Македонија
Најголемо поскапување на цигарите досега
Согласно измените во Законот за акцизи на цигарите и производите од тутун, од јули годинава се очекува ново поскапување на цигарите.
Цигарите ќе поскапат за најмалку 4 денари по една кутија, па така одредени цигари од поскапите брендови ќе чинат и до 140 денари.
Со оглед на тоа дека цигарите во текот на минатата година поскапуваа и повеќе отколку што тоа го наложуваше Законот за акцизи, не се исклучува и опцијата до крајот на годинава одредени брендови да надминат и цена од 150 денари по кутија.
Според предвидениот план цигарите од јули оваа година па во наредните 6 години ќе поскапуваат по 4 денари за кутија годишно. Тоа значи дека на крајот од циклусот во 2023 година една кутија може да чини и близу 200 денари. крај/мф/дѓс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Нема нов данок за приходи од странство, се применуваат постојни закони, велат од УЈП и уверуваат дека нема двојно оданочување ако се достави доказ
Управата за јавни приходи (УЈП) соопшти дека оданочувањето на доходот остварен во странство не претставува нова обврска, туку примена на постојни законски одредби кои важат со години.
Од УЈП информираат дека новина е системската обработка и вкрстување на податоците добиени од банките, кои претходно не биле користени за целите на оданочување.
Во втората половина на 2024 година започнала обработката на податоците за приливи од странство. За 2020 година биле испратени 11.527 известувања до физички лица кај кои е утврден оданочив доход. По ова, 2.276 лица доброволно поднеле пресметки, а за 3.637 лица била утврдена даночна обврска по службена должност. Кај 5.614 лица било утврдено дека станува збор за неoданочиви приливи. Вкупно утврдениот данок изнесува 171,6 милиони денари, од кои се наплатени 30,4 милиони.
Според податоците на банките, во 2025 година 70.869 граѓани примиле приливи од странство во вкупен износ од 577 милиони евра. До сега се испратени 9.522 известувања, а 4.459 лица доброволно поднеле пресметки.
Од УЈП нагласуваат дека пристапот не е репресивен, туку постепен, со известувања и можност за доброволно усогласување пред преземање други мерки.
Во однос на реакциите во јавноста, од институцијата појаснуваат дека нема двојно оданочување доколку се достави доказ дека данокот е платен во странство, согласно законите и меѓународните договори.
Дополнително, УЈП информира дека за 257 лица ангажирани во странски мисии во 2020 година е побарана проверка од странски администрации, додека за 134 млади лица кои работеле во странство се организирани директни средби за појаснување на обврските.
Од УЈП посочуваат дека целта е правичен даночен систем и еднаков третман за сите граѓани, со транспарентност и поддршка во процесот на усогласување.
Економија
Нафтата над 102 долари: стравот од блокадата врз Иран го тресе пазарот
Цените на нафтата денеска пораснаа на меѓународните пазари и се приближија до 102 долари по барел, поради стравувањата на инвеститорите дека американската поморска блокада врз Иран дополнително ќе ги намали испораките од регионот на Персискиот Залив.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладне достигна 101,85 долари, што е зголемување од 6,65 долари во однос на затворањето на крајот од минатата недела. На американскиот пазар, барелот поскапе за 6,07 долари и достигна цена од 102,64 долари.
Пазарите на почетокот на неделата беа потресени од најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување поморска блокада на Иран, поради незадоволството од позицијата на Техеран во преговорите во Исламабад.
САД се залагаа за итно отворање на Ормуски теснец, но Иран инсистирал на прекин на огнот на сите фронтови, вклучително и во Либан, како и на одмрзнување на својот имот.
По објавата на примирјето меѓу САД и Иран во средината на минатата недела, Израел повторно изведе воздушни напади врз Либан, при што загинаа повеќе од 300 луѓе.
По заминувањето на американските преговарачи од Исламабад, предводени од потпретседателот Џејмс Дејвид Венс, Трамп најави блокада на влезот во Ормускиот теснец, додавајќи дека американската морнарица ќе ги запира сите бродови што платиле транзитна такса на иранските власти.
Американската морнарица за Ројтерс појасни дека блокадата ќе биде воспоставена во Оманскиот Залив и во Арапското Море, источно од теснецот, при што првично беше наведено дека ќе се запираат сите бродови, а подоцна дека ќе се блокираат само оние со ирански пратки.
Вашингтон на тој начин сигнализира дополнителна ескалација на конфликтот, кој веќе сериозно ги намали испораките на нафта од регионот.
Техеран возврати дека американската блокада претставува „пиратство“ и предупреди дека, доколку иранските пристаништа бидат загрозени, нема да бидат безбедни ниту пристаништата во Персискиот и Оманскиот Залив.
Од почетокот на март, Иран извезол околу 58,75 милиони барели нафта, според податоците на порталот Windward.
Одделни пресметки на ОПЕК покажуваат дека цената на барелот од кошницата на нејзините членки во петокот изнесувала 105,28 долари, што е намалување за два долари.
Економија
„Фич“: Кредибилните и конзистентни макроекономски политики ја одржуваат стабилноста на денарот
„Кредибилните и конзистентни макроекономски политики се поддршка за стабилноста на девизниот курс на денарот и се фактори за одржување на кредитниот рејтинг на нашата земја“. Ова се посочува во најновиот извештај на Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, во кој рејтингот на земјава повторно е потврден на нивото „ББ+“.
Во извештајот се посочува дека измените што ги направи Народната банка во декември минатата година, во однос на промената на монетарната рамка, ќе придонесат за поефикасно пренесување на монетарните сигнали.
Во извештајот на Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ се наведува дека девизните резерви, во јануари 2026 година, се зголемиле за речиси 14% на месечно ниво и се доволни за да покријат околу 5,1 месец од обврските за плаќања кон странство. „Фич“ оценува дека нивото на девизните резерви е соодветно за одржување на стабилноста на домашната валута.
Агенцијата посочува дека инфлацијата покажа тренд на намалување на почетокот на 2026 година. За наредниот период се очекува дека таа ќе се задржи на умерено ниво, со привремено благо зголемување под влијание на светските фактори, а потоа повторно ќе се стабилизира во 2027 година, како резултат на кредибилните и конзистентни макроекономски политики.
Фото: Depositphotos
