Македонија
Финансиска поддршка за земјоделски компании за учество на саеми
Владата ја усвои Програмата за 2015 година за финансиска поддршка на домашните земјоделски компании за нивно присуство и промоција на нивните производи на меѓународно значајни земјоделски саеми и настани, информираше во саботата владиниот потпарол Александар Ѓорѓиев.
Целта е преку организирана промоција на извозни земјоделски производи да се обезбеди поголема промоција во земјите со недоволно присуство на македонски производи, а кои имаат огромен потенцијал за апсорпција, или пак промоција во земји кои претставуваат брзорастечки пазари поради големиот број на потрошувачи и постојаното зголемување на куповната моќ на населението, рече Ѓорѓиев.
За оваа намена се обезбедени и ќе бидат искористени околу 30 милиони денари. Поддршката се обезбедува за најизвезуваните македонски земјоделски производи – виното и свежиот и преработен зеленчук и овошје. Средствата се за присуство на два типа на настани, првиот тип е саемски манифестации, а вториот тип на настани се специјализирани таргетирани настани за промоција на македонското вино.
Спроведувањето на активностите за национална промоција на македонското земјоделско производство на саемите ќе оди преку националните здруженија на производители за нивен заеднички настап организиран како производи од Македонија, што значи групно ќе се промовираат вината, овошјето или зеленчукот како македонски производи независно од субјектот кој ги произведува. Заедничката национално брендирана промоција и промотивните настани треба да придонесат за јакнење на имиџот на Македонија како земја во која се произведуваат квалитетни вина и квалитетно овошје и зеленчук, а со тоа и да се зголемат и можностите и условите за продажба на македонското вино, овошје и зеленчук на меѓународниот пазар.
Изборот на саемските манифестации е направен во координација со Здружението на производители и извозници на вино – Вина од Македонија, Македонската асоцијација на преработувачи на овошје и зеленчук, Здружението на производители на свежо овошје и зеленчук „Викторија“ и други.
Меѓу другите ќе се обезбеди присуство и на Хонгконшкиот интернационален вински фестивал кој се одржува во ноември 2015 година, саемот Фрутлогистика кој се одржува во февруари во Берлин, Провејн кој се одржува во март во Дизелдорф, Ануга кој се одржува во октомври во Келн, World Food кој се одржува во април во Варшава, саемот Продекспо, Мир Питание и други.
Трошоците кои ќе бидат покриени од страна на Владата се обезбедување и закуп на саемски простор, изработка на заеднички национален павилјон со тематски штандови, покривање на националното презентирање со подготовка на промотивни материјали и активности и други потреби.
Освен тоа што ќе се даде финансиска поддршка на саемски манифестации, Владата ќе финансира и ќе поддржи таргетирани настани за промоција на македонските вина.
Во текот на мај и јуни ќе бидат финансирани промотивни настани на македонското вино на територијата на САД, а конкретните градови ќе бидат утврдени во договор со компаниите. Во текот на месеците октомври и ноември ќе се даде поддршка и на одржување на таргетирани настани за промоција на македонските вина во Холандија, Данска, Швајцарија, Словенија и Англија.
Владата ќе ги покрие трошоците за закуп на простор каде што ќе се одржи настанот, за објава во дел од медиумите во односните земји, во промотивен материјал и други потреби.
Очекуваме со овие мерки и активности да се придонесе во поддршка на бизнис заедницата и да се помогне во пласманот на нивните производи на светски пазари. За илустрација на продуктивноста на овој пристап говори и фактот дека во 2013 година, македонските компании кои преку програмата на Владата присуствуваа на ваквиот тип на настани, само во деновите на одржување на саемот склучија зделки со странски компании за пласман на македонските производи на странски пазари во висина од над 12 милиони евра. Оваа година очекуваме овој потенцијал дополнително да се развие и да се обезбедат нови договори на нашите компании, рече Ѓорѓиев. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска: Зголемувањето на учеството на жените во работната сила може да придонесе за повисок економскиот раст
Зголемувањето на учеството на жените во работната сила ќе овозможи повисок економски раст, којшто целосно ќе ги надомести загубите предизвикани од пандемијата. ММФ проценува дека кај брзорастечките и економиите во развој, БДП може да се зголеми за околу 8% во наредниот период од 5 години, доколку се зголеми стапката на учество на жените во работната сила за 5,9 п.п. Намалувањето на јазот помеѓу учеството на мажите и жените во работната сила е една од значајните реформи коишто носителите на политиките може да ги преземат за зголемување на економскиот раст, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на конференцијата „Успешни жени за успешен регион“, во организација на иницијативата Жени во органите на управување Јадран (Women on Board Adria − WOBA).
Гувернерката истакнува дека јазот помеѓу учеството на мажите и жените во работната сила е еднакво широк, како пред триесетина години, така и денеска, како глобално (47% од работоспособното женско население, наспроти 72% мажи), така и кај нас (учеството на жените во работната сила е само околу 43%, а на мажите околу 62%). „Тој се објаснува со несоодветните законски решенија, нееднаквиот пристап до средства, вклучително и финансиски, до услуги (здравствени, образовни услуги, згрижување деца), општествените норми, дискриминаторските ставови и други пречки поради кои жените не можат да го изразат целосно својот економски потенцијал. Доколку се продолжи со постојните политики, не би можело да се очекува поголемо подобрување“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката истакна дека еден од важните аспекти во однос на родовата еднаквост е зајакнувањето на напорите за застапување за женското претприемаштво. Се оценува дека со зголемувањето на економското учество на жените, особено во микро, малите и средните претпријатија, може да дојде до поттикнување инклузивен раст, имајќи предвид дека овие претпријатија придонесуваат за 74% од вработеноста и 68% во додадената вредност во домашната економија. Таа најави дека наскоро Народната банка ќе склучи меморандум за соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), којшто предвидува спроведување пилот-проект насочен кон поддршка на женското претприемаштво и финансиската вклученост на жените претприемачи. „Со оваа активност, го прошируваме нашето дејствување, покрај веќе воспоставените активности во доменот на финансиската едукација, со кои се унапредува познавањето на сѐ посложените финансиски услуги, во време кога дигиталната трансформација го менува пејзажот на достапните финансиски продукти“, вели гувернерката.
Говорејќи на панел-дискусијата „Жени во управни одбори − силни одбори, силно стопанство, силно општество“, гувернерката посочи и дека Народната банка е добар пример во меѓународни рамки за еднаквата родова застапеност, што се потврдува и со податокот дека две години по ред, од страна на британскиот форум ОМФИФ, Народната банка е рангирана на првото место во светот, помеѓу централните банки, според застапеноста на жените на раководните позиции. „Она што го правиме е всушност, обезбедување подеднаква можност за сите врз основа на образованието, вештините, способноста да се работи во тим, да се биде иновативен, проактивен, креативен“, порача Ангеловска-Бежоска.
На панел-дискусијата на која говореше гувернерката, учествуваа и вицепремиерот задолжен за европски прашање, Бојан Маричиќ и претседателката на Надзорниот одбор на „Прокредит банка“, Јованка Јолеска-Поповска и директорот на производство на „Џонсон Мети“, Боријан Борозанов.
Економија
Денеска почнува Глобалната недела на парите 2024: „Заштитете ги вашите пари, обезбедете ја вашата иднина“
Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, од денеска до 24 март, дванаесетта година по ред, ја одбележуваат Глобалната недела на парите. Глобалната недела на парите традиционално се одбележува преку предавања и објавување едукативни материјали од областа на финансиите.
Темата на која е посветена годинешната Глобална недела на парите е: „Заштитете ги вашите пари, обезбедете ја вашата иднина“ (Protect your money, secure your future), којашто се однесува на безбедното управување со парите и јакнењето на свеста за потенцијалните ризици во финансискиот сектор и заштитата на личните финансии. Таквите ризици вклучуваат финансиски измами, вклучително и сомнителни пораки (фишинг), измами при купување преку интернет, како и ризици поврзани со приватноста на податоците, како што е кражбата на идентитетот. Најчесто младите се жртви на финансиски измами, поради нивниот постојан допир со технологиите и пониската информираност за можните опасности при користењето на современата технологија и современите начини на плаќања за обезбедување нови финансиски производи и услуги. Оттаму, темата на овогодишната Глобална недела на парите ги поттикнува младите луѓе да гледаат подолгорочно и да бидат претпазливи при носењето финансиски одлуки и користењето на современите технологии.
Во рамките на одбележувањето на Глобалната недела на парите, Народната банка ќе организира повеќе предавања за учениците од основните и средните училишта. Народната банка организациски го поддржува и националниот натпревар на Европскиот квиз на парите 2024 година, којшто ќе се одржи за време на Глобалната недела на парите.
Во меѓународни рамки, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот и со која се опфатени 60 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Повеќе информации за Глобалната недела на парите се достапни на врската: www.globalmoneyweek.org
Економија
Џафери: Периодот на набавката на автомобилите не е поврзан со изборите, туку со времетраењето и километражата
Набавката на службените автомобили на лизинг е пракса со години и соодветните анализи покажале дека трошоците со лизингот се помали, изјави премиерот Талат Џафери прашан за набавката на 45 нови возила на Владата.
„За периодот на лизинг колку што трае, гаранцијата и одржувањето е на давателот на услугата, а не на побарувачот. Во тој контекст, по пет години, ако останат во институцијата, одржувањето би било поскапо. Оттука лизингот би требало да е поевтино решение имајќи превид дека нема последователно во одржувањето да се трошат средства“, рече Џафери.
Прашан за периодот на набавка, односно дека постапката се случува во предизборието, Џафери објасни дека тоа зависи од моментот на заменливоста. Претходните договори, вели Џафери, се поврзани или за времетрањење или со поминати километри.
СОЗР овој пат бара целосно нови 45 дизел-возила (лимузини) од минимум 2.000 кубни метри моторна зафатнина. Отворањето на понудите ќе биде по електронски пат на 27 март. Понудата нема да биде прифатлива доколку има „невообичаено ниска цена“.
По истекот на тригодишниот договор, операторот ќе си ги врати за себе автомобилите, но во текот на тригодишниот договор ќе биде должен да обезбедува сервис, осигурување, регистрација, промена на пневматици, зелен картон, пренос на дефектно возило за репрезентативните автомобили.
Во претходниот тригодишен циклус Владата набави 45 луксузни возила „шкода суперб“, со погон на четири тркала, во вредност од 1,5 милион евра, без ДДВ. Месечниот лизинг за едно возило, според договорот, изнесуваше 60 илјади денари со вклучен ДДВ, а вкупната цена на едно возило достигнуваше околу 40 илјади евра. И овој пат е предвидена километража од 120.000 километри за тригодишниот период од возило.
Владата, односно Службата за општи и заеднички работи, ќе има обврска кон лизинг-компанијата по завршувањето на оперативниот лизинг, да плаќа од поминат километар за секое возило.
Од Владaта оценија дека оперативниот лизинг е најповолното решение и дека така ќе се заштеди затоа што операторот постојано ќе обезбедува сервис и министрите нема да останат без возило во случај на дефект на она што им е задолжено.