Македонија
Груевски оствари средби со менаџментот на индиските компании БРГ и ОПГ Груп
Премиерот Никола Груевски, во рамките на својата посета на Индија, во градовите Калкута и Ченаи оствари повеќе поединечни средби со претставници на компании на кои ги престави можностите за инвестирање кои се нудат во Македонија.
Груевски се сретна со менаџментот на компанијата ОПГ Груп која се занимава со изградба на термоцентрали и производство на електрична енергија, произведува околу 800 мегавати годишно и има свои објекти низ цела Индија. Компанијата котира на Лондонската берза и има проценета вредност од милијарда евра.
Премиерот ги објасни условите за водење на бизнис во Македонија и добрата бизнис клима која треба да ја искористат инвеститорите. Тој истакна дека државата го поседува најповолниот даночен пакет, пристап до 650 милионскиот пазар на Европа и слободни економски зони кои се развиваат.
„Имавме средба со крупна компанија која вреди над една милијарда евра која котира на Лондонската берза и која е во бизнисот за производство на електрична енергија од јаглен. Тие имаат интерес да инвестираат во Македонија. Сега сме во почетни разговори. Ќе дојдат да направат анализи, така што и тоа е една голема можност“, изјави Груевски.
Оперативниот директор на ОПГ Груп, Арвинт Гупта, истакна позитивна оценка за поволностите кои ги обезбедува нашата земја и активностите на Владата за промоција на истите.
„Ние како ОПГ сме заинтересирани да инвестираме во Македонија и да изградиме големи термоцентрали. Ние се интересираме за изградба на термални централи и соларни централи во Македонија и нашата компанија е длабоко навлезена во овој бизнис во Индија. Владата ги прави најдобрите можни напори, атмосферата која ја креира овозможувајќи лесно да се води бизнис во Македонија и помагајќи ги стопанствениците да ги развиваат нивните бизнис иницијативи се многу позитивни чекори, особено овозможувајќи режим на ниски даноци и убеден сум дека многу други поради ова би правеле бизнис и би лоцирале капацитети во Македонија“, рече Гупта.
Финансискиот директор на ОПГ Груп, Нарајан Сами ги изрази интересите на својата компанија за инвестиции.
„Управуваме со многу електрични централи во Индија. Ние сме заинтересирани за поставување на термоцентрали во Македонија и тоа е нешто за што дискутираме со Владата на Македонија. Ангажирањето на премиерот и неговата лична вклученост за привлекување на инвестиции во Македонија е многу очигледна денеска и искреноста на целиот тим е забележлива. Мислам дека Македонија е екстремно атрактивна за инвестирање поради пристапноста до европскиот пазар, царинските олеснувања и логистика, како и фактот што трошоците за производство се ниски во Македонија и што Владата има отворен и пријателски однос спрема индустријата“, појасни Сами.
ОПГ Груп е компанија која е пионер во бизнисот со изградба и работа на електрични и термоцентрали во Индија.
Премиерот Груевски во Калкута ја посети компанијата БРГ и оствари средба со нејзиниот менаџмент. Оваа фирма е од сферата на металната и дизајнерската индустрија, со главен фокус за изработка на метални производи за кујни за домаќинствата. Компанијата има 15 илјади вработени во повеќе свои капацитети низ светот, и има капитал проценет на 980 милиони долари. Менаџментот на оваа компанија се интересираше за условите за водење бизнис во Република Македонија разгледувајќи ја можноста за отпочнување на свој бизнис и производство во државата.
„Се сретнавме со компанија од областа на металната индустрија, а покрај изработката на метални профили тие имаат и фабрика за изработка на различни метални производи за кујни, така што разговаравме за можноста да инвестираат во Македонија да отворат свој капацитет за европскиот пазар од каде што ќе произведуваат и извезуваат низ цела Европа. Со нив ќе имаме уште средби и ќе разговараме за повеќе детали“, рече по средбата македонскиот премиер.
Извршниот директор на БРГ, Санџај Реј Бандари истакна дека неговата компанија сериозно размислува за инвестирање во Македонија.
„Ние сериозно размислуваме да сместиме неколку производствени погони во Македонија. За таа цел ние сме во блиски разговори за остварување на една браунфилд инвестиција во Македонија и во неколкуте наредни месеци ние би требало да финишираме со разговорите. Во однос на натамошни планови, со активна поддршка и помош на Владата планираме да инвестираме во други погони во Македонија, така што имаме поголем план да започнеме бизнис со производство. Ние сметаме дека Македонија е многу соодветна земја за инвестирање во индустриско производство и мислиме дека е соодветна локација која треба да се искористи како порта кон балканскиот и европскиот пазар, и источно европскиот пазар. Поради договорите за слободна трговија со европските држави се создава добра бизнис логика да се произведува во Македонија и да се произведува за различните држави во Европа“, изјави Бандари./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска: Зголемувањето на учеството на жените во работната сила може да придонесе за повисок економскиот раст
Зголемувањето на учеството на жените во работната сила ќе овозможи повисок економски раст, којшто целосно ќе ги надомести загубите предизвикани од пандемијата. ММФ проценува дека кај брзорастечките и економиите во развој, БДП може да се зголеми за околу 8% во наредниот период од 5 години, доколку се зголеми стапката на учество на жените во работната сила за 5,9 п.п. Намалувањето на јазот помеѓу учеството на мажите и жените во работната сила е една од значајните реформи коишто носителите на политиките може да ги преземат за зголемување на економскиот раст, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на конференцијата „Успешни жени за успешен регион“, во организација на иницијативата Жени во органите на управување Јадран (Women on Board Adria − WOBA).
Гувернерката истакнува дека јазот помеѓу учеството на мажите и жените во работната сила е еднакво широк, како пред триесетина години, така и денеска, како глобално (47% од работоспособното женско население, наспроти 72% мажи), така и кај нас (учеството на жените во работната сила е само околу 43%, а на мажите околу 62%). „Тој се објаснува со несоодветните законски решенија, нееднаквиот пристап до средства, вклучително и финансиски, до услуги (здравствени, образовни услуги, згрижување деца), општествените норми, дискриминаторските ставови и други пречки поради кои жените не можат да го изразат целосно својот економски потенцијал. Доколку се продолжи со постојните политики, не би можело да се очекува поголемо подобрување“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката истакна дека еден од важните аспекти во однос на родовата еднаквост е зајакнувањето на напорите за застапување за женското претприемаштво. Се оценува дека со зголемувањето на економското учество на жените, особено во микро, малите и средните претпријатија, може да дојде до поттикнување инклузивен раст, имајќи предвид дека овие претпријатија придонесуваат за 74% од вработеноста и 68% во додадената вредност во домашната економија. Таа најави дека наскоро Народната банка ќе склучи меморандум за соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), којшто предвидува спроведување пилот-проект насочен кон поддршка на женското претприемаштво и финансиската вклученост на жените претприемачи. „Со оваа активност, го прошируваме нашето дејствување, покрај веќе воспоставените активности во доменот на финансиската едукација, со кои се унапредува познавањето на сѐ посложените финансиски услуги, во време кога дигиталната трансформација го менува пејзажот на достапните финансиски продукти“, вели гувернерката.
Говорејќи на панел-дискусијата „Жени во управни одбори − силни одбори, силно стопанство, силно општество“, гувернерката посочи и дека Народната банка е добар пример во меѓународни рамки за еднаквата родова застапеност, што се потврдува и со податокот дека две години по ред, од страна на британскиот форум ОМФИФ, Народната банка е рангирана на првото место во светот, помеѓу централните банки, според застапеноста на жените на раководните позиции. „Она што го правиме е всушност, обезбедување подеднаква можност за сите врз основа на образованието, вештините, способноста да се работи во тим, да се биде иновативен, проактивен, креативен“, порача Ангеловска-Бежоска.
На панел-дискусијата на која говореше гувернерката, учествуваа и вицепремиерот задолжен за европски прашање, Бојан Маричиќ и претседателката на Надзорниот одбор на „Прокредит банка“, Јованка Јолеска-Поповска и директорот на производство на „Џонсон Мети“, Боријан Борозанов.
Економија
Денеска почнува Глобалната недела на парите 2024: „Заштитете ги вашите пари, обезбедете ја вашата иднина“
Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, од денеска до 24 март, дванаесетта година по ред, ја одбележуваат Глобалната недела на парите. Глобалната недела на парите традиционално се одбележува преку предавања и објавување едукативни материјали од областа на финансиите.
Темата на која е посветена годинешната Глобална недела на парите е: „Заштитете ги вашите пари, обезбедете ја вашата иднина“ (Protect your money, secure your future), којашто се однесува на безбедното управување со парите и јакнењето на свеста за потенцијалните ризици во финансискиот сектор и заштитата на личните финансии. Таквите ризици вклучуваат финансиски измами, вклучително и сомнителни пораки (фишинг), измами при купување преку интернет, како и ризици поврзани со приватноста на податоците, како што е кражбата на идентитетот. Најчесто младите се жртви на финансиски измами, поради нивниот постојан допир со технологиите и пониската информираност за можните опасности при користењето на современата технологија и современите начини на плаќања за обезбедување нови финансиски производи и услуги. Оттаму, темата на овогодишната Глобална недела на парите ги поттикнува младите луѓе да гледаат подолгорочно и да бидат претпазливи при носењето финансиски одлуки и користењето на современите технологии.
Во рамките на одбележувањето на Глобалната недела на парите, Народната банка ќе организира повеќе предавања за учениците од основните и средните училишта. Народната банка организациски го поддржува и националниот натпревар на Европскиот квиз на парите 2024 година, којшто ќе се одржи за време на Глобалната недела на парите.
Во меѓународни рамки, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот и со која се опфатени 60 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Повеќе информации за Глобалната недела на парите се достапни на врската: www.globalmoneyweek.org
Економија
Џафери: Периодот на набавката на автомобилите не е поврзан со изборите, туку со времетраењето и километражата
Набавката на службените автомобили на лизинг е пракса со години и соодветните анализи покажале дека трошоците со лизингот се помали, изјави премиерот Талат Џафери прашан за набавката на 45 нови возила на Владата.
„За периодот на лизинг колку што трае, гаранцијата и одржувањето е на давателот на услугата, а не на побарувачот. Во тој контекст, по пет години, ако останат во институцијата, одржувањето би било поскапо. Оттука лизингот би требало да е поевтино решение имајќи превид дека нема последователно во одржувањето да се трошат средства“, рече Џафери.
Прашан за периодот на набавка, односно дека постапката се случува во предизборието, Џафери објасни дека тоа зависи од моментот на заменливоста. Претходните договори, вели Џафери, се поврзани или за времетрањење или со поминати километри.
СОЗР овој пат бара целосно нови 45 дизел-возила (лимузини) од минимум 2.000 кубни метри моторна зафатнина. Отворањето на понудите ќе биде по електронски пат на 27 март. Понудата нема да биде прифатлива доколку има „невообичаено ниска цена“.
По истекот на тригодишниот договор, операторот ќе си ги врати за себе автомобилите, но во текот на тригодишниот договор ќе биде должен да обезбедува сервис, осигурување, регистрација, промена на пневматици, зелен картон, пренос на дефектно возило за репрезентативните автомобили.
Во претходниот тригодишен циклус Владата набави 45 луксузни возила „шкода суперб“, со погон на четири тркала, во вредност од 1,5 милион евра, без ДДВ. Месечниот лизинг за едно возило, според договорот, изнесуваше 60 илјади денари со вклучен ДДВ, а вкупната цена на едно возило достигнуваше околу 40 илјади евра. И овој пат е предвидена километража од 120.000 километри за тригодишниот период од возило.
Владата, односно Службата за општи и заеднички работи, ќе има обврска кон лизинг-компанијата по завршувањето на оперативниот лизинг, да плаќа од поминат километар за секое возило.
Од Владaта оценија дека оперативниот лизинг е најповолното решение и дека така ќе се заштеди затоа што операторот постојано ќе обезбедува сервис и министрите нема да останат без возило во случај на дефект на она што им е задолжено.