Македонија
Кај физичките лица минатата година забележан раст од 5,8 отсто на блокираните сметки
Народната банка на РМ, на својата интернет-страница, ја објави новата публикација „Информацијата за движењата во платниот промет во 2016 година“. Во неа се анализираат состојбите во платниот промет и платните инструменти во Република Македонија и се дава споредбен осврт на клучните показатели со показателите на ниво на Европската унија.
На тој начин се овозможува да се согледаат состојбите со употребата на платежните инструменти и навиките за плаќање на домашните корисници во однос на корисниците од земјите членки на Европската Унија.
„Во 2016 година најголема вредност на безготовинските трансакции, или 99 отсто се остварени преку кредитните трансфери, а остатокот со платежни картички.
Ваквата структура на безготовинските трансакции соодветствува со структурата во земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ) и во старите земји членки на ЕУ, каде што кредитните трансфери учествуваат со 99,2 проценти и со 94,2 отсто соодветно“, стои во соопштението од НБРМ.
Во рамки на кредитните трансфери, најголемиот дел од вредноста е остварена од страна на правните лица, и тоа во поголем дел со иницирање електронски трансфери.
Кај физичките лица сѐ уште преовладува хартиеното иницирање кредитни трансфери, но и растечка тенденција на користење на електронското банкарство преку компјутер, мобилни телефони и банкомати„ се посочува во информацијата на НБРМ, објавена во петокот.
Анализите за користењето на платежните картички покажуваат дека и покрај нивната зголемена употреба во последниот период, навиките на домашните потрошувачи отстапуваат од навиките на корисниците во ЕУ.
Употребата на платежните картички во Македонија сѐ уште првенствено се однесува на повлекување готовина од банкоматите, за разлика од европските земји, каде што плаќањата во трговијата имаат високо учество.
„Потврда за ова се релативните показатели коишто покажуваат учество на вредноста на трансакциите со платежни картички во личната потрошувачка од 32 отсто во старите земји членки на ЕУ и 19 проценти во земјите од ЦИЈЕ, во споредба со 11 осто во Република Македонија“, додаваат од НБРМ.
На слични констатации упатува и анализата на бројот на трансакциите. Така, бројот на трансакции со домашни платежни картички остварени во трговијата во РМ изнесува 18 трансакции по глава на жител, што е пониско за два и пол пати во споредба со земјите од ЦИЈЕ (45 трансакции по глава на жител) и неколкукратно пониско во однос на старите земји членки на ЕУ (102 трансакции по глава на жител)„ се истакнува во информацијата.
Од аспект на платежната функција, најголемо учество имаат дебитните картички, а според видот, најзастапени се контактните картички.
Во последниот период се забележува промоција на контактно-бесконтактните картички и на соодветна инфраструктура за нивно прифаќање, што е согласност со светските трендови и најновите техничко-технолошки решенија во доменот на плаќањата.
Со новата платежна статистика за првпат се обезбедуваат податоци за прекуграничните трансакции во работењето со платежните картички.
„Анализата на овие податоци покажува дека домашните картички во странство најмногу се користеле за плаќања во трговијата, а значително учество имаат и плаќањата за интернет-трговија. Анализирано по земји, најголема вредност на трансакциите со домашни картички е остварена во Обединетото Кралство, Унгарија и Грција. Кога станува збор за приливните трансакции остварени во домашната економија со платежни картички издадени во странство, најголема вредност е остварена со платежните картички издадени во САД, Швајцарија и Обединетото Кралство. Споредбата на вредноста на остварените трансакции во доменот на картичното работење, со картички издадени во земјата и во странство укажува на нето-прилив за Република Македонија во износ од 5,6 милијарди денари во 2016 година„ се информира од НБРМ.
Во 2016 година, од Банката информираат дека бројот на остворени трансакциски сметки бележи раст од 1,2 отсто на годишна основа, при истовремено намалување на бројот на блокирани сметки за 2,1 процент.
„Пониското ниво на блокирани сметки во 2016 година произлегува од значителното намалување на блокираните сметки на правните лица (за 22,1 отсто), што е прво вакво придвижување во периодот по глобалната криза. Кај физичките лица, блокираните сметки бележат раст (од 5,8 отсто), но значително забавено во споредба со претходните две години, кога беа забележани двоцифрени стапки на раст на блокираните сметки (35,4 проценти и 19,1 отсто во 2014 година и 2015 година, соодветно)“, се заклучува во информацијата. /крај/мф/кс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Турција ќе ја зголеми економската соработка со Македонија, поддршка за турските компании да инвестираат кај нас
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин и оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, кој е во официјална посета на нашата земја.
Станува збор за прва посета на странски министер за надворешни работи по формирањето на новата Влада, што воедно е силна потврда за одличните и долгогодишни односи меѓу двете земји, како партнери и сојузници во НАТО.
Муцунски се заблагодари за поддршката од Турција за справување со пожарите и истакна дека посетата е јасен сигнал за интензивниот политички дијалог меѓу двете земји, растечката заемна доверба, партнерство и пријателство, што заеднички ги градиме и негуваме во интерес на нашите граѓани.
„Оваа посета и нашата денешна средба се уште еден значаен момент во нашите билатерални односи бидејќи претставува прва официјална посета од странски колега – министер по моето стапување на должноста министер за надворешни работи и надворешна трговија. Особено ми е драго што тоа е токму министерот за надворешни работи на Република Турција, почитуваниот Хакан Фидан. Ова е силна потврда за сѐ поинтензивниот политички дијалог меѓу двете земји, растечката заемна доверба, партнерството и пријателството што заеднички ги градиме и негуваме“, истакна министерот Муцунски во своето обраќање.
На средбата помеѓу двете делегации беа разменети мислења за прашања поврзани со билатералните односи и можностите за унапредување на соработката преку конкретни активности во повеќе области. Двајцата министри разговараа за унапредување на односите во областите што се од заемен интерес, со посебен акцент на економската соработка и можностите за нејзино продлабочување како од надворешнотрговски така и од инвестициски аспект. Заемно беше поздравена досегашната целокупна економска соработка, но исто така беше констатирано дека таа го нема достигнато посакуваното ниво од двете држави. Постојат многу можности што треба максимално да бидат искористени од страна на државите и бизнис-субјектите од двете земји.
Во разговорите беше потенцирана успешната соработка и во рамките на одбраната, образованието и културата, но и одличната комуникација и соработка во делот на регионалните иницијативи и мултилатералните организации.
Турскиот министер нагласи дека нашата земја има посебно место за него и дека Турција особено ги цени пријателството и сојузништвото со Македонија.
„Разговаравме како можеме да ја унапредиме оваа соработка. Како Турција, изразуваме дека имаме интерес да потпишеме стратешки совет за соработка. Турција има цел да ја зголеми билатералната економска соработка од една на две милијарди и ќе продолжиме со поддршка на турските компании да инвестираат во земјата. Продолжуваме и со воената соработка преку учество на заеднички вежби“, истакна турскиот министер Фидан по средбата.
Министерот Муцунски го запозна својот колега со актуелните состојби во регионот од нашата перспектива, која е целосно насочена кон ЕУ-реформскиот процес и побрза интеграција во Европската Унија. Стана збор и за актуелната позиција на државата во однос на процесот на интегрирање, при што министерот Муцунски особено укажа на фактот дека предвидливоста во процесот на пристапувањето во ЕУ не е само процедурална работа, туку таа е и камен-темелник на нашата стабилност и напредок нагласувајќи дека токму тоа е она што на граѓаните им дава надеж и чувство за насока, ги мотивира нашите реформи и ги потврдува нашите аспирации кон поширокото европско семејство.
На средбата беа разменети мислења и за заедничките предизвици со кои се соочуваат нашите земји во контекст на миграцијата, радикализмот, како и предизвиците наметнати од тековните глобални случувања поттикнати од руската воена агресија врз Украина, како и последните состојби на Блискиот Исток. Беа споделени грижи и очекувања за смирување на сите воени дејства и запирање на страдањата на цивилното население во засегнатите земји. Министрите разменија мислења и за други актуелни прашања од надворешната политика.
Економија
Перински: Општините може да аплицираат и со повеќе проекти, средствата ќе се доделат преку шест министерства
Општините можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието, изјави министерот за локална самоуправа Златко Перински, на прес-конференцијата за почетокот на проектот за доделување на 250 милиони евра за развојни проекти за општините.
Перински, кој детално го образложи јавниот повик, во своето излагање посочи дека средствата се обезбедени согласно ребалансот на Буџетот, а повикот е веќе отворен и објавен на веб-страната на Министерството за локална самоуправа и на веб-страната на Владата, и објавен во два печатени медиуми.
Рокот за пополнување на апликативниот формулар е 7 дена и истиот пополнет со предлог проекти од страна на општините треба да се достави до Министерството за локална самоуправа. Потоа во рок од 10 дена, целосната проектна документација, од страна на општините, се доставува до ресорното министерство од областа на проектот, каде што ќе се врши и евалуација на истиот. Евалуацијата се очекува да заврши во рок не подолг од 10 дена и врз основа на истата, ресорните министерства изготвуваат предлог одлука кои проекти ќе се финансираат од нивна област и таа предлог одлука се доставува на усвојување на Владина седница.
Средствата ќе се доделат преку 6-те ресорни министерства соодветни од областа на проектите и тоа: Министерството за култура и туризам; Министерството за транспорт; Министерството за социјална политика, демографија и млади; Министерството за образование и наука; Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за спорт.
За следење на целиот процес, формирано е владино координативно тело, кое што ќе го предводи Министерството за локална самоуправа и во истото ќе членуваат претставници од сите ресорни министерства.
На прес-конференцијата се обрати и премиерот Христијан Мицкоски кој апелира што е можно повеќе општини, независно од политичката провиниенција на градоначалниците да учествуваат во овој повик. Мицкоски уверува дека процесот ќе биде целосно транспарентен и достапен на увид на целата јавност.
Економија
Општините добиваат 250 милиони евра за проекти за развој, Мицкоски уверува дека процесот ќе биде транспарентен
Објавен е јавниот повик за аплицирање за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините, пришто ќе бидат доделени 250 милиони евра.
Премиерот Христијан Мицкоски кој денес на прес-конференција го најави стартот на проесктот рече дека целта на овој отворен јавен повик е да се доделат средства на општините за проекти со чија реализација ќе се придонесе за унапредување на инфраструктурата на локално ниво со директен импакт врз зголемување на економскиот раст, развој во општините и зголемување на квалитетот на живот на граѓаните.
Право да поднесуваат апликации и предлог-проекти имаат општините, општините во градот Скопје и градот Скопје.
Мицкоски апелира што е можно повеќе општини, независно од политичката провиниенција на градоначалниците да учествуваат во овој повик.
„Ние сме Влада на сите граѓани, и нашата цел е да се подобри животот на сите граѓани. Овие пари значат повеќе проекти и решенија за граѓаните за нови улици, булевари, училишта, градинки, водоводи, канализации, сѐ она што в суштина им е потребно на граѓаните. Ова е прв ваков проект од толку обемен карактер за инфраструктурен развој на општините во историјата. 250 милиони евра од централниот буџет за вистинските потреби на граѓаните“, рече Мицкоски.
Како што рече и во минатото се правеле инфраструктурни проекти во главниот град, но никогаш секаде и за сите општини во толку голем обем како што е замислата со овие 250 милиони евра. Смета дека голем дел од општините се соочуваат со вистински потреби за развој на инфраструктурни проекти и капитални инвестиции.
До крајот на оваа година со овој јавен повик на располагање за општините се ставаат 6 милијарди денари, и ова е првата фаза од вкупно 15 милијарди денари или 250 милиони евра за капитални проекти.
Мицкоски уверува дека процесот ќе биде целосно транспарентен и достапен на увид на целата јавност.