Македонија
ВМРО-ДПМНЕ не нуди алтернатива, продолжува да игра на картата за спас на името

ВМРО-ДПМНЕ, очигледно, продолжува по патот што го трасира екслидерот на партијата, Груевски, продолжува да игра на картата за спас на името. Раководство на партијата, кога се гласаа уставните измени, реши да молчи. Се затвори во партиските простории, а до јавноста стигаа информации дека се одржуваат состаноци со органите на партијата. На денот на промената на името немаше поддршка ниту на протестите што ги организира „Македонија блокира“. По изгласувањето, лидерот на партијата Мицкоски даде изјава во која побара избори за спас на Македонија, односно за спас на името.
„ВМРО-ДПМНЕ и мнозинството македонски народ и мнозинството граѓаните на Македонија не го подржаа овој договор. ВМРО-ДПМНЕ ќе направи сè што е во нејзина моќ во иднина да се исправи оваа неправда“, изјави Мицкоски.
Со слична изјава се јави и потпретседателот на партијата, Александар Николовски, кој рече дека со Грците бил можен договор, без да се менувало името. Тој додаде дека кога ќе дошле на власт, ќе го поништеле договорот од Преспа.
„Возможно е Македонија да е дел од ЕУ и НАТО и во исто време да не треба да се промени Уставот со цел промена на името, тоа е возможно со силна дипломатија и експерти покрај себе. Сè е менливо и минливо во животот и во таа насока мислам дека силна дипломатија проследена со експерти може да го направи тоа“, изјави Николовски.
Се поставува прашањето зошто тогаш ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 11 години, додека беше на власт, не успеа да го реши спорот за името во корист на Македонија. Експремиерот Груевски тврдеше дека црвените линии на Македонија се неменување на Уставот, идентитетот и јазикот. Бараше меѓународна поддршка Грција да ја деблокира Македонија.
„Ситуацијата може да биде деблокирана ако Грција се најде под притисок од земји како САД, Германија и Франција. Но, ако не дојде до ова, тогаш тоа нема да се случи“, изјави Груевски во 2013.
Но, Груевски не ја доби меѓународната поддршка и спорот за името остана статус-кво. Во целиот овој период од 10 години решение на повидок не се гледаше.
На последните парламентарни избори целата камапања на ВМРО-ДПМНЕ беше во патриотски стил, при што главни теми беа неменување на името и да не се спроведе двојазичност на целата територија на државата. Но, партијата не успеа да осигури мнозинство од 63 пратеници како што очекуваше за да ги одбрани, како што тврдеше, Уставот и идентитетот и јазикот.
Сегашното раководство повторно бара избори, при што реториката за придобивање гласачи би била да се спасува Македонија. Притоа ВМРО-ДПМНЕ не кажува каков е планот за решение со Грција доколку го поништат, како што велат, договорот на Заев и Ципрас од Преспа. Надежта на опозицијата за добивање на изборите е огорченоста на народот по оваа срамна одлука, како што ја нарече Мицкоски.
„Не бараме избори да победи ВМРО-ДПМНЕ , туку да престане Македонија да губи“, изјави тој.
ВМРО-ДПМНЕ засега не кажува и како ќе дејствува како опозиција во наредните две години доколку не се распишат предвремени избори. Останува да почекаме дали и каков план има партијата, односно дали ќе продолжи со протести, ќе има порадикални мерки за притисок до власта или, пак, ќе се помири со идејата да биде опозиција во наредните две години, со што ќе има време за консолидирање во редовите на партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР: Ги отфрламе шпекулациите за постоењето на киднапери и продажба на човечки органи

Министерството за внатрешни работи ги отфрла шпекулациите за постоењето на киднапери кои киднапираат поради препродажба на човечки органи. Оттаму велат дека досега кај нив не се пријавени ниту случаи на киднапирање поради органи, ниту се вистинити наводите дека досега на исчезнати жртви им недостигале органи
„Деновиве преку социјалните мрежи во јавноста се шират целосно неточни информации во кои се злоупотребуваат актуелните случаи на исчезнати лица. Граѓаните да бидат спокојни и да не потпаѓаат на шпекулативни дезинформации кои предизвикуваат паника и вознемиреност. МВР за последните случаи на исчезнување, коишто се целосно расчистени, јасно и недвосмислено соопшти дека се работи за класични случаи на самоубиство. Неосновани се и дезинформациите дека има пораст во бројот на исчезнати лица, како што е соопштено и во текот на вчерашниот ден – статистичките податоци покажуваат дека не постои тренд на пораст во исчезнувањата, и дека во континуитет во последниве 5 години пронаоѓањето на пријавените исчезнати лица се реализира со околу 94% Статистичките податоци од 2014 заклучно со 2018, од 2008 пријавени случаи за исчезнати лица, пронајдени се 1876 лица. Дополнително, на веб-страницата на МВР може да се проверат сите податоци и сите актуелни случаи на исчезнати лица МВР апелира до медиумите и граѓаните да се воздржат од ширење на дезинформации кои ја вознемируваат јавноста, и да се повикуваат на официјално објавените податоци од надлежните институции“, соопштуваат од МВР.
Македонија
Иванов го осуди нападот во затворот во Шуто Оризари и побара одговорност од институциите

Kабинетот на претседателот на Република Македонија најостро го осудува физичкото насилство што се случи во текот на вчерашниот ден во затворот во Шуто Оризари.
Од таму велат дека безбедноста на сите притворени и затворени лица мора да биде загарантирана од затворската управа, а за ваквите и слични случаи не може и не смее да има никакво оправдување.
„Во казнено-поправните установи во Република Македонија мора да се заштити психофизичкиот и моралниот интегритет на лицата, да се почитува нивната личност и достоинство, како и нивното право на лична сигурност“, стои во соопштението.
Од Кабинетот на претседателот се повикуваат и на член 10 од Уставот на Република Македонија според кој „животот на човекот е неприкосновен“ и член 11 согласно со кој „физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени и се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување“.
Го цитираат и членот 176, став 1, од Законот на кривична постапка според кој „при издржување на притворот не смее да се навредува личноста и достоинството на обвинетиот“.
„Во изминатиов период до Комисијата за помилување, како и до Одделението за постапување по претставки и предлози во Кабинетот на претседателот на Република Македонија беа доставени писма од граѓани кои изразуваа загриженост за безбедноста во затворите во Република Македонија“, велат од Кабинетот на Иванов од каде што додаваат дека очекуваат што побрзо расчистување на овој, како и на сите досегашни случаи и бараат одговорност од сите надлежни институции.
Интервју/Дебата
(ИНТЕРВЈУ) Силјановска: Ме болат навредите, но јас сум инает и бунтовник

Кандидатката за претседател зад која застана опозициската ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Силјановска-Давкова, предизвика различни реакции во јавноста по објавувањето и изборот на нејзината кандидатура. Реакциите се движеа од позитивни, преку говор на омраза и сексизам за нејзиниот изглед, до коментари од типот „како е можно вмровски кандидат да биде поранешна министерка во Владата на Бранко Црвенковски“ и зошто премолчела голем дел од општествените случувања за време на владеењето на Никола Груевски.
Во интервју за „Макфакс“ таа одговара на дел од овие прашања, нејзините ставови за шарената револуција, оценува што би направила различно доколку би била избрана за претседател, а јасно ги изразува и своите негодувања во однос на договорот од Преспа. Вели дека е легалист и дека е должна да го прифати договорот, но дека „прашањето сè уште не е затворено“.
„Јас немам проблем да има компромис со име кон надвор, ама име кон сосед за внатре е крајно чудно решение“, вели таа.
Силјановска тврди дека слушала дека нејзиниот молк значел поддршка на „груевизмот“ и додава дека Груевски го сретнала само еднаш, кога се дискутурало за Законот за високо образование.
„Професорите не треба да се секогаш присутни по медиумите, но секогаш кога ме повикувале да кажам свој став, тоа сум го правела. Кај нас има таканаречени ‘прекувремени медиумски фабрички работници’ кои цело време се по телевизии и го окупираат медиумскиот простор. Јас не сум таква личност“, тврди Силјановска.
Таа вели дека кај неа преовладал инаетот и фактот дека очекувала промени по промената на власта, но и дека неколкупати се предомислувала пред да ја поднесе кандидатурата.
„Мотото на шарената револуција беше ‘нема правда, нема мир’, а сега е ‘нема правда, има мир’. Шарената револуција не даде резултати“, вели таа.
Децидно стои на ставот дека не е врзана за ниту една политичка партија и дека нејзиното време на партиски активизам е поминато.
„Партија бирам еднаш, повеќе не. Во 1994 година ја видов политиката однатре и сфатив дека тоа не е мојот живот“, тврди Силјановска, додавајќи дека таа е критичар на секоја власт, па затоа не се пријавила на конкурсот на СДСМ за претседател на државата.
„Но, да беше конкурсот во времето кога владееше ВМРО-ДПМНЕ, можеби не би било проблем“, вели таа.
Силјановска од утре ќе собира потписи за претседателската кандидатура низ сите подрачни канцеларии низ ДИК во земјава.
- Истражувања3 месеци
Во дворот на МЗТ ќе се гради фабрика за преработка на медицински отпад, паника кај околните фирми
- Истражувања1 месец
(ВИДЕО) Градоначалничката на Арачиново со службени пари купувала суџук, мирисливи свеќи, пилешки гради и дрвени лажици
- Истражувања2 месеци
Фондот за иновации прво одобрил грант од 200 илјади евра на сопругот, па ја вработил сопругата
- Проверка со факти3 месеци
Заев прифаќа амнестија за 27 април, а тврдеше дека нема да има
- Проверка со факти2 месеци
(Видео) Шекеринска: Нема да се пазариме со амнестија
- Проверка со факти2 месеци
(Видео) Макрадули: Популизмот не помага при решавање со загадувањето
- Македонија2 недели
Скандалозна распределба на пари во култура – има за тетовски, нема за скопски џез-фестивал
- Македонија2 месеци
(Видео) Кога општеството потфрла, кучето Бен му помага на момчето со церебрална парализа