Македонија
Компании дискутираа за можностите за извоз и за предизвиците
Тркалезна маса на тема „Развој на извозот и можности за трговски партнерства“, се одржа во средата во Скопје во организација на Македонија2025.
На тркалезната маса се дискутираа можностите за извоз на македонските компании, предизвиците со кои се соочуваат при откривање на нови пазари и промените кои треба да бидат имплементирани за да бидат поконкурентни.
Претседавачи со тркалезната маса беа Вера Ставроф, Претседател и Извршен Директор на HerbalScience и член на Одборот на директори на Македонија2025 и Живко Мукаетов, Извршен Директор и Претседател на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје, исто така член на Одборот на директори на Македонија2025.
На тркалезната маса учествуваа некои од најуспешните македонски компании од кондиторската индустрија, производители на вино и други прехрамбени производи кои веќе успешно извезуваат во регионот но и во светски рамки.
Мукаетов истакна дека овие се некои од клучните индустрии кои би можеле да и помогнат на Македонија да се позиционира како светски препознатлив бренд. Но, за да може сето тоа да се реализира потребна е синергија во дејствувањето на македонската бизнис заедница, институциите и на македонската бизнис дијаспора.
Македонија2025 како организација која има за цел да го помогне економскиот развој на земјата, преку својата глобална мрежа се труди да им ги отвори вратите на иновативните македонски компании кон светот. Тркалезната маса беше настан кој го најавува Форумот кој Македонија2025 ќе го одржи во Торонто, Канада на 23 и 24 октомври. Покрај бројните претставници од Северна Америка на Форумот ќе учествуваат и владини претставници од Македонија кои ќе ги презентираат инвестициските потенцијали на земјата како и бизнис делегација од Македонија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Министерството им излезе во пресрет на оризопроизводителите со дополнителна мерка
„Денеска одржав состанок со оризопроизводителите од кочанскиот регион на кој што присуствуваа и дел од откупувачите на ориз кои што се во Регистарот на Министерството. Разговаравме за актуелната состојба односно решавање на овој проблем кој што го наследивме од претходните години, кој што бил наталожен“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Тука сме да ја информираме јавноста и сите оризопроизводители дека по неколкучасовен состанок заклучокот е дека Министерството ќе оддели дополнителни 6 денари за откупена килограм оризова арпа од реколта 2024 година. Мерката треба да биде со важност од 1-ви ноември до 31 март 2025 година“, појасни министерот.
Министерот додаде дека сите оние кои што имаат предадено овој период ќе добијат дополнителна субвенција од 6 денари за килограм арпа.
„Дополнително обврската на Министерството е да преку Агенцијата за стокови резерви се изврши набавка на оризова арпа односно ориз за потребите на стоковите резерви. Знаете дека се изменети законските процедури, сите Правилници, во тек се подготовките за ваквата објава. Што значи дека на некој начин ќе се надмине проблемот со откупот од реколтата 2024 година“, нагласи министерот.
Тој посочи се решаваат наследени проблеми од претходната власт.
„Овој пласман на овој производ и сеидбата на оваа култура ја организираше некој друг министер од минатата Влада. И заради такви сериозни пропусти во организирање на овој важен стратешки сега земјоделски производ ние денеска како нова Влада мораме да се соочиме со решавање на проблемите“, истакна министерот.
„Со денешната мерка ќе се надмине оваа ситуација. Она што исто така е важно за мене како министер е дека покрај тоа што го решаваме проблемот од минатите години со пласманот, веќе работиме визионерски, домаќински како да се организира сеидбата која што ни е за неколку месеци од сега“, заклучи министерот.
Економија
Од полноќ поскапи бензин и дизел
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,00 % во однос на одлуката од 8.01.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,268%, кај дизелот за 1,330%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 1,389% и кај мазутот намалувањето е за 2,436%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,9486%.
Од 14.1.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 79,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 81,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 73,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 45,285 (денари/килограм)
Малопродажната цена бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 1,50 ден/лит.
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,426 ден/кг и сега ќе изнесува 45,285 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 14.1.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
ЕСМ склучи договор со фирмата „Топлина“ за ископ на јаглен
АД ЕСМ склучи договор со фирмата „Топлина“ за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во РЕК „Битола“.
Станува збор за привремено ангажирање економски оператор до изборот на изведувач на објавениот јавен повик за истиот предмет на набавка за кој постапката за избор на изведувач е сè уште во тек.
„Изборот е направен со претходно добиена согласност од Бирото за јавни набавки испратена до АД ЕСМ на 17 декември 2024 година преку постапка со преговарање во случај на крајна итност во согласност со член 55, став 1 од Законот за јавните набавки. Итноста се должи на потребата од обезбедување доволни количини јаглен за континуирано производство на електрична енергија во термоелектраните ‘Битола’ во согласност со планот за производство“, велат од ЕСМ.
За време на постапката, комисијата за јавни набавки при АД ЕСМ испратила покани до пет компании, кои во последните пет години за истиот предмет на набавка во својство на самостојни понудувачи редовно учествувале на јавните огласи за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина во РЕК ‘Битола’. Најниска цена за услугите понудила фирмата „Топлина“. Според преговараните услови, избраниот изведувач ќе ги извршува задачите за речиси 15 отсто пониска цена во однос на економскиот оператор со кој на почетокот на минатиот месец РЕК „Битола“ еднострано ја раскина соработката поради непочитување на одредбите од договорот.
АД ЕСМ ги потврдува своите заложби дека секој актуелен или иден економски оператор што ќе биде ангажиран во рудниците на РЕК „Битола“ ќе биде задолжен да работи исклучиво во согласност со постојниот рударски проект.