Економија
Бочварски-Момировиќ: Со „Отворен Балкан“ забрзан протокот на стока и патници на Табановце
Ова што денеска се случува на граничниот премин Табановце и граничниот премин Прешево е доказ за партнерскиот однос меѓу Република Северна Македонија и Република Србија, со што ја олеснуваме размената и транзитот на стока и патници. Ова денеска го истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на средбата со министерот за инфраструктура, градежништво и сообраќај на Република Србија Томислав Момировиќ на граничниот премин Табановце.
Двајцата министри, заедно со директорката на Царинската управа, Славица Кутиров, извршија обиколка на граничниот премин Табановце, каде е воведен концептот на „едно застанување на граница”, иницијaтива во рамки на процесот Отворен Балкан.
„Имавме одлична можност директно да се запознаеме со една од придобивките на концептот на Отворен Балкан, иницијатива што ја промовираа претседателите на нашите Влади и која започнавме успешно да ја спроведуваме. Со примена на таканареченото ‘едно застанување на граница’ значително се намалени постапките за влез и излез од двете земји, посебно за товарниот транспорт каде се воведени и зелени ленти за брз проток на стока. Со реконструкцијата на граничниот премин и воведувањето на овој концепт на работа, намалено е времето на чекање, царинските и граничните процедури се поедноставени, а поминувањето на границата е забрзано”, изјави Бочварски.
Додаде дека во следниот период Царинската управа ќе овозможи и нови ленти за проток со кој ќе се намалуваат тесните грла, особено во летните сезони.
Министерот Томислав Момировиќ го потенцира огромниот успех на концептот „Отворен Балкан“, како регионален проект со кој е олеснат протокот на стока и патници.
„Србија и Северна Македонија се две братски земји, а соработката што ја воспоставив со мојот колега Бочварски најдобро тоа го демонстрира. Успеавме да го обновиме интегрираниот граничен премин и да го забрзаме сообраќајот посебно во летниот период. Добив податок дека на овој граничен премин поминуваат преку 130 илјади возила. Овој граничен премин само потврдува колку е потребна иницијативата Отворен Балкан, а ќе потенцирам и дека е неопходна. Ова е најголем регионален проект во последните триесет години и мораме да продолжиме да го развиваме во овој правец”, изјави Момировиќ.
„Со реконструкцијата и новопоставените кабини и рампи, покрај подобрување на условите за работа се овозможува истовремено работење на граничните полициски службеници од двете држави, што дополнително влијае на забрзување на протокот на патнички и товарни возила кое е особено важно во тек на туристичката сезона. На граничниот премин Табановце функционираат 5 ленти за патнички, 2 за товарни возила и една за автобуси, а во моментов се работи на прилагодување на уште две ленти за влез на патнички моторни возила”, изјави Славица Кутиров, директор на Царинската управа.
На средбата двајцата министри разговараа и за изградба на заедничка железничка станица на ГП Табановце, за олеснување на протокот на патници и воспоставување заеднички граничен премин Пелинце, како и за либерализација на транспортните услуги и непречен заемен пристап кон транспортните пазари на земјите од оваа иницијатива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.
Економија
Трипуновски: Ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост
Дополнителниот замени министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски на својата фејсбук страна објави дека ги потпишал првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост.
Во својата објава Трипуновски вели: „Почитувани земјоделци, штотуку ги потпишав првите 16 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, нека е аирлија!“
Трипуновски во неколку наврати ја алармираше јавноста дека во Република Македонија постојат договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост кои истекуваат оваа година, но на истите не им е овозможено продолжување и дека Николовски го кочи продолжување со образложение дека се потребни законски измени на законот за земјоделско земјиште.
„Сепак на крајот успеавме да го реализираме нашиот предлог за разрешница на овој проблем по многу побрза и поедноставна постапка, наспроти тврдењата на министерот Николовски кој постојано, од непознати причини, тврдеше дека се потребни измени на законот за земјоделско земјиште и дека со анексирање на договорите не се решава овој проблем. Со ова само се докажа дека Николовски повторно ве лаже како што тоа го прави изминативе 7 години“, дополни Трипуновски.
Позитивно е тоа што овој голем проблем доби решение и засегнатите земјоделци конечно ќе можат да ги продолжат своите договори согласно законските регулативи. Со ова Трипуновски покажа дека ќе биде предводник во промените и решавањето на проблемите во македонското земјоделство.
„ВМРО-ДПМНЕ секогаш било и ќе биде на страната на македонските земјоделци, доколку ние не го изнесовме овој проблем во јавноста, СДС и Николовски никогаш немаше да ги продолжат овие договори на вредните македонски земјоделци или пак тоа ќе го правеа селективно и повторно земјоделското земјиште ќе завршеше кај луѓе што не се земјоделци или истото ќе го трансформираа за плантажи со фотоволтаици. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе може гордо и со крената глава да биде помеѓу светиниколчани и сите земјоделци во Република Македонија“, заврши Трипуновски во својата објава.