Македонија
Граѓаните се гушат – загаденоста 11 пати над дозволеното

Штипење и иритација на очите, неможност да се земе воздух, чудна миризба на изгорена гума, се само дел од работите на кои се жалат граѓаните вечерва, откако загаденоста на нивото на државата, според веб-страницата World’s air pollution, достигна 484.
Со други зборови, Македонија во моментов е четврта во светот според загаденост.
Според мерните станици, најзагадено вечерва е во Битола и Скопје. Нивото на штетните PM10 честички во Битола е 390 микрограми на кубен метар, односно речиси 5 пати над дозволената граница. Во Скопје, најзагадено е во населбата 11 Октомври, Миладиновци, Аеродром, а мерната станица кај Ректорат покажува загаденост со ПМ10 честички од дури 354 микрограми на кубен метар.
Најмалку загадено е на Водно, во Бардовци, Железара и во Сопиште.
Во Ново Лисиче не работи мерната станица, па активистите на „Екопатрола“ излегоа на терен со мобилен мерач PICO. Според активистите, нивото на ПМ10 честички во општината изнесува дури 550 микрограми на кубен метар или речиси 11 пати повеќе од дозволената граница.
Од Министерството за здравство денеска изјавија дека нема да воведуваат вонредни мерки за спречување на здравствените последици од загадувањето, туку дека ќе вршат анализа кои се ризични категории на граѓани на кои најмногу може да им наштетат ПМ10 честичките.
И додека надлежните институции сè уште немаат излезено со конкретни мерки и чекори против енормното загадување, граѓаните масовно бараат решавање на долготрајниот проблем кој се чувствува секоја зима, а остава сериозни последици по здравјето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Бислимоски: Ако не се постави цевководот на мостот „Беласица“, ќе имаме ценовно цунами со парното греење во Скопје

Скопјани ќе плаќаат повисока цена за парно греење ако не се стави цевковод на опожарениот мост „Беласица“.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, објасни дека преку цевководот ја транспортира енергијата од ТЕ-ТО по многу пониска цена од топланите Исток и Запад.
Беслимовски е дециден: доколку не добие цврсто уверување дека ќе се врати цевководот на мостот „Беласица“, ќе имаме проблем со произведената количина топлинска енергија од ТЕ-ТО, која е трипати пониска отколку цената на топланите.
Вкупниот трошок во крајната цена што го плаќаат граѓаните од Скопје е 52 процента од топланите, а трошокот за ТЕ-ТО е 36 отсто. Беслимовски вели дека 60 отсто од топлинската енергија за Скопје се обезбедува од ТЕ-ТО, а 40 проценти од топланите во Скопје.
„Ако не се постави овој цевковод, тогаш би ни се случило ценовно цунами. Од тие причини, додека не добиеме цврсто уверување дека ќе се постави цевководот, нема да донесеме одлука за цената. Доста беше поради нечии препирки, тоа да оди на грбот на граѓаните“, рече Бислимовски.
Тој уверува дека нема да дозволат да дојде до ценовни шокови. Рече дека 30 проценти од сметката за топлинска енергија е субвенционирана, а новата цена ќе зависи и од тоа дали повторно ќе има владина помош.
Економија
Битиќи во Њу Џерси: Државната поддршка за инвестиции е потпора и за пазарните успеси на македонските компании во САД

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, заедно со претседателот Стево Пендаровски, во рамките на работната посета на САД, по повод учество на Генералното собрание на ОН, ја посети компанијата „Фаст пак трејдинг“, во сопственост на Иванчо Ивановски, основана пред 30 години, а која врши дистрибуција на над 1.000 македонски производи во сите сојузни држави на САД.
При обиколката на дистрибутивниот центар на компанијата во Њу Џерси, Битиќи ја истакна заложбата на Владата за негување и развивање на контактите со дијаспората, особено во насока на унапредување на економските врски и создавање стимулативни услови, кои мотивирачки би влијаеле Северна Македонија да ја препознаат како реална можност за развивање на нивниот бизнис.
„Задоволство е да се види како успесите што се остваруваат на американскиот пазар од над 300 милиони потрошувачи во целост се засноваат на потенцијалите на стопанството во Северна Македонија. Уште повеќе радува фактот дека пазарниот успех е споделен со компании од Северна Македонија, чии производи, благодарение на претприемачките способности на Ивановски, завршуваат на пазарот во САД. Ова зборува дека во нашето стопанство имаме компетитивни компании способни да испорачаат конкурентни производи и во најсилната економија во светот“, рече Битиќи.
Економија
Очекуваме ЕУ наскоро да излезе со нов план за економски раст, рече Османи на работниот појадок во Њујорк

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во својство на претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), беше домаќин на работниот појадок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на иницијативата, што се одржа во рамки на Генерално собрание на OН, во Њујорк. Настанот беше организиран во соработка со Советот за регионална соработка (СРС).
Фокусот на дебатата беше ставен врз европскиот интегративен процес на земјите од Југоисточна Европа, гледано преку призма на континуираната руска агресија врз Украина, која има длабоко влијание врз безбедноста и стабилноста на европскиот континент.
Осврнувајќи се на мотото на претседавањето на Северна Македонија со иницијативата – „Премостување поделби, градење доверба“, Османи направи осврт врз приоритетите на нашето претседавање. Меѓу другите, зајакнувањето на демократијата, помирувањето, регионалната соработка и забрзувањето на евро-атлантските интеграции.
Со оглед дека ПСЈИЕ е најсеопфатна регионална иницијатива во Југоисточна Европа, Османи ја потенцира неопходноста од заеднички ангажман, за сите прашања од витален интерес за регионот.
Пред присутните колеги и гости, го претстави концептот „Повеќе интеграција пред членство“ за кандидатите и потенцијалните кандидати за влез во ЕУ, кој предвидува конкретни придобивки додека трае преговарачкиот процес пред формалното членство.
„Очекуваме Европската Унија наскоро да излезе со нов план за раст кој треба да ни помогне како кандидати да го заживееме процесот, да го поттикнеме економскиот раст и да ги забрзаме реформите кои исто така се скапи за имплементација. Целта е нашите економии да имаат поголем економски раст, за што е потребна поддршка на земјите-членки на ПСЈИЕ, кои се и членки на ЕУ, како и прогресивна интеграција во eдинствениот пазар, проследено со зголемено учество во институциите на ЕУ “, нагласи Османи.
Северна Македонија е претседавач со ПСЈИЕ, во периодот 1 јули 2023 – 30 јуни 2024 г., како трето претседавање, по она од 2000-2001 и 2012-2013 година.