Македонија
Бесими во Царинската Управа: Разгледувани мерките за подобрување на контролата на меѓународниот превоз на стоки и патници

Министерот за финансии, Фатмир Бесими оствари работна посета на Царинската управа на Република Северна Македонија.
На работниот состанок директорката на Царинската управа Славица Кутиров, го информираше министерот за финансии за реализираните и тековните проекти што произлегуваат од програмата на Владата, притоа потенцирајќи ги активностите кои ги презема Царинската управа за справување со сивата економија, што воедно се дел од активностите на кампањата „Внеси боја во сивата економија“, што ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за финансии. Директорката Кутиров информираше и за низата мерки што ги презема Царинската управа во насока на поедноставување и олеснување на царинските постапки, а со цел одржување и унапредување на прекуграничната трговија.
Меѓу темите на разговор беа и статусот и активностите поврзани со проектот за воведување на Track&Trace системот за следење на акцизни производи, што се очекува да придонесе за подобра контрола на акцизната стока на целата територија на државата.
Министерот за финансии беше запознаен и со статусот на реализација на проектите кои се дел од иницијативата „Отворен Балкан“, како што е взаемното признавање на одобрениjата за Овластен економски оператор (ОЕО) и заедничките гранични контроли (One Stop Shop) со Република Србија и Република Албанија. Справувањето со корупцијата како најголем предизвик на општеството, но и на Царинската управа беше дел од дискусијата на состанокот, како и мерките што се преземаат за воведување на системско решавање и подобрување на контролата на меѓународниот превоз на стоки и патници.
Министерот и директорката се согласија дека успесите во работата не се случајни туку резултат на повеќегодишна, фокусирана и тимска работа при што ја истакнаа заложбата за понатамошна успешна соработка во насока на поедноставување на царинските постапки, зголемување на конкурентноста на домашната економија и намалување на трошоците на економските оператори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Битиќи: Странските компании и Владата имаат стабилно партнерство за работа и развој

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, и економскиот тим на Владата на РСМ, остварија редовна квартална работна средбa со Асоцијацијата на странските компании со технолошко напредно производство, на која дискутираа разни предлози и решенија што би влијаеле за подобрување на условите за водење бизнис во државата.
На средбата беа разгледани клучните иницијативи и предлози во врска со прашањата за енергетика и инфраструктура во делот на олеснување на процедурите за поставување фотоволтаици во големите производствени компании.
Другите теми на состанокот беа царина, даноци, државна помош, пазар на труд и грижа на инвеститори.
Дел од барањата на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство се однесуваа на усогласување на царинските стапки до ниво на ЕУ, за дополнителни тарифни ознаки за суровини и репроматеријали, продолжување на примената на Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, превод на меѓународни стандарди за финансиско известување и ред други теми што би ги подобриле условите за водење бизнис во државата.
„Секогаш со внимание ги слушам забелешките на инвеститорите и сум отворен за забелешки за тоа како да ги подобриме условите за работењето на компаниите. Нашите напори одат во правец на поддржување на економијата од обновливи извори на енергија, што е многу значајно за нас како Влада“, рече вицепремиерот Битиќи.
Присутните претставници од Асоцијацијата на странските компании го изразија нивното задоволство од соработката со државните институции, а што е во интерес на економијата и граѓаните на Северна Македонија во целина.
Економија
Битиќи: Со инфраструктурните проекти од програмата на ТАВ го подобруваме квалитетот на живот на сите наши граѓани

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, ја посети општина Чучер Сандево, каде што e завршен инфраструктурен проект од ТАВ-програмата.
„Во оваа општина се работеше на реконструкција со асфалтирање улица во должина од 2 километри, која ги поврзува селата Мирковци и Бањани, односно поврзува 2 илјади наши сограѓани од овие села или речиси 10.000 сограѓани од целиот овој регион, кои секојдневно ја користат.
Токму ова се придобивките од инфраструктурните проекти на ТАВ-програмата, локални инфраструктурни проекти во сите општини, во целата држава, кои го подобруваат квалитетот на живот на сите наши граѓани“, изјави Битиќи.
Тој информира дека веќе се реализирани 70 % од почнатите проекти од ТАВ-програмата, а сите ќе бидат завршени во предвидениот рок до крајот на 2023 година.
„Со добро планирање и работа, сѐ се може! Градиме водоводи, канализации, спортски сали, патишта и улици, градинки, домови за стари лица, младински центри, инфраструктурни проекти, кои се значајни за сограѓаните што живеат во овие општини.
Ја јакнеме локалната инфраструктура, задоволен сум кога ја гледам динамиката на реализација на проектите, тоа значи дека моите сограѓани добиваат и квалитет и навременост“, изјави Битиќи.
Економија
Годинава забавен раст на инфлацијата, една од пораките од годишниот форум на Виенската иницијатива

„Инфлацискиот раст ќе забави годинава како во развиените така и во економиите во развој како резултат на стабилизирањето на цените на суровините, намалувањето на притисоците на страната на понудата и одлучната реакција на монетарните власти. Знаците на забавување се веќе видливи, сепак е рано да се прогласи победа над инфлацијата. Клучно е да се зачува стабилноста на цените, како и финансиската стабилност, бидејќи тоа е единствениот начин да се зачува довербата на јавноста. Истовремено, финансиските системи треба да се приспособат кон преминувањето кон зелена и дигитална иднина“. Ова беше порачано во воведните обраќања и на првата панел-сесија од годишниот форум на „Виенската иницијатива“, еден од најголемите годишни собири во областа на финансиите во Европа, која годинава се одржува во Скопје и чиј домаќин е Народната банка.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, посочи на значајната улога на банкарскиот систем за поддршка на структурните реформи.
„Одржувањето на стабилноста и на добрата состојба на банкарскиот сектор е важно и за финансирање на потребните структурни реформи во регионот на ЦЈЕ. Доходот и продуктивноста во регионот заостануваат зад напредните европски економии, а одржувањето на финансиската стабилност и на финансирањето преку банките може да придонесе за намалување на тие разлики. Во исто време, со натамошните климатски промени и технолошките иновации, се поттикнува промената на нашите општества и преминувањето кон позелена и дигитална иднина. Банките може да имаат клучна улога во финансирањето на двојната транзиција“, истакна таа.
Додаде дека во услови на постојана криза важна улога има и макропрудентната политика, која придонесува за отпорноста на банкарскиот систем, а се зголемува и просторот за реакција на монетарната политика. За таа цел, голем дел од централните банки во регионот, вклучително и нашата, по пандемијата донесоа макропрудентни мерки, како што се противцикличниот заштитен слој на капиталот и/или заштитниот слој за системските ризици.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, посочи дека нашата земја како мала и отворена економија е чувствителна на надворешните шокови и тие бргу се прелеваат.
„Виенската иницијатива“ е платформа што ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ. Таа е формирана преку координација на Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка за време на првиот бран на глобалната финансиска криза во 2009 година. На годишниот форум во Скопје учествуваат гувернери на централните банки од ЦИЈЕ и високи претставници на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската централна банка и Европската комисија, како и претставници од банкарскиот сектор.