Македонија
Богов: Политиката на фиксен девизен курс е одлична и треба да продолжи
Политиката на фиксен девизен курс која што Република Македонија ја спроведува во последните 20 години е одлична и треба да продолжи и во наредниот период, оцени гувернерот Димитар Богов.
Политиката на фиксен девизен курс која што Република Македонија ја спроведува во последните 20 години е одлична и треба да продолжи и во наредниот период, оцени гувернерот Димитар Богов.
Оваа изјава гувернерот на Народната банка на Република Македонија ја даде во четвртокот вечерта во емисијата „Акцент“ на Македонската телевизија, во контекст на валутните шокови што во поледните денови се случуваат на меѓународните пазари.
Богов смета дека Македонија треба да продолжи со фиксниот девизен курс се додека еден ден не влезе под чадорот на еврото, а како најдобар пример ги посочи балтичките држави, кои и покрај сите проблеми што ги имаше еврозоната во последно време, на најбрз начин одлучија да го прифатат еврото за валута.
„За мала отворена економија, најдобар начин да се заштити од вакви шокови кои што се случуваат на меѓународните пазари е да биде дел од една поголема валутна зона како што е еврозоната“, рече Богов.
Тој напомена и дека политиката на фиксен девизен курс бара поголема дисциплина и од економскиите субјекти кој што единствен начин да ја зголемат својата конкурентност е преку поефикансо работење и поголема продуктивност, а бара и поголема дисциплина и од јавниот сектор, бидејќи мора да се водат политики на умерен дефицит.
„Ова политика не прави поотпорни, бидејќи на овој начин го увезуваме кредибилетот на еврото и кредибилитетот на еврозоната, но сепак бара од нас поголема дисциплина. Мораме да бидеме подисиплинирани за да тој курс биде навистина одржлив“, рече Богов.
Гувернерот нагласи дека при актуелните валутни флуктации денарот останува стабилен во однос на еврото, а ќе ја дели судбината на еврото кон останатите валути, како што се американскиот долар и швајцарскиот франк.
„Најголем дел од нашата трговска размена е кон еврозоната, околу 70 проценти, така што нашата конкурентност кон еврозоната ќе остане иста, а ќе се подобри во однос на оние земји кој што базираат на доларот или франкот“, рече Богов.
Богов оцени дека одлуката на Европската централна банка да врбизга ликвидност била долго очекувана и потсети дека претходно ваков механизам бил преземен од страна на централните банки на САД, Велика Британија и Јапонија.
„Оваа мерка е насочена да ја поттикне европската економија, која е соочена со стагнација и рецесија, домашната побарувачка е многу слаба, а довербата во економијата е многу ниска. На овој начин се настојува да се поттикне економската активност, да се поттикне домашната побарувачка и да се надмине дефлационата спирала која ја зафати еврозоната“, изјави Богов во емисијата „Акцент“ на МТВ. /крај/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Трипуновски: Јаболкото во Ресен ќе остане неоткупено поради големиот увоз на странско јаболко во Македонија
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денес е во работна посета на Ресен каде што оствари работни средби со овоштарите од овој регион.
„Овоштарите од Ресен претрпуваат големи губитоци заради погрешните политики на СДС и големиот увоз на странско јаболко во Република Македонија. Согласно податоците, додека ресенското јаболко стои неоткупено, од 1 септември 2023 година до сега во Македонија се влезени околу 4 милиони килограми јаболко што е главна причина што ресенчани ги преживуваат најцрните денови во историјата на овоштарството во Македонија“, изјави Трипуновски.
Како поголеми проблеми на земјоделците од Ресенскиот регион, Трипуновски ги посочи неисплатените субвенции како и неисплатените штети од природните непогоди од пред некоја година, откупно-дистрибутивниот центар којшто требаше да биде завршен во 2023 година сѐ уште не е ни започнат со градба.
„Цврсто им ветив дека идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план и конкретни мерки со кои ќе се стави крај на маките на ресенчани“, заврши Трипуновски.
Економија
Ангеловска-Бежоска на Пролетните средби на ММФ и СБ: Носителите на политики ќе дискутираат за состојбите и перспективите во економијата
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, ја предводат нашата делегација, која учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Во делегацијата на Народната банка на овие средби ќе земе учество и вицегувернерот Фадил Бајрами.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и вицегувернерот Бајрами на претстојните Пролетни средби ќе одржат состаноци со заменик-директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, како и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хиберс и Лук Дресе. На состаноците со високите претставници на ММФ ќе стане збор за економските состојби во нашата земја и поставеноста на монетарната политика, којашто придонесе за стабилизирање на инфлацијата. Делегацијата на Народната банка, предводена од гувернерката, ќе оствари средба и со претставниците на одделите за статистика и за монетарни и капитални пазари при Меѓународниот монетарен фонд, на која ќе се споделат досегашните достигнувања и резултати од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, Ангеловска-Бежоска ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат. Исто така, делегацијата на Народната банка ќе учествува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Одржувањето на Пролетните средби секоја година на едно место ги собира носителите на политиките, односно првите луѓе на централните банки и министрите за финансии од земјите членки, кои ќе разговараат за политиките и финансиските реформи во насока на остварување на целите за одржлив раст (SDG), особено поврзани со климатските промени и родовата еднаквост.