Македонија
Крушево ќе го развива авантуристичкиот туризам
Општина Крушево, швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) и параглајдинг клубот Хели потпишаа меморандум за соработка за ефикасна, континуирана и координирана соработка за развој на туризмот во Крушево, фокусирајќи се, пред сé, на развој на параглајдерството.
Со овој меморандум сите три страни се согласија да соработуваат во рамки на веќе формираната работна група за управување со дестинации, но и на осмислување и спроведување заеднички активности кои ќе ја подобрат туристичката понуда во Крушево.
„Како една од водечките 10 дестинации за параглајдерство во светот, Крушево како туристичка дестинација мора да се развива и да понуди содржини и услуги кои ќе соодветствуваат со потенцијалот кој го поседуваме за развој на овој тип туризам. Нашите анализи покажуваат дека за време на одржувањето на куповите и турите за параглајдерство, градот Крушево заживува, а локалната економија значително се подобрува“, изјави градоначалникот на Крушево, Ѓорги Дамчески.
Со помош на швајцарската програма ИМЕ ќе се примени една од најнапредните методологии за развој на туризмот, иновативниот модел за управување со дестинации развиен од Универзитетот Сент Гален од Швајцарија, со кој ќе се мапираат стратешките текови на посетители во дестинацијата, ќе се направи проценка на недостатоците во понудата и ќе се работи на прилагодување на туристичкиот производ за потребите на туристите.
„Потенцијалот на Крушево за развој на авантуристичкиот туризам е несомнен. ИМЕ програмата веќе неколку години работи на развивање на потенцијалите за авантуристички туризам во дестинациите во Македонија во кои работиме, пред сé, во насока на подобрување на системите за безбедност и управување со ризик, како важен сегмент во овој тип туризам. Со овој меморандум ќе се продлабочи нашата соработка со општината Крушево и со Хели клубот, а нашите заеднички активности ќе бидат во насока на подобрување на туристичката понуда на Крушево во претстојните сезони“, потенцираше заменик директорот на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост, Маријана Милевска.
Во Крушево годишно се одржуваат неколку шампионати за параглајдерство, на кои учествуваат голем број учесници со свои тимови. Сепак, покрај професионалните натпревари, Крушево поседува потенцијал и за дополнителен развој на туристичкото параглајдерство.
Според Игор Тодевски од Хели клубот, соработката со општината е одличен прв чекор во заедничките напори за јакнење на туристичкиот сектор во Крушево.
„Координацијата со локалната администрација е навистина важна во авантуристичкиот туризам. Мора заеднички да работиме со општината на обезбедување услови за развој на уникатен туристички производ од Крушево. Кога на таа соработка ќе се додаде и врвна швајцарска експертиза за туристички развој на дестинацијата, верувам дека Крушево може да достигне туристички стандарди кои ќе ги задоволат барањата на меѓународните туристи и параглајдинг ентузијасти“, рече Игор Тодевски.
Прв чекор во јакнење на соработката помеѓу приватниот и јавниот сектор во Крушево е отворање на Инфо пункт за параглајдерство, којшто ќе биде раководен од Хели клубот за параглајдерство од Крушево, на простор отстапен од страна на општината. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Работилници за одржлив туризам оваа недела во Скопје и Крушево
Одржливиот туризам се смета за суштинска и долгорочна економска исплатливост на дестинациите. Со заштита на природните и културните добра, дестинациите можат да привлечат посетители на долг рок, да ги диверзифицираат нивните туристички понуди и да ги поддржат локалните економии без да ги деградираат нивните ресурси или да го загрозат квалитетот на животот на жителите.
Градење на капацитите и зголемување на свеста за одржлив туризам со цел да се обезбедат насоки за туристичкиот сектор во нашата земја за да се зголеми нивната подготвеност за дојдовен туризам преку усвојување на одржливи практики во туризмот, е целта на трите работилници кои се организираат оваа недела во Скопје и Крушево.
Работилниците се во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Стопанската комора на Северна Македонија и Националната асоцијација за дојдовен туризам – НАИТМ, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Програмата за промоција на увозот (SIPPO) и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (IME).
Со овие активности фокусирани на одржливиот туризам, со интернационална експертиза и ресурси ќе им се помогне на бизнис организациите од областа на туризмот и приватниот туристички сектор во нашата земја, да го подобрат нивното разбирање за практиките за одржлив туризам со цел да ги интегрираат во нивните операции, преку пристап до релевантни алатки и најдобри практики од регионот и светот.
„Oдржливиот туризам е важен за одржување на деликатната рамнотежа помеѓу економскиот развој, зачувувањето на животната средина и социјалната еднаквост, поттикнувајќи одговорно патување кое им користи и на сегашните и на идните генерации. Со сѐ поголемиот притисок и новите регулаторни барања на ЕУ како и барањата од здруженијата за туризам во Европската Унија – бизнисите да усвојат одговорни практики, да се усогласат со прописите за животната средина и да се придржуваат до етичките стандарди, засегнатите страни во туристичката индустрија во сите земји сѐ повеќе ја препознаваат важноста на одржливоста во развојот на туризмот.“, изјави Даниела Михајловска Василевска, координатор на угостителство и туризам при Стопанска Комора на Северна Македонија
„Трендовите на пазарот и преференците на потрошувачите растат сѐ повеќе во делот на одржлив туризам бидејќи туристите бараат автентични, значајни искуства кои се усогласуваат со нивните вредности. Странските туристи се спремни да поддржат бизниси и дестинации кои покажуваат посветеност на одржливост, поттикнувајќи промена кон одговорни туристички практики. Одржливиот туризам може да биде и најдобрата компаративна предност на македонските дестинации во иднина, но потребна е заедничка напорна работа од страна на сите чинители во секторот и државата., истакна Влатко Сулев, претседател на здружението НАИТМ.
„Значајно е да се напомене дека неопходно е да се преземат мерки и активности кои го намалуваат загадувањето на природата, но секако и спроведување на стандарди за заштита на биодиверзитетот, животната средина и културното наследство. Особено доколку знаеме дека масовноста во туризмот носи зголемени негативни влијанија пред сѐ на животната средина. Затоа овие форми на туризам велимедека се посеопфатни, посовесни и поодговорни бидејќи нивна основна цел е да се одржи баланс помеѓу масовноста во туризмот и намалување на загадувањето и заштитата на животната средина. Токму затоа активностите на Агенцијата за туризам и во наредниот период ќе бидат насочени кон организирање на низа обуки и работилници пред сѐ наменети за туристичкото стопанство, а ќе бидат во насока на подигнување на свеста за значајноста, придобивкитеи спроведувањетона мерки за одржливост во туризмот, како и промоција на одговорното патување. Реализирањето на дополнителните работилници во текот на годината се планира да биде во рамките на дестинациите во нашата земја, но и ќе останеме отворени за соработка со странските програми, фондови и амбасади за реализација на проекти во насока на градење на одржливи дестинации.“
„За следната година се разгледуваат можностите во соработка со странските партнери за имплементација на ЕСГ стандардите во рамките на хотелиерството, која ќе овозмозможи нивна поголема конкурентност, препознатливост, транспарентност, економски развој, но и привлекување на одржливо финансирање и инвестиции.”- изјави м-р Јасмина Лескаровска, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Преку заеднички напори, бизнис организациите, приватниот сектор и државните институции е потребно да работат заеднички за промовирање на одржливиот туризам како двигател на економскиот раст, општествениотразвој и зачувувањето на животната средина во земјата.
Економија
Дизелот од полноќ поевтин за 0,50 денари, цените на бензините остануваат исти
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,38 oтсто во однос на одлуката од 8.4.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,536%, кај дизелот намалувањето е за 0,730%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 0,580% и кај мазутот намалувањето е за 2,057%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,362%
Од 16.4.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 86,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 88,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 77,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 77,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 44,302 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,871 ден/кг и сега ќе изнесува 44,302 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 16.4.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Николовски: Украинци во Македонија учат како полесно да ги приспособат своите земјоделски политики со барањата на ЕУ
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, од денес, па до крајот на неделава, ќе биде домаќин на украинската делегација, предводена од заменик-министерот за земјоделска политика и храна на пријателска Украина, Маркијан Дмитрасевич.
„Нашата држава е посочена од Европската комисија како една од земјите која е на најнапредно ниво во делот на усогласеноста на земјоделскиот сектор со европските земјоделски политики и законодавство и користењето на средствата од ИПАРД во однос на другите земји кандидати за членство во ЕУ, што ме прави особено горд и е само уште една потврда за добро завршената работа“, изјави по средбата министерот Николовски.
Од некогаш заробена и изолирана држава, рече Николовски, денес Република Северна Македонија е земја пример, која своето искуство го пренесува на другите земји.
„Ми преставува особена чест што нашето искуство ќе имаме можност да го споделиме токму со украинската делегација, со цел полесно да ги приспособат своето земјоделство и политиките кон барањата на Европската Унија“, изјави министерот Николовски.
Украина е во почетна фаза на правните приспособувања кон законодавството на Европската Унија во делот на Законот за земјоделството, воспоставување платежна агенција и ИАКС, како и користење на претпристапните средства од ЕУ.
„Работната посета на украинската делегација треба да ѝ овозможи размена на македонските искуства за успешно воспоставување на политиките и системите во делот на Интегрираниот систем за администрација и контрола на државната поддршка во земјоделството и руралните средини (ИАКС), искуствата од воспоставување ЕРЗС, ЛПИС и ФАДН, подготовките за користење на ИПАРД-програмата и функционирањето на Платежната агенција“, изјави министерот Николовски.
За време на официјалната посета, украинските колеги, ќе остварат посета на Платежната агенција, а на теран презентирана ќе биде успешна ИПАРД-приказна, претставена преку винарницата „Мовино“ во Росоман. Дополнително, украинските колеги ќе бидат запознаени со функционирањето на подрачните единици на Министерството, како и со придобивките од спроведувањето на процесот за консолидација на земјишните парцели во Пелагонија.
Двајцата министри на денешната средба разговараа и за зголемување на заедничката соработка меѓу двете држави во делот на трговската размена.
„Минатата година потпишавме измени и дополнувања на договорот за слободна трговија за натамошна либерализација на трговијата со земјоделско-прехранбени производи, со што овозможивме целосна либерализација за извоз во Украина на македонските домати, зелка, краставици, грозје и јаболка и увоз на украински месо и месни производи, како и производи од маслодајни култури. Со измените се постигна многу поголема либерализација во врска со правилата за потекло, односно ако досега за извоз и увоз се користеа само суровини со потекло од Македонија и Украина, со овие нови правила се овозможи да се користат и ЕУ-суровини. А ова значително влијае на зголемување на трговската размена и девизниот прилив“, изјави министерот Николовски.
Министерот Николовски изрази благодарност за честа да ѝ бидеме домаќини на украинската делегација посакувајќи овие неколку дена да уживаат во убавините на Македонија додавајќи дека посакува да се оствари заедничката желба набргу двете држави да бидат заедно во Европската Унија како рамноправни членки на европското семејство.