесниците на оваа сесија на Клубот на истражувачите.
Инаку, Клубот на истражувачите е отворена платформа за презентација и разгледување научно-истражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. На сесиите учествуваат аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, студенти и останати заинтересирани учесници или слушатели.
Зачленувањето во Клубот е од отворен карактер и може да се направи преку барање за членство на следнава електронска адреса: [email protected] Членовите на Клубот добиваат редовни известувања за сесиите и активностите на Клубот на истражувачите.
Сесиите се одржуваат квартално. Народната банка објавува повик до истражувачите за поднесување труд, којшто може да биде и во работна верзија. Трудовите се работат согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, односно со солидна емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. Следната сесија на Клубот на истражувачите ќе се одржи во септември годинава.
Економија
Германците прават планови за зима, доколку снема гас, Хамбург ќе воведе ограничувања за топла вода и греење

Градските власти на Хамбург ќе воведат контролирана дистрибуција на топла вода за приватните домаќинства и ограничување на максималната температура за греење на становите, во случај на акутен недостиг на гас, изјави денеска локален претставник задолжен за животна средина.
Откако Русија го прекина снабдувањето со гас преку гасоводот Северен тек 1, германската влада минатиот месец го активира второто од трите нивоа на итни мерки во случај на недостиг на гас, а третото ниво воведува ограничувања за потрошувачката на гориво, објави Ројтерс.
Германската влада апелираше до граѓаните и компаниите да ја намалат потрошувачката на енергија и да помогнат да се наполнат складиштата и да се соберат резерви на гас до зима, додека германските градови размислуваат да воведат дополнителни мерки во случај на недостиг на гас.
„Во случај на акутен недостиг на гас, топлата вода може да биде достапна само во одредени периоди од денот, во итен случај“, изјави денеска Јенс Керстан, функционер за животна средина во Хамбург, според весникот „Велт ам Зонтаг“.
Керстан рече дека градот може да размисли и за општо намалување на максималната собна температура во мрежата за топла вода, а според федералниот план за итни случаи, домаќинствата и критичните институции како што се болниците во третото ниво на мерки предвидени во планот за итни случаи ќе имаат индустриски приоритет, иако тоа можеби нема да биде возможно во цел Хамбург од технички причини.
Економија
Николовска: За три години преку мерката Мој ДДВ кај граѓаните се вратени околу 68,3 милиони евра

„Мерката Мој ДДВ е една од најуспешните мерки од концептот парите назад кај граѓаните што го реализира Владата предводена од СДСМ. За три години преку оваа мерка кај граѓаните се вратени 4,2 милијарди денари или околу 68,3 милиони евра, односно над 22 милиони евра кај граѓаните секоја година. За успешноста на овој проект кој освен повеќе пари кај граѓаните, ја јакне и даночната дисциплина говори и фактот дека денес има регистрирано над 460.000 корисници и овој број постојано расте“ рече на денешната прес-конференција Фаница Николовска, пратеничка на СДСМ.
Таа смета дека „она што е важно да се истакне е дека наскоро ќе започне процес на законски измени со кој тримесечниот лимит од 1.800 денари, ќе се зголеми на 2.100 денари, што значи дека еден корисник за една година може да добие максимален поврат од 8.400 денари, наместо досегашните 7.200 денари“
„Мерката Мој ДДВ е првиот проект со кој државата враќа пари директно на трансакциските сметки на граѓаните и пример за проект кој функционира беспрекорно. СДСМ како одговорна партија продолжува со реализација на мерки и политики кои обезбедуваат повеќе пари во секое семејство“ порача Николовска.